Легенди на Олимписки игри: Мајкл Фелпс – „куршумот од Балтимор“

EPA/ESTEBAN BIBA

Пливачот од САД е најтрофејниот спортист во историјата на Олимписките игри со 23 златни медали, од кои дури осум освои на Игрите во Пекинг 2008 година, што исто така е рекорд кој тешко дека ќе биде надминат.

Интересно е што за најдобриот олимпиец во историјата не се знае и дека во јуниорските денови често губеше на натпреварувањата од поранешниот НБА кошаркар и поранешен сопруг на Ким Кардашијан, Крис Хамфрис.

Мајкл Фелпс кој е роден во Балтимор, уште од мал беше хиперактивен, а пливање почна да тренира на седум години кога преку базенот најде начин како да ја потроши неограничената енергија. Тренерите го научија како тоа да го направи на најдобар начин, а Мајкл Фелпс стана најтрофејниот олимпиец на сите времиња.

EPA/SEBASTIEN NOGIER

-Еден од неговите учители ми рече дека Мајкл не може да се фокусира на ништо. Се консдултирав со лекар кој ми ја даде дијагнозата, тоа беше АДХД или пореметување на внимание – изјави неговата мајка, Деби Фелпс.

Популарниот „куршум од Балтимор“ дебито на Олимписките игри го имаше во 2000 година во Сиднеј кога не освои ниту еден медал, но самиот настап на најголемиот спортски самит беше драгоцено искуство бидејќи Фелпс имаше само 15 години.

Во наредните три години, Мајкл Фелпс го покажа својот потенцијал соборувајќи неколку светски рекорди и на Олимписки игри во Атина 2004 година, пристигна со статус на еден од најдобрите пливачи во тоа време иако имаше само 19 години. Настапот во Атина го заврши на доминантен начин, со освоени шест златни медали и само два бронзени.

EPA/BERND THISSEN

Токму овој резултат беше еден од најголемите успеси во историјата на пливачката репрезентација на САД, и претставуваше нешто дотогаш невидено од Игрите во Минхен 1972 година кога исто така Американецот Марк Шпиц освои седум златни медали.

Во наредните четири години и следните ЛОИ, фокусот на Фелпс беше како да го собори рекордот на Шпиц. Дополнителна инспирација за „куршумот од Балтимор“ претставуваше и изјавата на австралискиот пливач Јан Торп кој во една прилика изјави дека не е возможно некој да освои осум златни медали.

Но, Фелпс на Игрите во Пекинг 20008 година, го направи токму невозможното, осум пати се искачи на победничкиот пиедестал и тоа на трките на 200 метри слободно, 100 метри пеперутка, 200 метри пеперутка, 200 метри мешано, 400 метри мешано, и на штафетните трки на 4х100 слободно, 4х200 метри слободно и на 4х100 мешано и се запиша во историјата на спортот.

EPA/ETTORE FERRARI

Неверојатниот успех во Пекинг не му беше доволен, и на Игрите во Лондон 2012 година освои уште четири златни медали со што дојде до бројката од 18 златни медали на Олимписките игри и го собори рекордот на гимнастичарката од поранешниот СССР, Лариса Латинина која беше најтрофејна олимпијка со 18 освоени медали. Но, Фелпс по Игрите во Лондон имаше освоено само 18 златни медали и уште по два сребрени и бронзени медали по што одлучи да се пензионира остварувајќи ја целтѕа.

Но, желбата за натпреварување, го натера да ја прекине пензијата по само нешто повеќе од една и пол година и повторно да се врати во базените. Неговото враќање на најголемата спортска сцена, на ЛОИ во Рио де Жанеиро 2016 година, беше спектакуларно, Фелпс освои дури пет златни медали и тоа 200 метри пеперутка, на 200 метри мешано и на штафетите на 4х100 метри слободно, 4х200 метри слободно и на 4х100 метри мешано и дојде до бројката од освоени неверојатни 23 златни медали во историјата на Олимписките игри, рекорд кој со децении нема да биде соборен. По Игрите во Рио де Жанеиро, одлучи дефинитивно да замине во пензија.

Според постигнатите резултати, освоени медали, победи, соборени светски рекорди, Мајкл Фелпс за многумина е најголемиот спортист во историјата. Тој успеа да го трансформира спортот со кој се занимаваше и стана синоним за пливањето како што Мајкл Џордан е синоним за кошарката….

Фелпс ги натера сите, од тренери до пливачи поинаку да размислуваат за иднината. Неговата градба, долгите раце и телото, големита стапала кои се како пераи, техниката на пливање – сè се тоа стандарди кои сите сакаат да ги достигнат.

Покрај 28 медали освоени на ОИ (23 златни, 3 сребрени и 2 бронзени), Фелпс има и 33 медали на Светѕските првенства (26 златни, 6 сребрени и еден бронзен)

Откако го надмина спортот во кој од 2000 до 2016 година доминираше во базените, Мајкл Фелпс одлучи да се трка и со бела ајкула. Користејќи пераи, Фелпс стигна само со две секунди заостаток зад белата ајкула во симулирана трка на 100 метри. Трката беше организирана во Јужна Африка за потребите на ТВ каналот Дискавери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот