Карактерот на Макрон наспроти популарноста на Ле Пен

Претседателските избори во Франција идната година, со можноста за победа на француската крајна десница, би имале огромни последици врз Европската Унија и нејзината членка со втора најголема економија во Унијата

Тоа би бил политички земјотрес во Европската Унија подеднакво разорен како и гласањето на референдумот во Велика Британија за Брегзит во 2016 година и изборот на Доналд Трамп за претседател на САД подоцна истата година. Марин Ле Пен, лидерката на екстремно десното „Национално обединување“ во Франција, поминува толку добро во анкетите на јавното мислење, што се заканува да го спречи реизборот на Емануел Макрон.

Можноста да победи на претседателските избори во Франција следната година би ја направило да стане првиот лидер на екстремната десница во земјата од Второто светска војна наваму.

Минатата недела, таа се спореди со британскиот премиер Борис Џонсон и брегзитерите на Велика Британија – и според импликацијата на изборот на поранешниот американски претседател Трамп – како политичар кој може да триумфира со поддршка од сите видови гласачи. „Нема повеќе поделба помеѓу лево и десно, постои поделба помеѓу глобалистите и националистите“, вели Ле Пен.

 Фактори за падот на Макрон

Но, дали победата следната пролет на Ле Пен е навистина веројатна? Дебатата меѓу француските политичари е толку жестока, што повремено дури и ја потисна смртоносната пандемија како тема на дискусија, што сугерира дека постои барем можност за политички шок во Франција, слично на Брегзит и Трамп.

„Постојат многу состојки кои се исти“, вели Клое Морин, аналитичар во фондацијата „Жан Жоре“. „Отфрлање на елитите. Чувства на неправда. Желбата да се ‘преземе контролата’ над судбината на својата земја“.

Последиците од екстремно десничарската победа во втората најголема економија на ЕУ ќе бидат значителни и дома и во странство.

Ле Пен успешно ја ребрендира својата партија и ја придвижи кон центарот, откако пред една деценија го наследи својот антисемитски татко Жан-Мари Ле Пен како лидер на партијата. Но, таа и нејзините националистички поддржувачи остануваат непријателски расположени кон имигрантите и слободната трговија. Тие немаат економско искуство, пријателски се расположени кон популистичките автократи каков што е рускиот Владимир Путин и се многу критични кон ЕУ, дури иако Ле Пен ги повлече своите закани за напуштање на блокот и напуштање на еврото. Повеќето од овие позиции се директно спротивни на оние усвоени од либералот, интернационалист Макрон, откако ја презеде функцијата во 2017 година.

Постојат и други фактори кои можат да помогнат за победата на Ле Пен, која го нарече Макрон „последниот здив на стариот систем“. Еден од нив е Макроновото справување со пандемијата, нарушено – барем во очите на лекарите – од неговата неодамнешна неподготвеност да ги следи советите на научните советници и да наметне построга блокада за спречување на третиот бран инфекции. Од минатиот викенд се проширени ограничувањата за движење во целата земја. Но, повеќе од 96.000 луѓе веќе починаа од вирусот во Франција, а најновиот бран забрзан со ширењето на новите варијанти на вирусот ги преполни болничките одделенија за интензивна нега во Париз и на северот на земјата.

Вториот изборен круг против крајната десница

Друг проблем за Макрон е неговата репутација на арогантен сезнајко кај многу Французи. Со јавна поддршка од 34-41% во последните неколку недели, Макрон е попопуларен од неговите претходници на социјалистите и од десниот центар Франсоа Оланд и Никола Саркози во истиот период од нивните мандати, но податоците покажуваат дека тој е фигура на поделби кој отуѓи многу од оние кои гласаа за него и неговата порака „ниту десно, ниту лево“ во 2017 година.

„Таа [Марин Ле Пен] ќе победи“, вели Арно Монтебур, социјалист, кој беше претходник на Макрон како министер за економија под водството на Оланд. „Слично е на феноменот Трамп или Брегзит.“

Монтебур вели дека карактерот на Макрон и неговата „олигархиска“ политика ја зголемија популарноста на Ле Пен и дека претседателот се залажува себеси и Франција обидувајќи се да ги убеди луѓето да гласаат за него како „бедем“ против Ле Пен и крајната десница во претпоставениот втор круг на изборите.

„Макрон е омразен затоа што е арогантен“, вели Монтебур. „Значи, тој не е ‘бедем’, туку тој е тој што ќе ја донесе мадам Ле Пен на власт.“

Пандемијата ги запира реформите

Морин се согласува дека Макрон се смета за „арогантен, презирлив, надмен“ и вели дека поддршката за неговата администрација во време на национална криза ја маскира неговата основна непопуларност. И покрај тоа што Ле Пен е подеднакво контроверзна, „има цели слоеви што го мразат Макрон колку што го мразеа и Саркози“, вели таа.

Сепак, не е само ликот на Макрон тој што создаде пречки за неговиот реизбор. И длабоката економска рецесија предизвикана од пандемијата веројатно ќе ги врати претходните достигнувања на неговата администрација во намалувањето на трајно високата стапка на невработеност во Франција, иако работните места досега беа одржувани од масивниот план за економски спас финансиран од буџетскиот дефицит, дизајниран да го запре пропаѓањето на бизниси какви што се рестораните и хотелите, со субвенции и за сопствениците и за вработените.

Економските реформи со потпис на Макрон, на пример, за скапите државни системи за пензии и бенефиции за невработеност, исто така, беа запрени од пандемијата. Тие реформи веќе беа оспорувани и од често насилните антивладини протести на „жолтите елеци“, кои избувнаа низ целата земја во 2018 година и траеја повеќе од една година, но тие им се допаднаа на многумина од центро-десните гласачи во земјата.

Задржувајќи ги реформите на својата листа на обврски, Макрон отуѓува многу гласачи од работничката класа, претприемачите и голем дел од средната класа. Значајно е тоа што многу демонстранти од „жолтите елеци“ на почетокот на движењето беа приврзаници на Ле Пен надвор од Париз, иако некои од подоцнежните демонстрации беа преземени од анархисти и приврзаници на крајната левица.

Макрон сличен на Обама

Макрон нема што многу да покаже и од неговите интензивни напори во надворешната политика, вклучувајќи ги и неговите повторени обиди да му се додворува на Путин и да ја убеди Русија да воспостави мир со Украина и неговото неуспешно настојување да ги помири Иран и САД под Трамп за да помогне во решавањето на иранската нуклеарна криза.

Макрон беше победнички бунтовнички кандидат на изборите во 2017 година делумно затоа што се залагаше за непартиски економски реформи и енергичен вид на интернационализам, но резултатите што тој би ги сакал изостанаа.

„Во моментов, тој нема триумфи во надворешната политика на кои може да посочи во предизборна кампања и да тврди дека Франција има поголемо влијание“, вели Николас Дунган, постар соработник во Центарот за Европа на Атлантскиот совет. „Во домашната сфера Макрон има политички достигнувања како што се пензиските реформи, но она што му недостасува е нешто за што индивидуални Французи би кажале ‘Еве како тој го смени мојот живот на подобро’“.

„На некој начин, Макрон претставува француска верзија на Обама, полиран, интелектуален, самоуверен, високо интелигентен и темелно професионален“, додава Данган. Но, поранешниот претседател на САД „беше поприроден отколку Макрон во убедувањето на луѓето дека ја чувствува нивната болка“.

Изедначена трка

Најновите анкети на јавното мислење покажуваат дека Ле Пен има реални шанси за победа, што претставува значителна закана за францускиот естаблишмент и единството на ЕУ. Кога нејзиниот татко ја шокираше Франција со елиминирањето на социјалистичкиот премиер Лионел Жоспен во 2002 година за да го предизвика Жак Ширак во вториот изборен круг за претседател, загуби со 82 наспроти 18 проценти од гласовите. Републиканскиот фронт, одбранбениот систем според кој гласачите избираат кандидат што не го сакаат за да го задржат оној што го мразат, ја покажа својата вредност: левицата масовно гласаше за кандидатот од десниот центар, Ширак.

Потоа во 2017 година јазот беше намален. Во битката во вториот круг, Макрон ја победи Ле Пен со 66 наспроти 34 проценти. Идната година, пак, според најновите анкети на јавното мислење, Ле Пен би можел да поведе во првиот круг со сигурен пласман во финалето, а ако се пласира и Макрон, во моментов се предвидува тесна победа со 53 наспроти 47 проценти, според мартовската анкета на „Харис Интерактив-Л’Опинион“. Системот на републиканскиот фронт се распаѓа, бидејќи многу левичари велат дека ќе апстинираат. Некои дури можат да гласаат за Ле Пен, чии упоришта се во индустриските градови на северот, каде некогаш доминираа комунистите.

„Дали е рано да се зборува за ова?“ прашува Дунган. „Не, не е. Анкетите покажуваат дека Ле Пен и Макрон се прилично изедначени. Не е дека луѓето се непријателски расположени кон Макрон. Тие не се сигурни дека тој ги разбира.“

Криза на идентитет

Начинот на кој работи системот на гласање во француската Петта Република – според аксиомата „во првиот круг го избирате кандидатот што го сакате, а во вториот круг го елиминирате оној што не го сакате“ – ја објаснува непредвидливата природа на нејзините избори и важноста на републиканскиот фронт. Додека Ле Пен може да се потпре врз солидната поддршка на крајната десница, гласовите за нејзините ривали ризикуваат да бидат потрошени ако во првиот круг има повеќе конкурентни кандидати од лево-центристичката и десно-центристичката ориентација.

Самиот Макрон имаше и има корист од слабоста на традиционалните партии. Некогаш моќната Социјалистичка партија е особено ослабена и во повлекување пред зелените. Централното десно движење постојано го менуваше своето име во последниве години – во моментов се нарекува Лес Републиканс (Les Républicains) – што сугерира дека има проблем со идентитетот, а неколку политичари се претставуваат како можни кандидати, вклучувајќи го и Ксавиер Бертранд, претседател на регионот От-де-Франс, и Мишел Барние, кој беше главен преговарач на ЕУ за Брегзит.

Прашање е дали Макрон може да се потпре на гласачите од центарот за да го извлече првиот круг и потоа да привлече доволно дополнителни приврзаници за да го поддржат против Ле Пен во вториот круг. Тој допрва треба да ја објави својата кандидатура за реизбор, но неговата стратегија е јасна: да се претстави пред гласачите уште еднаш како личност со најголема веројатност да ја победи Ле Пен. Ова ги разбеснува политичарите како Монтебур од левицата, кои велат дека Французите се уморни од Макрон и не сакаат уште една пресметка Макрон-Ле Пен.

Макрон возвраќа дека тој, едноставно, се занимава со политичката реалност на Франција. „Јас не сум тој што ја стави Марин Ле Пен таму“, им рече тој неодамна на пратениците на неговата владејачка партија „Ла Република“. „Тоа се гласачите. Таа и нејзиниот татко се таму 25 години. Таа беше таму пред нас “.

 Лов на десните гласачи

Жерал Дарманин, тврдокорниот министер за внатрешни работи на Макрон, го предводи обраќањето до екстремно-десничарските и десно-центристичките гласачи – како и старомодните секуларни републиканци од левицата – со обид за сузбивање на криминалот, ограничување на имиграцијата и кампањата на претседателот против исламистичкиот тероризам и „сепаратизмот“ во предградијата каде што доминираат муслиманите.

Во мартовското интервју за „Фајненшел тајмс“, Дарманин рече дека опасноста за Франција е „да ѝ дозволи на мадам Ле Пен да стане претседател на Републиката затоа што се покажавме премногу наивни, премногу меки“.

За Макрон претстојат неизвесни месеци додека маневрира низ пандемијата, во подготвките за француското претседателство со ЕУ во првата половина на следната година и да размислувањето за неговата политичка иднина.

Но, конфронтацијата Макрон-Ле Пен во вториот изборен круг и победата на Ле Пен се далеку од сигурни, дури и ако тие се преферираат меѓусебно за противници. Постојат и други неизвесности. Можно е или Ле Пен или Макрон или обајцата да не успеат да го минат првиот круг на изборите. Ниту, пак, евентуалниот победник на претседателската функција е загарантиран да обезбеди парламентарно мнозинство на изборите во Националното собрание што следат, сценарио што може да го осуди на неефекасна „кохабитација“ со непријателска влада.

Битка за срцата и умовите

Деловните лидери кои некогаш во голема мера го поддржуваа Макрон и неговите економски реформи почнаа да се прашуваат дали треба да застанат зад алтернативен кандидат – можеби Едуар Филип, некогаш лојалниот премиер, заменет со Макрон минатата година, а сега градоначалник на Ле Авр, за кого се верува дека го чека својот момент за следниот изборен циклус.

„Има размислувања дека… премногу луѓе го мразат [Макрон]; справувањето со пандемијата, особено во изминатите два месеци, беше лошо; Макрон заталка“, вели еден голем француски менаџер.

Изборниот предизвик на Макрон, вели Дунган, е дека тој треба да ги освои срцата и умовите на луѓето. „Тој не е политичар од кариера: не е многу вешт во додворувањата. Тој ризикува не да биде победен од Марин Ле Пентуку самиот да се порази.“

Што се однесува до Ле Пен, нејзините слабости се очигледни и не се само лошите телевизиски дебати што ја запечатија нејзината судбина кога се спротивстави на Макрон пред последниот круг на гласање во 2017 година. Иако ветува „враќање на здравиот разум“, „пониски даноци“ и „економски патриотизам“, како и ограничувања на имиграцијата, таа допрва треба да ги убеди гласачите дека таа или нејзината влада компетентно ќе управуваат со економијата.

Дали скептицизмот на Ле Пен кон ЕУ и нејзиниот рецепт за економски суверенитет е премногу некохерентен за проевропските гласачи да ја изберат за претседател? Дунган не е толку сигурен: „Трамп и Брегзит покажаа дека тоа се одлични изборни теми – не се работи за фактите, туку за чувствата на гласачите.“

Написот е објавен во викенд-изданието на Слободен печат. (10-11 април 2021) во прилогот СП. неделник. Текстот е преземен од Financial Times (ЛОНДОН) со претходна дозвола од издавачот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот