Ковачевски на средба со лидерите на парламентарните партии

Средба на Ковачевски и Мицкоски/Фото: Влада на РСМ

Премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска во Собранието ќе одржи средба со лидерите на парламентарните политички партии, на која треба да се разговара за европскиот пат на земјава, како и за одлуките што во иднина треба да се носат со широк политички и општествен консензус.

– Средбата која ја свикува претседателот на Владата, се организира со цел да се отвори дискусија за европската иднина на Република Северна Македонија, но и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус. Поканата до претседателите на парламентарните политички партии ќе биде испратена во текот на утрешниот ден, соопшти Владата во најавата за свикување на средбата на 2 ноември.

Премиерот Ковачевски во саботата по увидот на градежните работи на делницата од патот Фариш – Прилеп изјави дека лидерската средба ја свикал со цел сите политички партии кои се застапени во Парламентот заедно да разговараат за европската иднина на државата и за сите одлуки коишто треба да бидат доносени во еден широк, општествен и политички консензус.

– Убеден сум дека ќе дадат поддршка во носењето на брзи и квалитетни одлуки во Собранието. Дел од разговорите, нормално ќе биде скрининг процесот којшто се одвива после првата меѓувладина конференција помеѓу нашата дражва и ЕУ, објаснувачкиот скрининг и подготовките за билатералниот скрининг, потоа сите оние клучни аспекти коишто се однесуваат на интегрирањето на државата во ЕУ, а тоа е, пред се, владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата и економските аспекти на нашата соработка со ЕУ, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека приклучувањето кон ЕУ не е само прашање на интеграција, не е само политичко прашање, туку веќе станува и економско прашање и сите граѓани можат да видат дека во справувањето со економската криза нашата дражва не е оставена сама, потенцирајќи дека она што го кажа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лакен, но и пораките упатени од Самиот на земјите од Западен Балкан одржан минатата недела во Берлин, покажуваат дека регионот и нашата држава се дел од активностите на Унијата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во саботата потврди дека ќе присуствува на средбата, најавувајќи дека на неа ќе ги презентира партиските ставови, кои е подготвен да ги браниме секаде во светот.

– Ќе дојдам на лидерската средба, ќе кажам јасно и гласно дека најреалната причина за која една лидерска средба би имала содржина се разговор за реалните проблеми на народот кој е гладен, а чиј излез се предвремени парламентарни избори, рече Мицкоски во обраќањето на партискиот настан насловен „Саем на промените што носат иднина!” по повод една година отчет за сработеното на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека во однос на промените на Уставот, тоа прашање е затворена тема за ВМРО-ДПМНЕ, затоа што, како што рече, уставни измени „нема да има под овие околности и без гаранции за нашата европска иднина заштитени од идни условувања од Бугарија”.

– Без јасни гаранции за европска иднина на Македонија каде што нема Бугарија да има можности да го кочи тој процес, без такви јасни гаранции за македонскиот идентитет, македонскиот јазик, уставни измени нема да има. Тоа треба секој да го знае, рече Мицкоски.

Потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбер Адеми во изјава за МИА нагласи дека претставници на партијата ќе присуствуваат на лидерската средба иницирана од премиерот Ковачевски.

– Со оглед на важноста на моментот низ кој поминуваме, како општество и како држава, сметам дека е правилно да се одржи ваква средба, бидејќи ситуацијата е сериозна и заслужува сериозен одговор и одговорност од сите политички партии, а особено уште повеќе кога имаме предвид дека за европската агенда, уставните измени за кои се потребни двотретинско на пратеници импонира неопходно седнување на една маса, соработка и заедничко одлучување на парламентарните политички партии, рече Адеми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот