Книгоиздателството „Темплум“ го објави романот „Премин во времето“ од Миѓен Келменди

Промоторот на книгата, Живко Грозданоски, посочува дека „во малечкото море од книги што ги разлистуваме и читаме секојдневно ’Премин во времето‘ е дело што зближува светови. Преводот и објавата на оваа книга кај нас е автентичен просветителски чин: по прочитот на оваа книга се чувствувам не само побогат, туку и поблизок до самиот себе.“

– Една од клучните одлики на оваа книга е нејзината густина, од повеќе аспекти. Романот е преплавен со слики (навидум само патем сместени таму) кои се исполнети со симболика и со метафоричен набој. Но, пред сè „густината“ доаѓа од минуциозно доловениот историски пејзаж, со сите општествено-политичко-економски врски: од Пеќ преку Приштина, Тирана, Скопје, Битола и Охрид, па сè до Солун, Неапол и понатаму кон Египет, Франција, Англија и Америка.

Целото дејствие е условено од влијанието на световните и на духовните идеологии, и посебен простор им е отстапен на конкретни ликови „оптоварени со идеализам и мисија“. Во сличен контекст, со одмереност и без романтизирање е опишан соживотот на албанското и на српското население во Косово, исполнет со конфликти, но и со длабоки пријателства – истакнува Грозданоски.

Миѓен Келменди (1959) е автор и публицист од Косово. По првпат станува познат како вокал на музичката група „Ѓурмет“. Во периодот помеѓу 1978 и 1983 година го завршува Правниот факултет на Универзитетот во Приштина; се ангажира на одговорни работни позиции во РТ Приштина, а подоцна и во американско-албанската телевизија „Викторија“ во Њујорк. Во периодот 2000/2001 е прв директор Албанец на РТ Косово. Автор е на повеќе книжевни дела.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 183, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 17-18.6.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот