Киев не гледа итна закана: „Не грижете се и спијте спокојно“

Украински резервисти вежбаат на полигон кај Киев - Фотографија ЕПА, Сергеј Долженко

Министерот за одбрана истакна дека иако Русија има распоредено десетици илјади војници покрај границата, сѐ уште не формирала „борбени групи“, кои би биле неопходни за инвазија

Украинскиот министер за одбрана Олексеј Режников не гледа итна закана од воена инвазија на Русија.

Во обраќање до пратениците, Режников истакна дека иако Русија има распоредено десетици илјади војници покрај границата, сѐ уште не формирала „борбени групи“, кои би биле неопходни за инвазија.

– Не грижете се и спијте спокојно. До денеска немам основа да верувам дека Русија може да нападне – изјави Режников.

Западни извори проценуваат дека Русија сега има распоредено близу 130.000 војници близу границата во Украина. Руската војска потврди дека во регионот ќе одржи нови вежби со бојна муниција, на кои ќе учествуваат 6.000 војници, борбени авиони, бомбардери, противвоздушни системи и бродови од Црноморската и од Касписката морнарица.

Рускиот амбасадор во Австралија, Алексеј Павловски, го повтори категоричниот став на Москва дека не планира инвазија врз Украина.

– Воопшто немаме намера да извршиме инвазија. Нашите трупи на границата, тие не се закана, туку се предупредување до украинските владетели да не помислуваат на каква било непромислена воена авантура – изјави амбасадорот.

Тој го осуди и притисокот со санкции од западните земји, оценувајќи го како непродуктивен.

– Мислам дека сите треба да разберат дека таков јазик не треба да се користи кога ѝ се обраќате на Русија. Санкциите, едноставно, не функционираат – изјави рускиот амбасадор во Австралија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот