Како да се заштитите од удар на гром и што да направите ако сепак удри гром

Грмотевица, гром, невреме
Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Летните бури честопати се придружени со невреме и грмотевици кои, кога се наоѓате на безбедно во затворен простор, може да делуваат застрашувачки, но всушност и не се толку опасни. Особено ако во текот на грмотевиците избегнувате да користите апарати кои се вклучени во струја или интернет, пишува „Дневник.хр“.

Но, што ако невреме со грмотевици ве затекне на отворено? Иако шансите да ве погоди гром се релативно мали, околу еден на милион, некои фактори можат да ве изложат на поголем ризик.

Иако нашите стари велеа „гром не удри во коприва“, тоа не е баш точно. Луѓето кои се наоѓаат на отворено, без разлика дали се занимаваат со земјоделска или друга работа или рекреативни активности, имаат поголеми шанси за блиска средба со гром. Тука треба да додадеме и некои други отежнувачки околности, престој на отворен простор каде личноста е „највисок“ предмет, користење метални предмети (како градинарски алат), престој на висока зграда, престој на отворено море и слично.

Што да направите и како да се заштитите од потенцијален удар на гром?

Првото правило во таков случај е, немојте да бидете на отворено. Ако временската прогноза најавува невреме со грмотевици, подобро е да ја одложите работата на отворено или излетот во природа.

Ако слушнете громотевица, засолнете се во затворен простор. Не мора тоа да биде куќа или зграда. Дури и автомобил може да послужи како одлична заштита, ако можете да стигнете до него. Само не заборавајте да ги затворите сите прозорци.

– Што е можно побрзо, напуштете го отворениот простор и побарајте засолниште. Ова е особено важно ако се наоѓате на возвишена област како што е планински врв, ливада или карпа.

– Никогаш не стојте во голема група луѓе. Растурете се, така што во случај на удар на гром, помалку луѓе ќе бидат погодени.

– Не одете исправено. Клекнете или наведнете се што е можно пониско до земјата за да направите што е можно помала цел (таргет).

– Никако не легнувајте на земја. Наместо тоа, подобро клекнете и свиткајте се во топка, заштитете ја главата и ушите и обидете се да имате минимален допир со земјата.

– Никогаш не обидувајте се да се „скриете“ под дрво. Особено ако тоа е единствено дрво на отворено. Високите дрвја служат како мамка за громовите и најдобро е да се избегнуваат.

– Никогаш не барајте заштита под камени покриви, сводови или вдлабнатини.

– Оддалечете се од езера, бари, море или која било голема површина на вода.

– Особено избегнувајте предмети што спроведуваат електрицитет – метални огради, далноводи, планинарски огради и слично.

– Не стојте на бетонска подлога – особено ако е во прашање армиран бетон. Громот може да патува низ метални мрежи или шипки во армиран бетон и сериозно да ве повреди.

– Ако почувствувате „пукање“, а косата почне да ви се накострешува, може да станете цел на следниот удар на гром. Веднаш напуштете го тоа подрачје, а ако тоа е невозможно, треба да клекнете, да ја спуштите главата и да ги покриете ушите за да спречите повреди на тапанчињата.

Што ако, сепак, дојде од удар од гром?

Заводот за итна медицина на Загрепската жупанија предупредува дека стапката на смртност од удар од гром е 10-30 отсто, а 50-70 отсто од преживеаните имаат значителни нарушувања, најчесто на нервниот систем.

Во случај на удар од гром, веднаш повикајте помош.

– Основното правило е „да не се зголемува бројот на жртвите“. Доколку е во тек бура, а жртвата е на место со висок ризик од удари на гром, спасувачот мора да процени, водејќи сметка за личната безбедност, дали е можно да се премести жртвата на побезбедно место.

– На жртвата на удар на гром веднаш може да и се пријде и да допре без опасност. Проценете ја состојбата на свеста, дишењето и другите знаци на протокот на крв и, доколку е потребно, веднаш започнете со мерки за реанимација (помислете на можна повреда на ‘рбетниот мозок).

– Реанимацијата (оживување) мора да биде упорна и долготрајна бидејќи парализата на мускулите за дишење може да трае долго време. Кога има повеќе жртви, секогаш се дава приоритет на оние кои треба да се реанимираат.

– Ставете ја онесвестената жртва во странична положба.

– Згрижете ги другите повреди (скршеници, рани и изгореници).

– Секоја жртва на удар на гром треба да биде однесена во болница со постојано следење на виталните функции.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот