Кој всушност не „откачи“!

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Нас у ствари не откачи ЕУ, преку Бугарија. Полека, полека станува јасно дека на ЕУ не и треба Западен Балкан. Барем не ваков Балкан каков што е. Затоа изгледа се било само глума. Не било можеби толку ни до Бугарија. Таа само ја замени Грција како „маша“ за да не откачи. Има ЕУ свои адут-држави со кои ќе ги, хм, кој збор да го употребам..„смрзне“ и другите балкански земји кои се кандидати за таму. Бугарија беше за Македонија, утре Хрватска може да биде за Србија, ете Холандија е за Албанија, БиХ и Косово уште абер немаат, ама кога ќе им дојде време, ќе се најде некој. Затоа од почетокот не дриблаат со различни методи. Кога баравме регионален пристап, ни велеа „не може, за членство се мерат индивидуалните постигнувања“. Кога почнавме да остваруваме индивидуален напредок, рекоа „неее, сега треба да го развиваме регионот“. Таман, као почнавме со регионална иницијатива, нешто како Мини шенген, ни пресудија добрососедските односи. Тоа ти е како приказната за Ахил и желката. Никогаш нема да ја стаса колку брз и да е кутриот Ахил, зашто таа секогаш малку ќе му подизбега. И се така додека додека како џокер го имаат „добрососедските “ односи. За нив лека нема да има.
Како полека ја губам вербата во ЕУ, се пред очите ми излегува некое филмско сценарио на заговор, како на тие состаноци во Берлин ли, во Брисел ли, кај што као не подржуваат нас, а ги караат Бугарите, откако нашиот претставник ќе излезел Тие и викаат на Екатерина:„ Захарче, остани малку ако сакаш“. А потоа и шепотат: „немој да си попуштила со Македонциве за жива глава, измислувај што треба …лупај глупости, за Тито, Сталин, за Гоце, „за сичко на света“, само да не поминат…!
Се прашувате зошто! Па замислете го состанокот на Советот на Европа во Брисел за десетина години. Покрај сегашните премиери на земјите членки на Унијата, на маса со нив седат и премиерите на земјите од Западен Балкан! За што важно за ЕУ би расправале тие! За буџетот на ЕУ, или за European green deal, или можеби за Europe fit for the digital age…?! Не. Ние сеуште не сме дораснати на стандардите, на визиите и плановите на земјите членки, не ги знаеме ниту нивните специфики и бизнис интереси. Ние сеуште би се карале за историјата, подалечна и поблиска, оптоварена со поделби, со војни, со масовни гробници и со специјални судови, за етничко влијание на одредени простори, за злоделата на усташите и четниците…
Ние само би им сметале. И сфаќаш дека Тие би направиле се само до тоа да не дојде. Ќе даваат пари и фондови и помош- повратна и неповратна за граѓаните на тие држави, само нивните политички елити да не седнат на иста маса со нив. Значи економски да, но политички не.

Тоа во упростена варијанта би бил планот на Макрон. Со еден удар би се отарасииле од нас во првиот бран, а потоа и од Бугарија, и од Романија, но и од некои држави од централна Европа кои сеуште не се сообразени со генералната политика на Унијата, и така би го формирале тоа т.н. ЈАДРО на ЕУ, чист клуб на пријатели, истомисленици, еднакви по се што треба.

Проширувањето е мртво како што се политички умртвени и неговите основоположници, центристичко-левичарските политички сили во Европа, кои перманентно ги губеа изборите и беа заменети со десничарските партии, т.н. Европските народни партии, или ЕПП, кои од старот се скептични на проширувањето и се против странците во нивните редови.
Ова сега е некоја Нова Европа. Таа не онаа со која го почнавме процесот на проширувањето, која сметаше дека тоа е најголемиот успех на стариот континент.
Ние важно немаме план Б. Се плашам дека Тие од секогаш го имале.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот