Kонцерт и промоција на „Бопхедс“ во Филхармонија

Џез-ансамблот „Бопхедс“ (Bopheads), составен од моментално најзначајните имиња на македонската сцена, на 29 октомври ќе има двојна промоција на деби-албумот „At The Philharmonic“.

Прво, во камерната сала на Филхармонија, со почеток во 20 часот, ќе настапат на годинашното издание на „Dinner Sessions“, а веднаш по концертот, со почеток во 22 часот, во „Филхармонија Кафе Бар“ ќе следува официјалната промоција на првиот албум на „Бопхедс“ со наслов „At the Philharmonic“, издаден од издавачката куќа „ЗЏМ Рекордс“.

Идеен творец на проектот е пијанистот на „Бопхедс“, композиторот и аранжер, Гордан Спасовски, кој зад себе има голем број соработки и богата кариера со повеќе различни состави. Покрај Гордан, на концертот ќе настапат Кирил Туфекчиевски на контрабас, Виктор Филиповски на тапани, Кирил Кузманов на сопран и алт саксофон, Трајче Велков на труба, Иван Иванов на тенор саксофон, како и специјалниот гостин Џон Илија Апелгрен.

На концертот ќе бидат изведени премиерни композиции, неколку композиции од минатогодишното издание на „Dinner Sessions“ претставени во ново руво, како и композиции од деби-албумот на „Бопхедс“.

Сите членови на бендот, освен Виктор Филиповски, своето образование го имаат стекнато на престижната Џез-академија во Грац, Австрија, каде што беа испратени на студирање како дефицитарен кадар, по што тие се вратија во земјата со цел знаењето стекнато во овој европски град да го пренесат и кај нас.

Виктор Филиповски, пак, своето образование го има стекнато на Џез-академијата во Штип. Сите членови на „Бопхедс“, покрај нивната кариера како изведувачи, работат и како едукатори, односно се професори на џез-академиите во Скопје и во Штип.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 152, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30 октомври 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот