Колку возењето трактор е безбедно? За година и пол десет смртни случаи во сообраќајни несреќи со трактор

Според податоците на Министерството за внатрешни работи за година и половина регистрирани се десет смртни случаи на трактористи или сопатници, а само во септември починаа три лица по пад од трактор или пак сообраќајна незгода.
Во ек на берба на лозовите насади и овоштарите и се повеќе трактористи се присутни во сообраќајот во ноќни услови. Проблем е возењето пред изгрејсонце кога значително е намалена видливоста, а притоа нивното возило или приколка не се соодветно осветлени. Ова е „црната точка“ кога многу често се случува намалената видливост да биде причина за предизвикување на сообраќајни незгоди со загинати и тешко повредени лица.
Како што информира Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“, минатата година починале четворица трактористи, додека пак смртно настрадале и двајца сопатници. Годинава пак, заклучно со јули, евидентирани се четири смртни случаи на луѓе кои се превезувале трактор, додека пак во текот на месец септември во полициските билтени се евидентирани три смртни случаи. За година и половина 62 лица биле повредени од кои 21 лице се здобило со тешки телесни повреди,покажува статистиката која ја води МВР.

Најголем број на смртните случаи се поради превртување на тракторите, кои се возат на непристапни терени, но сепак полицијата има регистрирано и случаи каде тракторите учествуваат во сообраќајни несреќи со други возила.
Пред две недели во полицискиот билтен е евидентиран случај каде што малолетничка е прегазена од страна на тракторист кој потоа избегал од местото на несреќата.
Освен технички неисправните трактори и неосветлената механизација, причини за сообраќајни несреќи се и преморенста, но и внесување на алкохол во текот на извршување на земјоделските работи.
Казната за управување на трактор со неисправна светлосна сигнализација изнесува околу 200 евра, но очигледно дека трактористите не се плашат, и си продолжуваат да ги користат тракторите во крајно небезбедни услови. Законот предвидува тракторите да имаат соодветна светлосната сигнализација, а за тоа се потребни многу малку пари. Но и покрај тоа трактористите не водат сметка за тоа.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во минатото реализира голем број на превентивни активности во насока на подигање на свеста за потребата од поголемо односно соодветно осветлување на тракторите, приколките и другите мобилни машини кога учествуваат во сообраќајот.