Камерниот оркестар „Ајга“ ќе изведе концертен „Омаж на Љубомир Бранѓолица“ на ДММ 2023

Покана за концертот / Фотографија: ДММ 2023

Последниот концерт од годинашното издание на фестивалот „Денови на македонска музика“ (ДММ) ќе се одржи на 24 октомври, од 19 часот, во камерната сала на Филхармонија и ќе биде посветен на делото и творештвото на неодамна починатиот македонски композитор Љубомир Бранѓолица (1932 – 2023).

На концертниот омаж, публиката ќе има можност да чуе дела од опусот за гудачки оркестар на авторот во изведба на солистите Татјана Петрушевска (обоа), Здравко Ангелов (кларинет), Марјан Милошевски (фагот) и Мартин Димитров (виолина), кои ќе настапат заедно со гудачкиот оркестар „Ајга“ под диригентската палка од маестро Борјан Цанев.

Љубомир Бранѓолица (1932 – 2023) е уникатна фигура на македонската музичка сцена во втората половина на дваесеттиот век. Во неговиот исклучително богат творечки опус се сместени опери, балети, камерни и хорски композиции, популарни и детски песни и аранжмани на творби од други, наши и странски автори.

Иако е разновидно и многубројно, сепак, не е тешко да се издвои магистралниот правец во неговиот творечки пат и клучниот и неодминлив придонес за македонската музичка култура. Тоа е балетскиот опус на авторот што опфаќа 18 целовечерни балети.

Неговото богато музичко творештво е плод на повеќе влијанија, тенденции и животни ситуации. Бранѓолица е несомнено еден од најплодните и најзначајни автори на 20-тиот век во македонската музика, не само во класичната, туку и во сите останати музички жанрови.

Концертот „Омаж на Љубомир Бранѓолица“ е во организација на СОКОМ, под покровителство на Претседателот на РСМ и се реализира со поддршка на Министерството за култура и НУ Филхармонија. Влезот на концертот е слободен.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 201, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-23.10.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот