Лани имало најмалку загинати во сообраќајни несреќи во државата

Фото: МИА

Во 2020 година 125 лица го загубиле животот во сообраќајќи, а повредени се околу 5.500 лица.

Лани се регистрирани најмалку загинати во сообраќајните несреќи на патиштата во државата во споредба со претходните години. Во 2020 година 125 лица го загубиле животот во сообраќајќи, а повредени се околу 5.500 лица.

Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата објаснуваат дека иако има намалување на бројот на жртвите, сепак во споредба со бројот на загинати и повредени во државите на ЕУ македонскиот е далеку од тој просек.

-Просекот во земјите членки на Европската Унија е пет загинати лица на 100 илјади жители или во апсолутни бројки тоа би значело дека доколку нашата држава сака да го достигне нивото на безбедност на земјите членки во Европската Унија тоа значи дека бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди на годишно ниво не треба да биде поголем од 100 загинати лица. Апсолутно се разбира дека ние не можеме да кажеме дека одредена бројка на загинати лица во сообраќајни незгоди е добра затоа што станува збор за човечки животи. Наша цел е да имаме колку што е можно помалку жртви во сообраќајни незгоди, вели Ристо Манчев од РСБСП.

За намалување на бројот сообраќајните несреќи со тешки последици од Советот посочуваат дека најдобри резултати се постигнуваат преку комбинација од превентивни и репресивни мерки. Затоа и годинава, во координација со МВР, акцентот ќе биде ставен и на превентивното дејствување и на засилените контроли.

-Целта на засилените котроли не е да се изрекуваат казни, туку неодговорните возачи да не го повторат прекршокот. Целта е побезбеден сообраќај и заштита на животот и здравјето на граѓаните, смета Манчев.

Додаде дека само со промена на лошите навики и културата на однесување во сообраќајот може да се подобри безбедноста, а со тоа да се намали бројот на загинати и повредени лица.

Инаку, според статистиката на МВР за бројот на сообраќајните несреќи во периодот од 2010 до 2020 година загинале вкупно 1652 лица, од кои најмногу се регистрирани во 2013 година кога загинале 198 лица. Во 2018 и 2019 година има значително намалување на жртвите во сообраќајни несреќи, а преклани бројот е поголем од ланскиот заради големата несреќа кај Ласкарци, во која загинаа 16 лица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот