Креативно студио со „Шеа хоуммејд“: Празничната магија ни е најголема инспирација за изработката на новогодишни сапуни

Фото: Приватна архива

„Секоја состојка е одбрана со грижа и внимание, со цел да создадеме производ што ја чисти, ја негува и ја омекнува кожата“, вели Цветанка.

Приказната за „Шеа хоуммејд“ и за изработката на природни сапуни и козметички производи започнува како хоби, во кои се вклучени Цветанка и нејзините мајка и сестра. Иако тие имаат различни професии (економист, правник и архитект), желбата за експериментирање со природната козметика била голема, па така нивната изработка на природни сапуни прераснала во мал семеен бизнис, кој им ја буди креативноста и е нешто што навистина ги релаксира и ги исполнува.

Цветанка, од каде се роди идејата да почнете да изработувате природни производи за нега на лице и тело?

– Идејата настана спонтано, заедно со мојата сестра и мајка ми. Нашата почетна замисла да создадеме природни сапуни за нега на кожата се случи како реакција на потребата за поголема грижа за кожата во време на пандемијата на ковид-19. Секојдневната употреба на дезинфекциски средства предизвика голем проблем со сувост и иритација на кожата, па така со желба да пробаме да го решиме овој проблем и да бидеме сигурни што користиме за нашата кожа, почнавме со истражување и експериментирање со природни состојки за изработка на сапуни. Преку многу труд, со континуирана едукација и тестирање, успеавме да развиеме формули за сапуни што се природни, без употреба на хемиски супстанции, кои ја чистат и ја хранат кожата, а можат да ги користат и луѓе со чувствителна кожа. Откако ги изработивме првите сапуни, почнавме ние да ги користиме, а потоа ги споделивме со нашето семејство и пријатели. Бевме изненадени од нивната позитивна реакција. Поддршката и одличнaта реакција што ја добивме, не само што нè охрабри, туку и нè мотивираше да ги споделиме нашите производи со други луѓе, кои веќе покажаа интерес за сапуните и почнаа да нѐ прашуваат како може да ги купат.

Фото: Приватна архива

Во Вашиот асортиман има најразлични и уникатни форми на природни сапуни за тело. Каде наоѓате инспирација за нивната изработка?

– Инспирацијата за нашите сапуни произлегува од различни извори. Понекогаш, таа доаѓа од годишните времиња, од самата природа – вообичаено од боите и текстурите што ги забележуваме околу нас, а има и моменти кога инспирацијата ни доаѓа при самата изработка на сапуните. Креативната енергија и идеите се јавуваат спонтано и постепено, па така, од поедноставни форми на почетокот, почнавме да креираме разновидни форми како сапуни во облик на парче торта, крофна, мафини… Покрај тоа што сакаме да изгледаат убаво, сакаме тие да бидат и убаво спакувани, па затоа голем акцент ставаме и на самото пакување и декорирање. Во овој период, за време на новогодишните празници, нашата инспирација доаѓа од празничната магија, па така нашите последни сапуни се со уникатни новогодишни мотиви и бои. Подготвивме и новогодишни комплети со нашите производи, кои сметаме дека би биле идеална, уникатна и поразлична идеја за подарок.

Фото: Приватна архива

Како изгледа процесот на изработка и колку време Ви е потребно да ги изработите Вашите природни производи за нега на лице и тело?

– Процесот на изработка на нашите сапуни е внимателен и вклучува различни етапи. Тие се изработуваат исклучиво по пат на ладен процес, со цел да се задржат сите хранливи вредности од состојките кои ги користиме. Се загреваат маслата и путерите на ниска температура, потоа следува процесот на сапунификација. Следната фаза е лиење на смесата во форми со различни облици, во зависност од дизајнот на сапунот. Откако сапуните ќе се излеат во формите, започнува фазата на сушење на сапуните што трае околу 4 до 6 недели. Во овој период сапуните се оставаат да се сушат и да созреат пред да бидат спремни за употреба. Тоа значи дека за целиот процес на изработка на нашите природни сапуни, се потребни околу 4 до 6 недели. Ова го вклучува и времето потребно за изработка, сушење и стареење на сапуните, што резултира во висококвалитетен производ готов за употреба.

Фото: Приватна архива

Користите 100 отсто природни состојки. Кажете ни што содржат Вашите производи?

– Најгорди сме на фактот дека нашите производи се составени исклучиво од природни состојки, што ги прави идеални за кожата и за околината. Тие се рачна изработка а за нив користиме кокосово масло, маслиново масло, рицинусово масло, бадемово масло, шеа путер, какао путер и авокадо путер. Овие масла се познати по своите хидратантни и заштитни својства за кожата, ја негуваат, оставајќи ја хидрирана, здрава и блескава. Мирисот во нив потекнува од чистите есенцијални масла што имаат антибактериски, антивирусни и релаксирачки својства. Секоја состојка е одбрана со грижа и внимание, со цел да создадеме производ што ја чисти, ја негува и ја омекнува кожата. Освен нашите природни сапуни, изработуваме и балсам за усни, кремови за раце и лосиони за тело, кои исто така се изработени од овие природни масла и путери.

Фото: Приватна архива

Дали Вашите производи содржат некои алергени и колку се безбедни за нежната кожа кај децата?

– Како што напоменав и претходно, нашите сапуни се изработени исклучиво со природни состојки, создадени со цел да бидат нежни и безбедни за сите типови кожа, вклучувајќи ја и детската кожа. Тие не содржат штетни материи или агресивни состојки што често се наоѓаат во комерцијалните сапуни и производите за нега, па така софистицираните формули што ги користиме за нивна изработка, ги прават безбедни за употреба и кај децата.

Фото: Приватна архива

Според Вашето искуство, колку рачните изработки се ценети кај нас и каков е интересот на луѓето токму за Вашите природни производи?

– На наше големо задоволство во Македонија има сѐ повеќе луѓе што се интересираат, сакаат да користат природни производи и го препознаваат квалитетот и посветеноста во рачните изработки. Исто така, особена заинтересираност забележуваме кај сапуните во форми кои се многу уникатни и се одлична идеја за подарок. Многу сме среќни и задоволни поради големиот број позитивни повратни информации што ги добивме и знаењето дека нашите производи направиле позитивно влијание и предизвикале задоволство кај нашите клиенти, па тоа нè мотивира и понатаму да се развиваме и да го зголемуваме асортиманот на производи.

Фото: Приватна архива

 Цветанка ќе им подари два комплета со новогодишен мафин-сапун и балсам за усни на двајца читатели на „Слободен печат“.

Доколку ви се допадна нејзината приказна и сакате да добиете уникатна природна козметика, пријавете се на имејл-адресата [email protected], со назнака „За подарок“, каде што ќе ни ги пратите вашите лични податоци – име, презиме, телефонски број и адреса на живеење.

Со среќа!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот