Љубовно писмо кон ирскиот фолклор носи книгата „Воините на загубената плима“ од Кетрин Дојл

Македонскиот превод на книгата е во издание на „Антолог“

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје во рамките на проектот „Создадено во Европа: Моќта на различноста“ ја објави книгата „Воините на загубената плима“ од Кетрин Дојл. Вториот дел од прекрасната трилогија за тинејџери, напишана со многу фантазија, е љубовно писмо упатено кон ирскиот фолклор, исполнето со длабоко вкоренета магична историја што се распространува низ целото дело.

Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата „Циркулација на европски книжевни дела“ во склоп на „Креативна Европа“ на Европската Унија – Потпрограма „Култура“. Преводот на македонски јазик е на Владимир Јанковски.

Авторката Кетрин Дојл израснала покрај Атлантскиот Океан во западна Ирска. Нејзината љубов кон читањето почнала со големите ирски митови и легенди, кои ѝ ја поттикнале амбицијата еден ден и таа да напише книга во која ќе биде искористено нивното богатство.

Дипломирала психологија, а магистрирала издаваштво на Националниот универзитет на Ирска. Инспирацијата за серијалот „Островот на Чуварот на бурата“ ја пронаоѓа во домот на нејзините предци на островот Аранмор, каде што пораснале нејзините баба и дедо. Кетрин Дојл живее во Голвеј, но често престојува во Лондон и во САД.

Кетрин Дојл

Владимир Јанковски (1977) е прозаист и преведувач. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работел како уредник во неколку издавачки куќи. Објавил три романи, две книги со фотоесеи (во соработка во фотографот Иван Блажев) и две книги разговори со Влада Урошевиќ. За романот „Скриени желби, немирни патувања“ ја добил наградата „Роман на годината“, а за „Невидливи љубови“ наградата „Рациново признание“.

Во 2022 година од Македонската асоцијација на издавачи ја добива наградата „Автор на годината“. На македонски јазик превел книги од Маргарет Атвуд, Дубравка Угрешиќ, Горан Трибусон, Чарлс Буковски, Зоран Фериќ, Ден Роудс, Милош Црњански, Филип К. Дик, Кетрин Дојл и други.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 220, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3.3.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот