Кога ќе се постигне договор јавноста ќе биде информирана за точниот датум за претседателски и парламентарни избори

Избори / Фото: ,,Слободен печат''- Драган Митрески

Кога ќе се постигне договор за точниот датум за претседателски и парламентарни избори, јавноста ќе биде информирана. Согласно законот 100 дена пред одржувањето на Парламентарните избори ќе се формира техничка Влада, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Одговарајќи на новинарски прашања по обраќањето на настанот по повод Националниот ден на осигурувањето – 1 Ноември, тој нагласи дека избори ќе има, бидејќи истекува мандатот на претседателот и мандатот на парламентот.

– Во однос на тоа кога точно ќе бидат изборите ќе може да биде информирана јавноста кога ќе се постигне договор во однос на точниот тајминг во рамки на Парламентот. Парламентот ќе треба да ја донесе таа одлука, а претседателот на Собранието ги распишува изборите, рече Ковачевски.

Според него, треба да се има предвид дека во пролетните месеци има и верски празници кои грѓаните ги почитуваат.

– Имајќи ги предвид сите овие претпоставки ќе биде донесен и датум, нормално во законските рокови, со оглед на тоа дека во нашиот Закон постои обврска за техничка влада, таа ќе биде 100 дена пред одржувањето на Парламентарните избори, така како што било и до сега, истакна премиерот Ковачевски.

На прашањето дали разговараат со ДУИ за заеднички настап на претседателските или на парламентарните избори, тој одговори дека за настапот на избори јавноста ќе биде информирана кога ќе донесат одлука телата на партиите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот