Книга со критики и есеи од Анастасија Ѓурчинова ќе има промоција во Градската библиотека во Скопје

Покана за промоцијата на книгата

Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје на 25 октомври, во 12 часот, ќе биде промовирана книгата „Транскултурни разногласија: Избрани критики и есеи“ од Анастасија Ѓурчинова. За книгата ќе говори Лидија Капушевска-Дракулевска, а модератор ќе биде Александра Јуруковска.

Книгата „Транскултурни разногласија“ (издание на „Ми-Ан“) е критичко-есеистичко дело со текстови чија проблематиката е поврзана со книжевната рецепција и интерпретација, традуктологијата, идентитетот, егзилот, границите и слично, а Ѓурчинова ги пишувала последниве десетина години.

– Авторката е особено насочена кон истражување на споредбени релации, главно во однос на македонско-италијанските книжевни врски, кои ги разгледува низ призма на меѓусебното преведување, афирмација и попродлабочено книжевно разбирање. Овој широк дијапазон на интереси навистина резултира со впечатокот за полихромија или разнобојност на тематски и методолошки план, бидејќи авторката на овие есеи и критики со леснотија се движи низ книжевните меридијани, поткрепена со актуелните сознанија на компаратистиката, културологијата и книжевната херменевтика – забележува Лорета Георгиевска-Јаковлева.

Анастасија Ѓурчинова е книжевна критичарка, есеистка и преведувачка. Работи како професорка на Катедрата за италијански јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, УКИМ – Скопје. Нејзини полиња на интерес се италијанистиката, компаратистиката, преведувачките студии и интеркултурните студии.

Авторка е на книгите: „Калвино и сказната“, 2000; „Италијанската книжевност во Македонија“, 2001; „Прличев и Ариосто или за смеата и меланхолијата“, 2002; „Контексти: студии на споредбени теми“, 2006; „Италијанската книжевност од XIII до XVI век“ (коавтор), 2007 [2011]; „Медитерански синестезии: избрани студии и есеи“, 2013.

Составувач е на две книжевни антологии: „Тајна игра, антологија на италијанскиот расказ на 20 век“, Скопје 1996; „Macedonia: la letteratura del sogno, antologia della nuova letteratura macedone“, Nardò 2012. Преведува од италијански на македонски јазик, а за својата преведувачка дејност двапати ја добила наградата „Златно перо“, доделена од Друштвото на книжевни преведувачи на Македонија, како и Националната награда за преведувачки опус и афирмација на италијанската литература во странство, доделена од Министерството за култура на Република Италија.

Промоцијата на книгата „Транскултурни разногласија“ е дел од богатата програма на Град Скопје – Европска престолнина на културата за 2028 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот