Камери на телата на полицајците за помалку мито во затворите, затворско разузнавање за поголема безбедност

Затвор Идризово / Фото: МИА

Со затворско разузнавање и специјална единица за интервенции, со видеонадзор и камери на телата на полицајците, како и со поголеми плати за вработените што се предвидуваат со измените на Законот, треба да се зголеми безбедноста во македонските затвори.

Со затворско разузнавање, специјални единици за интервенција, со видеонадзор и камери на телата на полицајците, како и со поголеми плати за вработените ќе се зголемува безбедноста во македонските затвори.
Министерството за правда подготви измени и дополнувања на Законот за извршување на санкциите, кој веќе е во собраниска процедура, чија цел е да се решат безбедносните проблеми во казнено-поправните установи, да се создаде посигурна безбедносна средина во затворите и да се подобри генерална и општата безбедност во државата. Според Министерството, тоа ќе се постигне со формирање на Единицата за затворско разузнавање и Единицата за интервенции, а со воспоставувањето на системот за видеонадзор и со користењето т.н. „боди-камери“ ќе дојде до намалување на корупцијата во казнено-поправните установи.

Поголеми права, но и поголема контрола на вработените

Од Министерството соопштуваат дека со промената на дел од кривичното законодавство, се јавила потребата од менување на Законот за извршување на санкциите.

– Како причина за носењето на овој закон е и менувањето на затвореничката структура во Република Северна Македонија, појавата на сè поголем број радикализирани осудени лица, како и потреба од заострување на начинот со кој досега осудените лица, по доставување на упатните акти, имаа можност за менување на адресата на живеење, со што ја избираа казнено-поправна установа во која би ја издржувале казната. Со законот се подобруваат условите и правата од работен однос на вработените во Управата и вработените во казнено-поправните установи и воспитно-поправните установи – соопшти Министерството за правда.

Во воведот на законот се потенцира дека лошите состојби во затворите се нотирани во извештаи на многу домашни и странски институции, а главни проблеми со кои се соочуваат Управата за извршување на санкциите и казнено-поправните и воспитно-поправните установи се пристапот до здравствена заштита, образованието, корупцијата, пренатрупаноста и создавањето на подобри материјални услови за живеење.

– Единиците за затворско разузнавање се востановуваат за да се зголеми општата безбедносна состојба на секоја казнено-поправна установа, за да се детектираат потенцијалните ризици и да се превенираат. Единиците за затворско разузнавање се дел од внатрешната организација на секоја установа каде што се формирани и се сметаат како друга мерка за обезбедување. Овие единици ќе бидат ефикасен механизам на детектирање и спречување на корупција во казнено-поправните установи – се вели во Предлог-законот.

Селекцијата на аналитичарите кои ќе работат во единиците за затворско разузнавање ќе се одвива по претходна извршена безбедносна проверка од соодветен надлежен државен орган. Аналитичарите во овие единици имаат право на додаток на плата за посебни услови за работа и за работа изложена на ризик во висина од 40 отсто од износот на основната плата.

– Единиците за затворско разузнавање ќе претставуваат ефикасен механизам за борба против корупцијата во казнено-поправните установи. Овие единици ќе ги детектираат ризиците, а со тоа и Управата за санкции ќе биде во можност да превенира. Тие ќе ја зголемат динамичка безбедност во установите, но и ќе ја подобрат националната безбедност. Постои обучен тим на аналитичари во КПД Идризово, кој во изминативе две години ги помина успешно сите обуки – пишува во предлогот.

Според законското решение, видеонадзорот во затворите ќе се врши за контрола и безбедност на установите и за заштита на животот и здравјето на осудените, притворените, вработените лица и на посетителите. Системите за видеонадзор ќе бидат важна поддршка во борбата против насилството во затворите, против употребата на дрога и злоупотребата на овластувањата од вработените.

– При преземање дејства, затворската полиција, директорот и вработените можат да употребат технички средства за аудиовизуелно снимање (боди-камера), со кои ќе се обезбеди снимен материјал (аудио и видеозапис) за начинот на кој се презема дејството од страна на затворската полиција. Службените лица се должни да го известат лицето дека дејството се снима. Снимките се чуваат до исполнување на целите за кои се вршат, но не подолго од 30 дена, по што автоматски се бришат – се вели во текстот.

Нов куќен ред за осудениците со висок ризик

Затворската полиција има разни овластувања, меѓу кои: проверка и утврдување на идентитетот на лица и предмети, собирање информации, потрага по лица и предмети во случај на непосредно бегство кога се врши спровод, предупредување и наредување, привремено одземање предмети, преглед, односно претрес на простории и на притворени и осудени лица, влегување во туѓ дом и други затворени простории во случај на непосредно бегство кога се врши спровод, сопирање, преглед, односно претрес на лица, багаж и превозни средства во случај на непосредно бегство, тестирање осудено лице ако постои сомнение дека користел алкохол или дрога итн.

Новина во законот е и што е предвидено дека во установите може да се основаат одделенија за осудени лица со висок и многу висок безбедносен ризик.

– За осудените лица сместени во одделенијата за висок и многу висок безбедносен ризик ќе се донесе нов куќен ред, со кој поблиску ќе се определи организацијата на работата, ќе се пропише начинот на живеењето на овие осудени лица, видот и начинот на користење на погодностите, одржување на редот и дисциплината, контактот со надворешниот свет и друго – пишува во Предлог-законот.

Ново е и тоа што се дава основа во установа од отворен вид да се извршува казната само за кривични дела извршени од небрежност, за кои е определена казна затвор до три години, како и казна затвор до една година за кривични дела извршени од небрежност кои се извршени во поврат. Ова би значело дека издржување казна затвор во установа од отворен вид, освен кривични дела извршени од небрежност, за другите кривични дела е оневозможено.

Затвори од затворен тип во Македонија има во Идризово, Штип и во Прилеп, од отворен тип се затворите во Струга, Велес и Крива Паланка, од полуотворен тип се затворите во Битола, Гевгелија, Куманово, Охрид, Струмица и Тетово. Воспитно-поправна установа за машки и за женски лица има во Тетово.

Во предлогот е наведено дека за спроведувањето на законските измени годишно ќе се трошат по 93.373 милиони денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот