Коронавирусот и македонската кинематографија: Кризата ги потсети телевизиите да емитуваат македонски филмови

IMDB

Да не беше кризата со коронавирусот, веројатно платформата „Little White Lies“ немаше да се сети и да објави измонтирано видео со сцени од филмовите на наративно-заводливиот и многу наградуван американски режисер, Вес Андерсон.

Во видеото избрани се филмски сцени преку кои се апелира на подигање на свеста за спречување на ширењето на коронавирусот. Ликовите од неколку филмови на Андерсон одржуваат прописна физичка дистанца, како да знаеле дека се дел од профетската мајсторија на нивниот креатор.

Овој две и пол минутен сценски колаж, вирално се прошири низ светот, а и домашните филмофили го споделуваа на социјалните мрежи. Впрочем, тоа е само еден од начините преку кои домашната публика и вљубениците во филмот се обидуваа да го пребродат периодот на изолација, популарно наречен „карантин“. Изолацијата беше можеби и корисна, затоа што во слободното време, на ред дојдоа и оние филмови кои поради обврски, беа оставени на чекање.

„Црни и криви“, дипломски филм на Марко Џамбазоски од 2018 година/Фото:принтскрин/Youtube

Сумарниот впечаток е дека и кај нас како и во светот, филмот беше крепост во време кога сè беше сконцентрирано околу тоа да се зачува здравјето: Од филмски наслови кои ја третираат темата на заразата, до предлог-филмови од најразлични жанрови, бесплатни онлајн проекции и сл. Некои од големите светски компании и сервиси како „Нетфликс“, дури мораа да го намалат квалитетот на сликата за интернетот да остане достапен за сите.

Богата ТВ понуда со македонски филмови

Уште пред прогласувањето на вонредната состојба кината кај нас ги затворија вратите за публиката, беа откажани сите проекции. Два месеца по таа одлука, на веб-страниците на кината сè уште се наоѓаат репертоарите кои беа од пред почетокот на кризата.

Нејасно е како и што ќе се случува со кината по укинувањето на вонредната состојба, но сигурно е јасно дека одењето во кино, сигурно би било со задолжителната реквизита, заштитната маска и со почитување на соодветна физичка дистанца.

„Три дена во септември“ на Даријан Пејовски предизвика бројни реакции на Фејсбук/ Фото: IMDB

Кризата не одлагаше само филмски проекции, туку и фестивали, па така кај нас го одложи Скопскиот филмски фестивал. Наместо во април, своето 23. издание ќе го одржи во септември 2020. Одложено беше и одржувањето на ревијата филмови „Скопје филм класик“, кое требаше да почне во март.

Поради кризата „Филозофскиот филмски фестивал“ пролетва се пресели онлајн. На десеттото роденденско издание организаторите на фестивалот најавија дека ќе фукционира како хибрид, а на публиката месецов ѝ ги понудија пролетните онлајн миграции, во вид на онлајн издание по примерот на бројни фестивали низ целиот свет. Остатокот од програмата ќе биде пренасочен, а датумите ќе бидат дополнително соопштени.

Но, на сметка на ова затворање и одложување, на пријатно изненадување на публиката, некои македонски телевизии, додека траеше периодот на споени изолациски денови, во прајм-тајм емитуваа филмови од македонската кинематографија. И тоа не само долгометражни, туку и краткометражни.

ТВ Телма направи светска и домашна телевизиска премиера на најуспешниот македонски документарец „Медена земја“, кој беше номиниран за два „оскара“ и доби над 40 награди.

Телевизијата ги емитуваше и „Соба со пијано“ на Игор Иванов, „Три дена во септември“ на Даријан Пејовски, „Џган“ на Вардан Тозија… И на други телевизии можеа да се изгледаат филмови од македонска продукција. На јавниот сервис се емитуваа филмовите на Милчо Манчевски.
Кризата, всушност, ги потсети македонските телевизии дека на публиката ѝ должат и филмови од домашна продукција, особено што многумина воопшто и немале можност да ги видат. Уште повеќе што некои од филмовите кои беа прикажани, претходно можеа да се видат само на големото платно, бидејќи не доживеале телевизиска премиера.

И покрај менувањето на навиките за гледање кај публиката, телевизијата останува медиум кој најшироко и најдалеку допира до гледачите, па оттука, не треба да се случи криза за да заклучиме дека имаме солидна домашна продукција, која треба да ја има и на телевизиските екрани, и тоа не само во вакви времиња.

Преселба на онлајн просторот

Во овој период, кога станува збор за филмската уметност, се чини најжив и најфлуиден беше онлајн просторот, и тоа на повеќе нивоа. Кинотеката на Македонија овозможи бесплатно гледање на култните македонски филмови: „Среќна нова ‘49“, „ДАЕ“, „Тетовирање“, „Џипси меџик“ и филмови од браќата Манаки.

Дистрибутерската куќа „Катавеј“овозможи колекција од над 200 бесплатни онлајн филмови преку сопствената видеотека „Синесквер“.

Активни беа и помладите. На страницата на фејсбук „Академска сцена при Факултетот за драмски уметности“ беа споделени краткометражни филмови во продукција на млади режисери и актери. Беа објавени линкови за бесплатно гледање на филмовите: „Црни и Криви“, „Чичко Симе“, „Шекспирова 9/11“ па и испитниот филм „Мишо“ на режисерот и сценарист на „Исцелител“, Ѓорче Ставрески.

Но, и покрај оваа исклучително полезна активност, менаџерите на културните политики веројатно би требало да размислат за мерки што би помогнале публиката да се врати назад во институциите кои се занимаваат со култура, односно со филм во таа смисла. Ова особено затоа што дигитализацијата овозможи достапност на филмовите, што би можело на среден и на долг рок да ја пасивизира публиката која два месеца научи наместо во кино, филмовите да ги гледа дома.


Краток документарец „Чичко Симе“, кој Сандра Ѓоргиева му го посвети на театарскиот режисер Симеон Гаврилов/Фото: принтскрин/Youtube

Освен онлајн филмовите, на платформата „Зум“ беа организирани онлајн предавања и дискусии на скокотливи теми за и околу филмот како: „Разносексуалноста во филмот во домашните и регионални филмови“ и „Колку предрасудите во балканските филмови се непроменливи?“…
Впечатокот по оваа карантинска криза е поделен: Филмот и тоа како знае да биде одличен еликсир во време на ограничена комуникација. Дали тоа ќе бидат филмови кои не сте успеале да ги изгледате, или избор што ќе го понудат телевизиите и онлајн платформите, важно е оваа исклучително флуидна уметничка гранка да дише со полни гради. Од друга страна, периодов беше ТВ-лакмус за македонската кинематографија, која го доби заслуженото место на екраните.

Васко Маглешов/ФИЛМ+

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот