Коронавирусот е како Робеспјер – неподмитлив!

Мантра – Наместо да се замисли и да се обиде да ги отстрани поводите за длабокото незадоволство, наместо преку ноќ да ги укине сите рестриктивни мерки заради изборите во јуни, власта на напредњаците ја подметнува болшевичката мантра на „внатрешен и надворешен непријател“

Вучиќ тврдеше дека „лажна политичка елита“, со поддршка со странски служби од регионот и од светот, се обидува да ја дестабилизира Србија и да ја преземе власта, не сакајќи да види дека луѓето му се лути на претседателот, кој на себе, наместо маска, триумфално, но и прерано, си закачи лента на воен победник над короната

Талибанците на короната ги одбиваат превентивните мерки. Тврдат дека им се загрозени човековите права. Одбиваат да сфатат дека на ковид-19 не му е грижа ни за човековите права ни за границите ни за социјалниот статус ни за нивото на образование

Некаде во ова време во 2019 година во кинескиот град Вухан беа евидентирани првите пациенти заразени од мутантот на коронавирусот САРС. Во декември беа испратени во болница првите луѓе, во јануари целиот град од 11 милиони жители беше претворен во гигантски карантин.

За една година, новиот вирус како стрвинар се прошири низ светот. Болеста позната како ковид-19 зарази повеќе од 60 милиони луѓе и предизвика смрт на најмалку 1,4 милион. Глобалната економија е разнишана посериозно отколку во времето на финансиската криза во 2008 година, милијарда ученици се надвор од училниците, а секојдневниот живот на планетата е драматично пореметен.

Пандемијата ја одбележа оваа година и по сѐ се чини ќе биде доминантна тема и во времето што доаѓа. Контаминацијата на јавното здравје со политиката ги усложни и мерките на борбата. САД во знак на протест поради „прикривање на кинескиот вирус“ ја напуштија Светската здравствена организација, а луѓето низ светот поради плеткањето на политичарите почнаа да ја губат довербата во медицинската професија. Теориите на заговор и лажните вести го преполнија медиумскиот простор.

Актуелната власт во Србија ни во времето на опасност за здравјето на народот не се откажа од навиките да држи сѐ под контрола. Да командува и со областите што би требало да се резервирани исклучиво за експертите. Притоа, фраерски, се крие зад „струката“, создавајќи така преку моќната пропаганда впечаток дека политичарите ги слушаат лекарите.

Се покажува дека не е така, дека власта цело време го држи во своите раце далечинскиот управувач, продавајќи привид на јавноста. Од самиот почеток можеше да биде јасно дека политичките моќници сакаат да контролираат сѐ што се однесуваше, и се однесува, на пандемијата.

Политичка струка

Но, за да функционира проектот, беше неопходно да се обезбеди дека медицинската струка нема да се буни, во штабовите да седат оние што нема да го загрозат авторитетот на „политичката струка“. Експертите што имаа некои критични размислувања беа осудени да говорат на оние малку преостанати професионални медиуми.

Така брановите на неуспеси и на промашувања што удираа врз главите на граѓаните ги потопија довербата во државата и во нејзините протагонисти. Кризниот штаб стана цел на потсмев, бидејќи власта постојано дава до знаење чиј збор е последен: на политичарите, а не на епидемиолозите, инфектолозите, вирусолозите, пулмолозите и сите сили на медицинските работници.

Цинично, но вистинито, во земјата во која на претседателот не му е грижа за институциите, кој соработниците ги избира според послушноста, а не според квалификациите. Во земјата во која податоците, фактите и вистината се во втор план, а најважен е личниот рејтинг на претседателот. Во која тој му изразува пофалби на докторот, кој короната шарлатански ја нарече „најсмешниот вирус на светот“.

Наместо да се замисли и да се обиде да ги отстрани поводите за длабокото незадоволство, кое во деновите на пандемијата ја потресе земјата, наместо преку ноќ да ги укине сите рестриктивни мерки заради изборите во јуни, власта на напредњаците ја подметнува болшевичката мантра на „внатрешен и надворешен непријател“.

Вучиќ тврдеше дека „лажна политичка елита“, со поддршка со странски служби од регионот и од светот, се обидува да ја дестабилизира Србија и да ја преземе власта, не сакајќи да види дека луѓето му се лути на претседателот, кој на себе, наместо маска, триумфално, но и прерано, си закачи лента на воен победник над короната.

Попусто „Здружените против ковидот“ – неофицијална група на најмалку 3.000 лекари – во отворено писмо бараше оставка од Кризниот штаб поради „недвосмислени пропусти“, предупредувајќи дека здравствениот систем е „пред целосен колапс“. Вучиќ за петицијата оцени дека е „изживување врз најдобрите лекари во Србија“.

Најопасниот потенцијал на ковид-19 е светот да не успее да научи како да се спротивстави на заканите кон човештвото, какви што се нуклеарната војна, еколошкиот колапс или подем на разорни технологии како вештачката интелигенција. За да се избори, неопходни се глобална соработка и солидарност. Физичко оддалечување, но социјално зближување.

Звучи како фраза, како општо место што не треба да се повторува, но се што се случува околу нас потврдува дека и тоа како треба. Неодговорноста и дефицитот на солидарност, размислувањата за други се еднакви на суфицит на пандемијата, која не попушта.

Корона-талибанци

Тешко може да се разбере зошто некои луѓе и себеси и другите ги изложуваат на ризик и ги игнорираат повиците што се повторуваат стотици пати: носете маска, избегнувајте поголеми собири, одржувајте растојание. Експертите порачуваат дека строгото придржување до овие мерки би ја скротило пандемијата за само две недели, но попусто.

Талибанците на короната ги одбиваат превентивните мерки. Тврдат дека им се загрозени човековите права. Одбиваат да сфатат дека на ковид-19 не му е грижа ни за човековите права ни за границите ни за социјалниот статус ни за нивото на образование. Се покажува дека ни за годините.

Премногу ги има оние што си замислуваат дека короната „не ги сака“. „Баш ми е гајле“, дрско повторуваат младите, опседнати со клубување по места што работат до зори, а полицијата не реагира. Утре, кога ќе се заразат, ќе бараат лекарите и медицинските сестри целосно да им се посветат. Ќе очекуваат солидарност на која претходно самите биле имуни. Ќе ја добијат, но зошто се мора да оди пост фестум? Зошто некој самиот мора да се разболи или да му страда некој близок, за да ја сфати колосалната опасност од тој микроскопски вирус?

Нема време за чекање. Личната одговорност не функционира. Не помагаат ни истражувањата што укажуваат дека носењето маска најмалку двојно го намалува ризикот од заразата. Државата е должна да ги заштити одговорните граѓани од неодговорните.

Не сум поборник за рестриктивни мерки, особено не во политиката, но пандемијата е над политиката, над се што ни е познато. Доаѓа сезоната на грипот. Се браниме како мораме пред да се обиде да нѐ одбрани респираторот.

Додека чекаме за вакцина, ретка утеха е тоа што може да се каже дека короната не е смртоносна како „црната смрт“ – чумата од средниот век, ниту како „Шпанскиот грип“ – инфекцијата што во 1918 и 1919 однесе повеќе животи отколку Првата светска војна. Не е, ама вирусот е како Робеспјер. Неподмитлив. Политичарите тешко може да се помират со тоа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот