Кој профитира од легализацијата на канабисот во Германија?

Канабис/ Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Трева, ганџа, марихуана, канабис – пушењето од денеска, 1 април, во Германија станува делумно легално. Веќе е јасно кој добро ќе заработи од продажбата, а кој ќе остане со празни џебови.

Дирк Рехан сè уште нема да го отвори пенливото вино: „Сè уште не се осмелувам“, вели претприемачот. Тој всушност би имал причина да слави. Од 23 февруари, посетите на неговите две комерцијални локации повеќекратно се зголемија. На тој ден, германската влада усвои нацрт-закон за „контролирано ракување со канабис“.

Според новиот закон, секој граѓанин има право да одгледува до три растенија канабис дома, може надвор да носи со себе 25 грама канабис, а може да чува 50 грама дома. Законот треба да стапи на сила во април. Медиумите јавуваат дека стапувањето во сила може да потрае некое време. Но, ако законот биде усвоен во предвидената форма, Дирк Рехан ќе профитира од тоа.

Тој продава сè што е потребно за одгледување канабис. Тоа може да се означи како техничка опрема за стаклена градина или за градина. Најбарани се комплетите за шатори со големина на фрижидер со светилки, вентилација и мерна опрема. Најевтиниот комплет е 500 евра, а најскапиот 1500. Но во моментов сите се распродадени.

„Луѓето повеќе не се плашат од идејата да одгледуваат сопствен канабис“, вели Рехан.

Бум на побарувачката за сè што е поврзано со канабисот

Овој претприемач две години бил во затвор поради помагање во одгледувањето марихуана. Потоа основал компанија за трговија на големо. Тој долго време ги советуваше клиентите како да одгледуваат „чили, домати и брокула“. Но, сега тој се осмелува да го нарече растението со неговото име и да разговара нормално. Неговите две фирми со четворица вработени лани имале промет од два милиони евра, годинава очекува од три до четири милиони.

Другите добавувачи на опрема за одгледување растенија се исто така во добро расположение – и австриските трговци со семиња и големите добавувачи на осветлување од Хамбург за домашно одгледување ги предупредуваат клиентите дека испораката може да потрае поради големата побарувачка.

На онлајн платформата Gro guru, се вели: „Во моментов, сите продажни места и доставувачи се под голем налет на купувачи“.

Нема да има голем бизнис со продажбата на канабис

Сепак, не се сите среќни. Кој сметал на сеопфатна легализација, играл на погрешна карта. Нема продавници за легална набавка на канабис. Увозниците, продавачите и сопствениците на продавници мора да се свртат кон друга стока. Законот предвидува домашно одгледување и консумирање или одгледување во таканаречени „непрофитни расадници“, всушност здруженија кои ќе се нарекуваат „Cannabis Social Club“.

Менаџерот на Кентураж, најголемата европска трговска компанија за медицински канабис, Филип Шетер, вели дека за среќа нивниот бизнис модел никогаш не бил ориентиран кон легализација на канабисот. Компанијата во Лондон поседува и специјализирана клиника која работи со канабис. Берлинската компанија вработува 50 луѓе во Германија и 25 во Лондон. На крајот на 2022 година, компанијата излезе на берза. Оттогаш, акцијата изгуби повеќе од половина од својата вредност. На компанијата ѝ недостига она што им недостига на многу други компании во индустријата, некој голем хит.

Шетлер вели: „За разлика од други во браншата, имаме голем раст и барем не ’гориме‘ пари“.

Тој додава дека прометот на компанијата во првите девет месеци од минатата година бил 17 милиони евра.

Компанијата не изгради свои скапи производствени капацитети, објаснува Шетлер, па трошоците се под контрола. „Подготвени сме за сè што ќе ни се случи“, вели тој самоуверено. Тој гледа најголем потенцијал во поинаквата правна класификација на канабисот, кој ќе биде подостапен за пациентите како лек.

Медицинскиот канабис на победничката страна

Според новиот закон, медицинскиот канабис ќе биде лек кој ќе се издава на рецепт и нема да потпаѓа под одредбите за опојни средства. Ова ќе го олесни издавањето на рецепт.

„Фирмите вклучени во производството и дистрибуцијата на медицински канабис ќе профитираат натпросечно од ова“, вели Фин Хензел, основач и директор на компанијата „Сенити груп“.

За време на одолговлекувањето на легализацијата, неговата компанија отпушти некои соработници, но фирмата се држи на медицинскиот пазар: „Се надевавме на поголеми работи цело време, но потенцијалот на фармацевтскиот пазар е голем“, вели Хензел.

Во Германија моментално има 200.000 пациенти кои користат медицински канабис, а прометот на браншата се проценува на 200 милиони евра.

Браншата бара упорност

Сепак, една врата останува отворена за бизнисот со немедицински потрошувачи на канабис. Државата има намера да дозволи „комерцијални синџири на снабдување“ во одредени градови и области во догледно време. Така, специјалните продавници во градовите како Берлин или Келн во овие пилот проекти ќе донесат дополнителни милиони заработувачка.

Најавено е дека деталните услови ќе бидат објавени ова лето. Затоа, кој сака да преживее мора да биде претприемач со долг здив.

Дирк Рехан не е од оние на кои им треба тој квалитет. За него важи она што важеше и за време на златната треска – најголеми шанси да заработат имаат оние кои продаваат лопати и сита за плакнење злато. Но, тој не сака да го исклучи ниедно сценарио. Браншата поврзана со канабис е многу динамична. „Големите синџири на супермаркети ги истуркаа малите продавници со здрава храна од центарот на градот. Истото може да ни се случи и нам“.

Извор: Дојче Веле/ Автор: Николас Мартин

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот