Лидерите тешко ќе се спојат, изборите уште потешко

лидерска средба собрание
Лидерска средба во Собрание / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Премиерот Димитар Ковачевски не исклучува нова средба со Мицкоски, но, како што рече, со присуство на сите претседатели на партии. Сепак, неизвесно е дали Ковачевски ќе закаже средба, бидејќи лидерската ја услови со претходно гласање на уставните измени, што пак за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо

Премиерот Димитар Ковачевски ќе треба да пресече дали и кога ќе свика лидерска средба за да се договорат датумите за претседателските и за парламентарните избори, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара состанок, а Ковачевски не исклучи нова средба, но, како што рече, со присуство на сите претседатели на партии.

Од ВМРО-ДПМНЕ за „Слободен печат“ велат дека понудата за лидерска средба е токму во форматот за кој зборува Ковачевски, односно на неа да учествуваат сите лидери за со консензус да се договори датумот за изборите. Сепак, неизвесно е дали Ковачевски ќе закаже средба, бидејќи лидерската ја услови со претходно гласање на уставните измени, што пак за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо. Во спротивно, според премиерот, и претседателските и парламентарните избори ќе се одржат во редовниот термин.

– Ние можеме уште во понеделник да закажеме седница на Собранието на која ќе бидат изгласани уставните амандмани и истиот ден да се закажат предвремени парламентарни избори. На маса останува и предлогот да почне процесот на уставните измени, ВМРО-ДПМНЕ да биде дел од Владата како што бараа и притоа да биде завршен скринингот, да се отворат поглавјата од првиот кластер, да затвориме едно или две поглавја, и потоа да одиме на претседателски и на парламентарни избори, што секако би претставувало некаков договор во однос на најважното прашање кое го имаме за граѓаните и за државата – порача Ковачевски од Гранада, Шпанија.

Како што веќе објавивме, одговорот на власта е дека на маса останува отворена понудата до Мицкоски веднаш да се оди на парламентарни избори ако ВМРО-ДПМНЕ гласа за уставните измени. Власта е подготвена да го прифати и барањето на Мицкоски да се оди на споени претседателски и парламентарни избори, но претходно да се донесат уставните измени. Во спротивно, според Ковачевски, парламентарните и претседателските избори се дефинирани со закон.

Премиерот му одговори на Мицкоски и за барањето на лидерската да се разговара за измените на Изборниот законик, односно да се внесат препораките на ОБСЕ и ОДИХР. Тој потсети дека на тоа работи работна група при Министерството за правда во која нема претставник на ВМРО-ДПМНЕ.

– Во таа работна група учествуваат претставници на сите политички партии, освен претставник на ВМРО-ДПМНЕ, по нивна волја. Иако кога се формираше работната група не само што беа повикани, туку и беше понудено претседател на Комисијата да биде предложен од ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа тие одбија. Кај нас точно е дефинирано кога ќе се одржат претседателските избори и кога ќе се одржат парламентарните избори во нивните редовни термини – рече Ковачевски.

За забелешката на опозицискиот лидер дека на шест месеци пред изборите уште нема покани за набљудувачките мисии, Ковачевски рече дека поканите ќе се испратат штом ќе се распишат изборите.

И додека нема договор ни за уставните измени ни за изборите, власта и опозицијата се согласуваат дека ако има предвремени избори, ќе нема техничка влада, во спротивно во последните 100 дена власт со Владата ќе раководи Албанец технички премиер, според договорот помеѓу експремиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети.

– Засега остануваме на ставот за 100 дена премиер Албанец, освен ако ВМРО-ДПМНЕ не ги гласа уставните измени, тогаш ќе се откажеме. Кандидатот за премиер Албанец треба да биде предложен од Ахмети. Неговите одлуки за државата секогаш биле добри и сите граѓани виделе добро од нив – рече првиот вицепремиер Артан Груби во интервју за ТВ Канал 5.

Претходно и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека доколку изборите се редовни тогаш останува техничката влада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот