Јоксимовиќ: Србија е подготвена за новата методологија на ЕУ

Јадранка Јоксимовиќ
Јадранка Јоксимовиќ / Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Српската министерка за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ, по повод „нон-пејперот” за примена на новата методологија за проширување на Европската Унија (ЕУ), изјави дека „Србија е подготвена да ги продолжи евроинтеграциите без разлика какви се правилата, бидејќи тоа е нејзина стратешка определба”, јави дописникот на МИА од Белград.

– Србија ја прифати новата методологија во време кога никој не знаеше како таа ќе изгледа или каков предлог ќе дојде од Европската Комисија и земјите членки и со тоа покажа доверба во намерите на ЕУ кон политиката на проширување и на Западен Балкан, а со тоа и на Србија, изјави Јоксимовиќ за РТС.

Од друга страна, Србија покажа дека е подготвена да го продолжи процесот на евроинтеграции, какви и да се правилата, бидејќи тоа е нејзина стратешка определба.

Според неа, „новата методологија ги зајакнува оние работи што инаку беа важни во тој процесот за Србија, а кои беа многу поригорозни отколку кога другите земји, сегашни членки, преговараа за нивно членство”.

Ова првенствено се однесува на политичките критериуми и владеењето на правото, изјави министерката за евроинтеграции, додавајќи дека „мерењето на напредокот во тие поглавја (23 и 24) ќе биде дополнително набљудувано и анализирано, не само од Европската комисија, туку и од земји членки на ЕУ”.

Според новата методологија, меѓународните конференции ќе бидат највисока форма на стратешки политички дијалог, на министерско ниво, меѓу земјите членки и кандидатите, без оглед дали е отворен одреден кластер или група поглавја поврзани со кластерот.

– Тоа е потранспарентен процес затоа што ќе видиме што очекуваат земјите-членки од Србија во смисла, на пример, на владеењето на правото, борбата против корупцијата, судските реформи, борбата против организираниот криминал, кажа Јоксимовиќ, посочувајќи дека преговарачката рамка што ја има Србија останува и дека сите промени се прилагодуваат во постојната преговарачка рамка.

– Корективните мерки се јасно дефинирани, како и досега, и тие се ригорозни, оцени таа, нагласувајќи ја нормализацијата преку дијалогот на Белград-Приштина, напредокот во постигнувањето реформи во областа на владеењето на правото, регионалната соработка за добрососедство.

Вчера еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, во Брисел им претстави на земјите-членки на ЕУ „нон-пејпер” со кој се предлага начин на примена на новата, ревидирана методологија во процесот на пристапување на Србија.

Во документот се нагласува дека предложените измени, во рамките на ревидираната методологија, мора да се применат во постојната рамка за преговори и со согласност на Србија, на која инсистира Белград.

Документот ги претставува четирите основни принципи на идниот пристапен процесот на Србија во ЕУ.

Прво, тој инсистира на кредибилитет на процесот и уште повеќе се фокусира на реформите во владеењето на правото.

Вториот принцип подразбира „посилно политичко управување со процесот на пристапување”, што треба да им даде на земјите-членки поголема улога во следењето и прегледувањето на постигнатиот напредок во Србија.

Третиот принцип ја нагласува важноста од забрзување на динамиката на пристапните преговори , што треба да се постигне преку отворање на повеќе поглавја вклучени во шест кластери.

Европската комисија како четврти принцип ја издвои предвидливоста на процесот на европскиот пат на Србија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот