Лебот се „пече“ со зголемени трошоци, засега нема нови цени

Profimedia
Леб, Фото: Profimedia

Цената на лебот е многу чувствителна тема, па затоа не е чудно што ниту еден од мелничарите или поголемите фурни, не сакаше јавно да одговори на прашањето на „Слободен печат“, дали се планира поскапување на лебот. Она што е извесно во моментот е фактот дека цената на пченицата на светските берзи постојано расте, но од друга страна, цената на готовиот производ – брашното, кое се увезува кај нас, е стабилна и неговата набавна цена се движи од 17 до 18 денари за килограм. Во меѓувреме, поскапеа адитивите, амбалажата, транспортот, што одамна им остава простор на пекарите да интервенираат и кај лебот, но засега нема официјален договор на ниво на групација. Всушност, секој индивидуално проценува дали му се исплати да го поскапи основниот производ, велат доброупатените извори на „Слободен печат“. Тоа е и забележливо кај некои помали фурни, кои одредени видови на леб ги продаваат за 1,2 или 5 денари поскапо. Дел од пекарите се револтирани, па наместо одговор дали ќе има поскапување на лебот, посочуваат да се види за колку е поскапено маслото за јадење.   

– Во последните два месеца, имаше минимално зголемување на брашното, кое го увезуваме од Србија, но лебот не сме го покачиле. Од друга страна, сите репроматеријали и суровини се вивнаа, но сепак, калкулираме, а тоа ќе го правиме сѐ додека можеме. Во оваа огромна криза, правиме внатрешни прераспределби, досега не сме отпуштиле ниту еден вработен, сѐ со цел да не се направи поголемо нарушување на пазарот – ни рекоа во една поголема пекарница.

Според податоците од Групацијата за мелничко-пекарска индустрија при СКМ, житните култури учествуваат со 41 отсто во вкупната површина под ораници и бавчи, а производството на пченица учествува со 51 отсто во вкупното производство на жита и се одвива на површина од околу 100.000 ха (просек 1995-2009). Вкупните потреби од пченица на мелничко-пекарската индустрија за производство на брашно и печива изнесуваат околу 300.000 тони годишно или 25.000 тони месечно. Со оглед дека домашната понуда е околу 223.000 тони, се проценува недостиг од околу 77.000 тони. Од оваа Групација, на почетокот на годината се пожалија дека повисоките цени на суровините на светските берзи, намалената потрошувачка кај нас и забраната за зголемување на цената на брашното, веќе влијаеле врз секторот.

– Нема официјален договор во врска со цените на лебот и тоа е оставено секој индивидуално да пресметува. Пекарите сами калкулираат, иако сите други влезни трошоци се зголемени. Но, најголемиот дел од мелниците во земјава се затворени и сите увезуваат брашно од Србија, како готов производ. Не е добро за една земја да нема производство на зрно, а тоа ќе ни се врати како бумеранг – велат дел од мелничарите.

Пандемијата не светско ниво веќе предизвика зголемување на цените кај многу берзански производи. Ако за овој период од годината, цената на еден тон пченица се движеше до околу 140 евра, сега варира меѓу 190 и 210 евра. Земјите во светот почнаа да си ги зголемуваат резервите на пченица, но охрабруваат прогнозите дека во следните десет години светското производство на жито ќе се зголеми за околу 85 проценти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот