Ќе биде ли 2023 рекордна година? За шест месеци увезени над 21.000 возила од кои само 1.000 нови

За половина година во земјава се увезени над 21.000 возила. Доколку се повторат бројките и во следните шест месеци, можно е годинава да биде рекордна во последниве десет, по увоз на автомобили. Според податоците на Царинската управа заклучно со јуни во земјава се увезени 21.260 коли од кои 14.643 се половни. За истиот период увезени се само 4.862 нови возила.

Како што стојат работите ништо нема ниту од обновување на возниот парк кај јавниот превоз. Увезени се само 6 нови автобуси и минибуси, а дури 115 употребувани. Слична е состојбата и кај товарните моторни возила. Годинава за шест месеци увезени се 1.070 половни камиони, а 564 нови.

Инфографик: Слободен печат / Елисавета Бејкова

Лани увезени се 586 нови, а 994 употребувани.Увозниците на половни возила велат дека плацевите им се преполни со половни возила, но цените се зголемени за двеста до петстотини евра за разлика од минатата година. Велат дека најмногу се бараат полови возила од средна категорија со цена до 5.000 евра.

– Падот на интересот за купување на возила според нашите искуства се случува поради високите цени на бензинот, но и целокупната криза која ја зафати земјава. Иако возилата кои се увезуваат се со еуро 4 цените се високи, барем така велат купувачите. Сите сме во исчекување на забраната за увоз под еуро пет стандард и затоа се полниме со возила- вели еден од сопствениците на плац за половни возила.

Владата се уште нема донесено одлука за забрана за увоз на возила со ЕУРО 4 мотори. Министерството за економија во јануари 2021 година најпрво вети дека увозот на возила постари од 10 години ќе биде забранет за потоа да информира дека ваквата мерка се одложува. И покрај тоа што поминаа веќе шест месеци од годинава, од Владата и од Министерството за економија засега не објавуваат кога ќе биде донесена одлуката за забрана за увоз на возила со под ЕУРО 5 стандард на емисија на издувни гасови.

Од странските земји најчесто се увезуваат дизел возила, кои постепено се исфрлаат од употреба во развиените држави кои се членки на ЕУ. Транспортот има значаен удел и во загадувањето на воздухот со штетни емисии во градовите, кои пак допринесуваат за огромни реакции на јавноста особено во зимските месеци. Зголеменото ниво на загадување на воздухот во македонските градови посебно се чувствува за време на зимските месеци, во комбинација со нееколошкото затоплување на домовите, палењето отпад на отворено и загадувањето од индустриските капацитети.

Хибридните возила се почести на македонските патишта

Изминатата година биле регистрирани вкупно 3.136 хибридни возила, во споредба со 2.331 во 2021 година. Регистрирани се 476 електрични возила во 2022 година, а 274 возила во 2021 година.
Експертите велат дека причините позади тоа што трендот на ваквите возила е значително побавен се неколку. Некои од нив се однесуваат и на нивната цена, несигурноста кај населението поради непостоење соодветна инфраструктура од брзи полначи, но и поради тоа што не постои интерес, ниту иницијатива од власта да се направи нешто посериозно на ова поле.

Пивоваров: Секое пропуштено возило со бугарски таблички е на штета на буџетот

Бројката е многу голема, не можеме да кажеме точно, но зборуваме за илјадници возила поминати без давачки. За нив не е издадена усна царинска декларација која предвидува во наредните 180 дена возилото да биде оцаринето, а тие во државава немаат никакви давачки. Загрижува фктот дека секое пропуштање на вакво возило е на штета на буџетот и тоа е кривично дело. Потоа имаме ставка англиски возила кои најчесто се носат за вадење делови и носење на отпад за кои прв пропуст е што немаат зелен картон и наместо царинење со некој бакшиш се пропуштаат во нашата држава. И тука зборуваме за илјадници возила, и автомобили и камиони. За нив, наводно зо вложена една фунта се добиваат три фунти. Толку носи овој бизнис.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот