Ковачевски-Голоб: Европскиот пат на Северна Македонија е еден од најзначајните гаранти за стабилноста на Западен Балкан

Фото: Влада на РСМ

Се договоривме и ќе се залагаме за зајакнување на билатералната соработка преку редовен политички дијалог, вклучително и преку одржување меѓувладина седница во текот на 2023 година за сите важни области за граѓаните. Заедно ја потврдивме потребата за зајакнување на стабилноста на регионот, посебно во актуелниот геополитички контекст, кога треба да се сочуваат европскиот мир и безбедност, изјави премиерот Димитар Ковачевски кој денеска во Словенија со колегата Роберт Голоб потпиша Заедничка декларација за зајакната соработка помеѓу двете земји.

На заедничката прес-конференција Ковачевски истакна дека се согласиле на поблиска координација на надворешните политики и со редовен политички дијалог, да придонесат во кохезијата помеѓу земјите-членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан. Во таа насока, тој додаде дека предвидени се консултации за актуелни прашања од регионот и надворешната политика на двете земји.

Благодарам на мојот домаќин, премиерот Голоб и на Република Словенија за секогаш отворената, гласна и силна поддршка на демократскиот и евроатлантски развој на Република Северна Македонија. Таа поддршка беше на достоинствено ниво ланскиот јули, кога по цели 17 години од добиениот кандидатски статус, со пријателите како Словенија, успеавме да ги отвориме преговорите со ЕУ. Таа поддршка е од исклучителна важност и денес. Тука, би сакал да ја поздравам словенечката поддршка и охрабрување кон сите пратеници во нашето Собрание да продолжат да работат заедно и конструктивно, имајќи го предвид сегашниот моментум и шансите да направиме нов конкретен исчекор во преговарачкиот процес, со конечна цел – полноправно членство во Унијата, изјави премиерот во своето обраќање.

Фото: Влада на РСМ

Премиерот Голоб оцени дека двете држави се на иста линија и тоа што ги соединува се одличните билатерални односи меѓу народите. За таа цел, тој истакна дека Словенија е еден од најголемите инвеститори во Северна Македонија, со можности за зголемување на трговската размена, ги посочи студентите од нашата држава кои студираат во Словенија, како мост за соработката, а Словенија го поддржува и развојот на Северна Македонија и во други области од важност за граѓаните.

Словенија сака да и помогне на Северна Македонија во сите можни форми. Постои големо разбирање на словенечкото стопанство за развојот на Северна Македонија, рече Голоб и додаде дека процесот на пристапни преговори не смее да запре и ја нагласи поддршката за натамошниот тек на евроинтеграциите.

Верува дека евроатлантскиот пат на Северна Македонија е еден од најзначајните гаранти за стабилноста на Западен Балкан.

Во одговор на новинарско прашање словенечкиот премиер изрази очекување дека „ќе надвладее разумот кај сите политички субјекти во Северна Македонија“, бидејќи, како што посочи, ова прашање не е од партиски карактер, туку станува збор за „историска можност којашто има врска со иднината”,

Се надева дека до ноември државата ќе ги исполни сите услови и во декември ќе се утврди дека може да продолжи со преговорите со ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот