Ќе има ли место во куферите на Заев за поголема „внимателност и воздржаност“ при средбите во Софија?

Image: 421374573, License: Rights-managed, Restrictions: Contributor usage restriction: Advertising and promotion, Consumer goods, Direct mail and brochures, Indoor display, Internal business usage, Commercial electronic., Model Release: no, Credit line: ALEXANDROS MICHAILIDIS / Alamy / Alamy / Profimedia

Додека премиерот Зоран Заев патува за Бугарија со полни куфери „желби за разговори“, домашните аналитичари сметаат дека во нив треба да спакува и поголема „внимателност и воздржаност“.

Според Малинка Ристова од Инстистутот за европска политика, „внимателноста и воздржаноста“ се особено потребни бидејќи немаме никакви гаранции дека Бугарија и да го дозволи првиот чекор, нема да го блокира вториот и третиот. Поранешниот амбасадор во Бугарија Марјан Ѓорчев за Слободен печат вели, дека нема шанси за напредок во преговорите бидејќи рацете на бугарската техничка влада и се врзани со две декларции. Првата изгласана во бугарското собрание, и втората на Бугарската академија на науките. Целта вели тој е да спроведе само предвремени парламентарни избори.

-Начинот на водење на преговорите (преку претставник на Владата од македонска страна) е погрешен пристап на решавање на билатералниот спор меѓу Македонија и Бугарија, особено по прашањето на македонскиот јазик и нација. Ние треба да пристапиме многу посериозно кон проблемот и да изгласаме декларација во парламентот која ќе го определи начинот, формата, содржината и методологијата со кои Македонија ќе преговара со Бугарија. Така ќе бидеме многу посилни бидејќи ќе имаме наши црвени линии, но и нема да има простор за паушални изјави и размисли како да се разреши оваа блокадна ситуација од Бугарија. Ќе знаеме што Бугрија сака да постигне, но и кои се нашите моментални шанси во преговарачкиот процес со ЕУ, вели Ѓорчев.

Според Ристова очигледно е дека пораките на нашата Влада се воздржани за да не ги зголеми очекувањата на граѓаните дека Бугарија ќе ја тргне блокадата за преговорите на овој јунски Совет на ЕУ.

-Од друга страна, продолжува политиката на македонската влада на конструктивност, на што укажува и најавената посета на Заев на Софија. Бугарија, пак, и покрај „убедувањата“ од ЕУ и САД, останува на своите цврсти позиции, повторувајќи ја пораката „ќе ви овозможиме иднина во ЕУ ако признаете дека вашето минато е наше“. При отфрлен португалски предлог од страна на Бугарија, прашање е која ќе биде основата за евентуални преговори меѓу двете земји. Затоа би рекла дека во овој момент би очекувала поголема внимателност и воздржаност на нашите претставници. Ова особено затоа што немаме никаква гаранција дека дури и Бугарија да го дозволи првиот следен чекор (на пример усвојувањето на преговарачката рамка и одржувањето на првата меѓувладина конференција), нема да го блокира чекорот потоа – втората меѓувладина конференција, која е всушност почеток на преговорите, или кој и да е следен чекор, вели Ристова.

Премиерот Заев пред утрешната посета на Софија уште еднаш повтори дека не се преговара за македонскиот јазик и дека тие воошто не се на маса.

-Разговараме за португалскиот предлог којшто доаѓа од Португалија како претседавач со Европскиот совет што апсолутно води грижа за нашиот македонски јазик и македонски идентитет и истовремено води грижа и за бугарските позиции, рече Заев.

Заев рече дека е должен прво на граѓаните да им ги каже своите лични очекувања, бидејќи не сака ниту за себе ниту за народот да ги зголемува очекувањата од тоа што е реално.

-Зошто е реално? Заради тоа што во Бугарија нема ниту Парламент, ниту има политичка влада. Фала богу има желба за разговор и затоа ќе ја искористиме таа желба за разговори од страна на бугарската влада и ние ќе ја направиме посетата на Бугарија каде што ќе се видиме и со лидершипот на повеќе политички партии, најголемите. Се надевам тие ќе го прифатат тоа, а ќе се видиме со премиерот и со претседателот на државата и сите важни носители на одговорните функции, рече Заев.

Според Заев Португалскиот предлог е квалитетен и за Македонија и за Бугарија бидејќи води грижа и за двете страни и е добра основа за постигнување на решение.

-Ова треба да го искористиме. Ако се постигне решение супер, ако не се постигне сигурно ќе е позитивен исчекор кон изнаоѓање на решение веднаш штом ќе се формира политичката влада, рече премиерот Заев.

Првата шанса за датум за меѓувладина конференција е на 22 јуни, односно 24 и 25 јуни кога се одржува Европскиот совет. На 6 октомври е следната шанса на Европски совет за Западен Балкан во Словенија за време на словенечкото претседателство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот