Книжевен портрет: Адвокат кој не може да живее без поезијата

Во спомен-собата „Т’га за југ“ во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, на 25 октомври се одржа книжевен портрет на поетот, есеист, преведувач и препејувач Ерол Туфан.

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје во рамките на својата програма реализира книжевни портрети на истакнати писатели и поети, а меѓу нив свое особено место има и поетот, есеист, преведувач и препејувач Ерол Туфан. За творештвото на Туфан говореше поетесата и издавач Јулијана Величковска, а модератор на настанот со присуство на Туфан беше Александра Јуруковска.

Ерол Туфан е роден во Гостивар, Македонија, а живее и работи во Истанбул, Турција. Неговото творештво е меѓу овие две оски, секогаш меѓу двете култури, меѓу двата јазика, меѓу два града, меѓу Вардар и Босфор. Освен како автор, Туфан е и посветен читател, искрен вљубеник во убавото. За него поезијата е врвна уметност, врвен облик на човековата креација. Тој ја пишува, но исто толку посветено и ја чита, преведува, препејува, памети.

Поезијата е присутна и во неговите есеизирани текстови, во кои многу често се осврнува на најголемите умови од областа на филозофијата, ликовната уметност, музиката и литературата. Пишува на македонски, турски и српски јазик. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, Удружење књижевника Србије и Вакуфот на турските писатели.

Ерол Туфан студирал право во Скопје на УКИМ и во Коња на Селчук Универзитетот. Од 1999 е самостоен адвокат во Истанбул. Во 2006 година во Скопје ја објавил книгата есеи „Книгољубецот“, која доживува второ издание во 2011 година. Таа е објавена под ист наслов и во Белград во 2017 година.

Александра Јуруковска, Ерол Туфан и Јулијана Величковска

За неговото поетско творештво зборуваше Јулијана Величковска во име на издавачката куќа „ПНВ Публикации“, но и во име на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“, каде што првично се запознала со Туфан пред петнаесетина години. Со извадоци од рецензии таа зборуваше за поетските книги „Балкански син“ (2013) и „Камчето од Вардар“ (2016) објавени во Скопје, како и за книгата есеизирани поетизации насловени „Несоници“ (2020). Беше спомната стихозбирката „Ликовите во мене“, која немала промоција, како и најновата книга „Куфер“, чија промоција се случи во април оваа година.

Во разговорот со Александра Јуруковска авторот Туфан зборуваше за книгите што ги прочитал, за инспирациите што го воделе да ги напише своите книги, за адвокатурата наспроти поезијата, за пишувањето и за препејувањето на поезијата. Притоа користеше и цитати од многубројните книги што ги прочитал, а посочи и поети кои му помогнале да го најде сопствениот пат во творештвото.

Портретот на Ерол Туфан беше заокружен со коментар на поетот Санде Стојчевски, кој заклучи: „Ерол Туфан е комплексна и комплетна личност, која во едната рака го држи животот, а во другата – поезијата“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 152, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30 октомври 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот