
Крвав љубовен триаголник во Јужен Судан – офицери дознале дека се во врска со иста жена, во „тепачката“ загинале 14 војници
Се скарале двајца офицери – еден од таборот на претседателот Кир и друг од партијата на Мачар – откако се дознало дека се во врска со иста жена; престрелката што следела завршила со 14 мртви и повеќемина повредени.
Најмалку 14 војници се убиени, а повеќемина се повредени во Јужен Судан, откако расправија околу „љубовен триаголник“ довела до смртоносна престрелка, соопшти суданската Армија во средата.
Препорачано
Судирот меѓу припадници на Обединетите сили за заштита на ВИП личности, составени од владини трупи и опозициски борци, избувнал во понеделникот на пазар во близина на нафтно богатата област Абјеи Бокс, на границата меѓу Судан и Јужен Судан, пишува „CBS News“.
Порталот наведува дека кревкиот договор за поделба на власта меѓу претседателот Салва Кир и неговиот долгогодишен ривал Риек Мачар се распаѓа со месеци, заканувајќи се повторно да ја турне младата нација во граѓанска војна која во текот на 2010-тите однесе 400.000 животи.
Мачар минатиот месец беше обвинет за убиство, предавство и злосторства против човештвото и беше разрешен од функцијата прв потпретседател во единствената влада, што дополнително ги разгори стравувањата од нов судир.
Портпаролот на Мачар го осуди тој потег како „политички лов на вештерки“, пренесува Би-Би-Си.
„Се скарале кога се дознало дека се во врска со иста жена“
Според портпаролот на Народните одбранбени сили на Јужен Судан, Лулу Руај Коанг, расправијата во понеделникот избила меѓу двајца офицери – еден приврзаник на Мачар и еден поддржувач на Кир.
Коанг изјавил дека постојат две контрадикторни верзии за причината на фаталниот инцидент.
„Првата верзија вели дека станува збор за чисто лично недоразбирање меѓу двајцата офицери во чајџилница, а втората дека се работи за љубовен триаголник. Тие наводно се скарале откако се дознало дека се во романтична врска со иста дама“, рекол тој.
Убиени 14 војници, ранет и цивил
Ситуацијата ескалирала кога офицерот кој бил приврзаник на Мачар го застрелал колегата кој бил на страната на Кир, што ги натерало нивните телохранители да отворат оган.
Насилството потоа се проширило од пазарот до главните контролни пунктови и касарните, според Коанг.
„Вкупно се убиени 14 војници, шестмина од SPLA-IO (Мачаровата партија) и осум од SSPDF“, рекол тој.
Еден цивил бил фатен во вкрстениот оган, а неговата состојба сè уште не е позната. Петмина војници се ранети и се болнички згрижени. Коанг изјавил дека инцидентот не бил „политички мотивиран“, но дека е покрената истрага.
ОН: Јужен Судан на раб на нова војна
Шефот за човекови права на Обединетите нации предупреди минатиот месец дека Јужен Судан е на работ на нова војна, бидејќи речиси 2.000 цивили биле убиени во порастот на насилството оваа година.
Јужен Судан ја стекна својата независност од Судан во 2011 година, но брзо западна во петгодишна граѓанска војна.
Мировниот договор од 2018 година ги прекина борбите, но лидерите повеќепати не успеаја да одржат избори или да ги обединат своите вооружени сили. ОН, Африканската унија и соседните земји повикуваат на смирување во најновата држава во светот, наведува Би-Би-Си.