Кино културата не е замрена – е еден од заклучоците од првиот Форум на киноприкажувачите

Во организација на „Форум за разумни политики“ во соработка со фестивалот „Синедејс“ и Младинскиот културен центар, на 11 јули се одржа еднодневен Форум за состојбите со кино културата.

Кино културата не е замрена, потребни се реформи во инфраструктурата, институционална поддршка, како и регулирање на филмската дистрибуција, се дел од заклучоците што произлегоа од првиот регионален форум што се одржа на „Синедејс“, а на кој присуствуваа вкупно 12 киноприкажувачи од Хрватска, Србија, Бугарија, Грција и домашни излагачи од три кино сали.

Општиот заклучок од дискусијата на која се разменија искуства за регулативите во киноприкажувањето, опстанокот на кино салите, дистрибуцијата итн, е дека публиката не е загубена, но мора да се најдат механизми таа да се врати кон навиката да гледа филм во кино, бидејќи киното е незаменливо за вистинското доживување на оваа уметност. Оваа потреба особено се јавува после пандемијата во која филмот стана уметност која се консумира дома преку бројните филмски канали. Исто така, од особена важност е едукацијата на младите за филмската уметност и создавање на култура за одење во кино.

Како позитивен пример за кино вмрежување беше излагањето на Ален Мунитиќ, претседател на кино мрежата во Хрватска. Според него не е лесен патот да се направи кино мрежа во една земја, но овој макотрпен процес покажал дека заедничкиот напор во менаџирање на кино салите, од нивното инфраструктурно уредување, дигитализација и програмска содржина, ја вратил публиката во кино салите.

Христо Христозов, програмски директор на „Синема хаус Софија“, даде позитивни примери во менаџирање на публиката, преку програмски денови наменети за најмладите, потоа за инклузивни групи граѓани, бидејќи филмот им припаѓа на сите. Како начин за мотивирање на публиката беше посочено дека исто така дружењето после проекциите, Q & A, дискусиите, кафетерии и барови во рамките на кино салите, маркетингот на социјалните мрежи, бесплатни пуканки, чоколада или вино се покажале како успешен модел. Киното „Киноверзум“ од Свети Николе, чиј основач и сопственик е Михаела Ѓорчева е светол пример за функционирање на кино сала и поттикнување на кино културата. Таа ја презентираше оваа кино приказна, како од една идеја и визија станала реалност.

На форумот учествуваа 12 киноприкажувачи од регионот

Претставниците од канцелариите на МЕДИА од Хрватска, Мартина Петровиќ, Камен Балкански од Бугарија и Ана Касимати од Грција ја потенцираа важноста на поддршката за кината од овој европски фонд и дадоа насоки според кои може да се направи добра апликација пред фондот. Според нив, заедничкото настапување, односно кино мрежите го олеснуваат пристапот до фондот, анимирањето на младата публика и едукацијата.

Моментно состојбата кај нас со кино салите е на прилично ниско ниво, но потребно е да се најдат механизми за институционална поддршка во уредувањето, дигитализацијата и останатите сегменти од кино системот. Оние кино сали кои се под капа на државата, како онаа во Кинотеката на РСМ, егзистираат полесно и можат да се фокусираат на квалитетна програма, но поразителен е фактот што во државата сите оние кино сали во рамките на Домовите на културата се замрени, со застарени кино проектори и инцидентна програма. Форумот даде иницијален преглед на оваа тема, која во иднина треба детално да се разгледа и оперативно да се делува.

Форумот го модерираше Ана Василевска, новинар и филмски теоретичар, а излагачи беа Владимир Ангелов, директор на Кинотеката на РСМ, Менче Хаџи-Коста Милевска, програмски уредник на 3Д киното во Центарот за култура во Битола, Ифигенија Влахојани, менаџер на „Синема стар“ од Верија, Грција, членка на Управниот одбор на грчкиот Филмски центар, Бобан Стефановиќ, претседател на кино мрежата во Србија, и Маргарита Арсова, уредник на филмската програма во МКЦ, во чија надлежност се кината „Милениум“ и „Фросина“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 137, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17 јули 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот