Книгата „Вовед во славистиката“ од Емил Ниами ќе има промоција во КИЦ – Скопје

Фрагмент од насловната корица на книгата

Во Културно-информативниот центар (КИЦ) – Скопје на 25 јануари 2024 година, во 19 часот, во Салон „Империјал 2“ ќе се одржи промоција на книгата „Вовед во славистиката“ од Емил Ниами. Промотори на книгата ќе бидат проф. д-р Димитар Пандев и проф. д-р Красимира Илиевска, а модератор на промоцијата ќе биде проф. д-р Мишел Павловски. Книгата е издание на „Ми-Ан“.

Книгата „Вовед во славистиката“ е прва ваква книга во нашата во земја, а која се занимава главно со историјата на словенските јазици. Во неа е даден кус историски осврт на славистиката како наука, по што се дава и куса историја на Словените. Фокусот на книгата е ставен на описот на сите словенски јазици, како на живите, така и на мртвите, и тоа е направено на еден современ начин со многу полезни детали кои се важни во современоста.

Во книгата, исто така, има и дел којшто се занимава со обидите за создавање на сесловенски јазик од минатото до денешен ден. Со оглед на тоа што ова е прв ваков труд на македонски јазик, оваа книга може да биде од корист на широка читателска публика – на сите оние што се заинтересирани за словенските јазици, филолози, слависти, како и културолози, етнолози, историчари и слично, но и ученици, студенти слависти итн.

Емил Ниами е доктор на филолошки науки (Скопје, 1977). Во 1999 година дипломирал на групите за руски јазик и книжевност и на американски студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во 2007 година го одбранил магистерскиот труд „Паронимите во македонскиот и во рускиот јазик“, а во 2010 година докторската дисертација „Антонимите во рускиот и во македонскиот јазик“.

До 2007 година работел во А1 Телевизија на различни позиции. Од 2007 до 2011 година предавал македонски јазик на МДУ „М.В. Ломоносов“. Автор е на првиот „Речник на паронимите во македонскиот јазик“ (2020), првиот „Речник на антонимите во македонскиот јазик“ (2021) и на првиот „Речник на хомонимите во македонскиот јазик“ (2022), а исто така е и автор и главен редактор на првиот „Речник на медиумската писменост“. Се занимава со теми од областа на лексикографијата, лексикологијата, социолингвистиката и традуктологијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот