Книгата „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски содржи анализа на есеите на Горан Стефановски

По повод 70 години од раѓањето на големиот Горан Стефановски, издавачката куќа „Полица“ ја објави книгата „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски. Ова е прва книга во која детално се анализира и се вреднува есеистичкото творештво на Стефановски и во македонската книжевна наука надоместува прочит и вреднување на исклучително важен дел од опусот на еден од најзначајните македонски автори.

Покрај научната студија на Антоновски, во книгата, која е издадена во соработка со Здружението за промоција и зачувување на културното наследство на Горан Стефановски, објавен е и последниот, тестаментален есеј на Стефановски – „Искрата што се измолкнува (наративи помеѓу чеканот и наковалната)“.

– Еве, конечно, едно не само пионерско, туку и професионално, методолошки точно поставено проучување на Горановата есеистика. Имено, таа методолошка „десетка во целта“ лежи во сфаќањето на Иван Антоновски дека „есејот на Горан Стефановски може да биде метажанр“ во однос на неговите пиеси. Кај големите автори, впрочем, есејот е секогаш метажанр на нивната уметност: доволно е да се сетиме на Милан Кундера и на неговата есеистика, но и на неговите есеистички фрактали инкорпорирани во неговите романи. Кај Горан Стефановски е исто: сите негови драми се, всушност, есеи за идентитетот (прекодирани генолошки во драмска форма), што значи – приказни што инвестираат во идентитетските темели на македонската култура. Еднакво, и есеите му се драматизирани размисли над идентитетот и над драмскиот чин, воопшто – пишува за оваа книга, универзитетскиот професор, писател и книжевен критичар, Венко Андоновски.

Во книгата, Иван Антоновски констатира дека есеистичкиот текст на Стефановски со своите особености ги надминува досегашните теориски одредби за есејот, по што користи хибриден теориско-критички пристап за да може да се дојде до можни, но и реални одговори на дел од низата прашања отворени со оваа прва толку темелна анализа на есеистиката на големиот македонски драмски писател, но и есеист.

Инаку, Иван Антоновски е млад, но искусен и докажан автор, кој зад себе веќе има неколку публикации, а од крајот на 2021 година е асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Првичната верзија на книгата „Идентитетот е приказна“ беше негов магистерски труд, со кој оствари обид за прочит и вреднување на есеистиката на Горан Стефановски. Објавувањето на книгата „Идентитетот е приказна“ е остварено со поддршка од Министерството за култура.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 149, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9 октомври 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот