Литургискиот зборник „Отца и Сина и Достојно ест“ на Александар Гулевски е со невматска нотација

Зборникот содржи четириесет авторски композиции од евхаристискиот канон

Неодамна од печат излезе музичкиот литургиски зборник со невматска нотација „Отца и Сина и Достојно ест“ на Александар Гулевски. Предговорот на зборникот, достапен на македонски, српски, руски и англиски јазик, напишан е од псалтот Никола Попмихајлов, раководител на српскиот византиски хор „Мојсије Петровиќ“ од Белград, кој наедно се јавува и како рецензент на зборникот.

Зборникот е отпечатен со благослов на Неговото високопреосвештенство, митрополит Преспанско-пелагониски и администратор австралиски и новозеландски г. Петар, а во рамките на издавачката дејност на Преспанско-пелагониската православна епархија.

Зборникот содржи четириесет авторски композиции од евхаристискиот канон, компонирани на осум византиски гласа (музички скали) и претставува прво остварување од ваков вид во рамките на автокефалната Македонска православна црква – Охридска архиепископија.

Познато е дека во Македонската православна црква – Охридска архиепископија сè уште се користат литургиски музички зборници со западна нотација, ретко со невматска, и тоа најчесто од српски и бугарски автори (Стеван Мокрањац, Манасиј Поп Тодоров, Петар Динев и др.).

Појавувањето на музичкиот литургиски зборник „Отца и Сина и Достојно ест“ на Александар Гулевски, всушност, ја пополнува празнината од немање на ваков вид музичка литература кај нас од домашен автор, не само во рамките на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, туку и во рамките на македонската црковна музика, воопшто.

Александар Гулевски

Печатењето на музичкиот зборник „Отца и Сина и Достојно ест“ го овозможија Преспанско-пелагониската митрополија, црквата „Св. вмч. Димитриј“ – Битола, ДООЕЛ Јосифов, „Пела Роса“ и „Адинг Центар“ од Битола.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 183, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 17-18.6.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот