Кошаркарките на МЗТ Скопје Аеродром до првиот трофеј во Купот „Благоја Георгиевски – Буштур“

фото: kfsm.mk

Една петорка, и две доминантни Американки беа доволни за екипата на МЗТ Скопје Аеродром да излезе како победник против Баскет Кам 2011 (75:60) во големото финале во женска конкуренција во рамките од кошаркарскиот Куп на Македонија „Благоја Георгиевски – Буштур“ кој се организира во СРЦ „Кале“.

Кошаркарките на МЗТ за првпат учествува на завршниот турнир од Купот, а интересно до победата во финалето стигнаа само една петорка во текот на сите 40 минути, и тоа против двократниот освојувач на овој трофеј, Баскет Кам 2011 од Македонска Каменица.

На крајот од првата четвртина МЗТ имаше убедливи 21:8, а после 20 минути дебитантот водеше со 38:26. Долго време се обидуваа кошаркарките од Македонска Каменица да ја сведат разликата на едноцифрена. Успеаја во тоа во 28 минута кога се приближија на 41:49.

Но, со серија од девет поени, на крајот на третата четвртина МЗТ дојде до огромни 58:41. Аеродромки до првиот трофеј во Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“ дојдоа најмногу благодарение на Американките Ли и Симонс. Ли реализираше 27 поени, додека Симонс запиша „дабл-дабл“ учинок од 24 поени и 12 скокови.

На спротивната страна најрасположена беше Николов со 23 поени, додека Тасевски забележа 15 поени.

фото: kfsm.mk
фото: kfsm.mk

Кошаркарката на МЗТ Скопје Аеродром, Џој Симонс, беше прогласена за најкорисна на завршниот турнир „Благоја Георгиевски-Буштур“. Искусната Американка презентираше квалитет и на двата натпревари кои нејзината екипа ги одигра, и ги доби на турнирот во СРЦ „Кале“. А во финалниот натпревар го надгради она што го постигна во полуфиналето, против Вардар.

Ги одигра сите 40 минути, притоа реализираше дабл-дабл ефект изразен со 24 поени и 12 скока, сосема заслужено го доби МВП признанието од рацете на македонската кошаркарска легенда Ѓорѓи Чековски, сега во улога на тим-менаџер на сениорскиот национален тим.

– За разлика од полуфиналниот натпревар кога лошо почнавме и бркавме разлика, во финалето успеавме да го контролираме резултатот цело време. Игравме добро и во напад и во одбрана и сум задоволна од прикажаната игра на кошаркарките. Ова е прв трофеј на женскиот кошаркарски клуб МЗТ Скопје и мој прв освоен пехар, така што се радувам на тој успех. Им честитам на сите и ова е мотив и основа за понатамошна работа – рече Вела Красниќ, тренерот на новиот победник во Купот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот