ЈО со повик до сите политички партии: Не ја злоупотребувајте истрагата за „Феникс“

Фото: МИА

Jaвното обвинителство преку соопштение до јавноста ги повикува политичките партии да не ја злоупотребуваат во политички цели истрагата за предметот „Феникс“ и потсетуваат на пораката од Стејт департментот за политичко немешање во судството.

„Јавното обвинителство инсистира сите политички партии да запрат да ја злоупотребуваат во политички цели истражната постапка во предметот ‘Феникс‘, како и кое било друго постапување на обвинителството. Ги потсетуваме сите политички чинители на пораката што во овој контекст пред само неколку дена ја упати американскиот Стејт департмент дека лидерите на Северна Македонија мора да покажат силни, опипливи резултати во борбата против корупцијата, преку зајакнување на институционалната независност и ограничување на политичкото мешање, особено во судството, што е од суштинско значење за исполнување на целите за пристапување во ЕУ и градење доверба на граѓаните во владата“, пишува во соопштението од Јавното обвинителство.

Оттаму додаваат дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и јавниот обвинител кој постапува во предметот преземаат дејствија за обезбедување докази, целосно водејќи се од начелата на правичност и заштитата на пресумпцијата на невиност.

Што се однесува до јавните коментари и, како што велат од ЈО, шпекулациите во кои фокусот се става на временската рамка за преземање на дејствијата во овој предмет, сметаат дека е неопходно да се истакнат одредени датуми што го следат постапувањето во предметот, со што јавноста ќе може да оцени дека предметот „Феникс“ е воден согласно закон и соодветно на доказите.

„Доказот што беше неопходен во оваа кривична постапка – материјално-финансиското вештачење, што по наредба на предметниот обвинител го изготви судски вештак, е примено на 01.06.2023 година. До јавниот обвинител документот е доставен на 05.06.2023 година. По негово проучување, во корелација со претходно обезбедените докази, на 12.06.2023 година јавниот обвинител до МВР веќе достави Наредба со насоки за подготовка на сите потребни мерки за реализација на кривичниот предмет.
На 29.06.2023 година околу 11 часот, јавниот обвинител телефонски беше известен дека едно од осомничените лица е запрено на граничен премин во обид да ја напушти државата. Поради тоа, итно беше неопходно да започнат процесни дејствија соодветни на обидот за науштање на државата, кој факт беше образложен од предметниот јавен обвинител и на одржаната прес конференција. Според тоа, јавниот обвинител очигледно не можел да знае кога некое од осомничените лица ќе биде запрено при обид да ја напушти државата со што ќе иницира неопходност за брзо дејствување“, објаснуваат од ЈО во соопштението до јавноста.

Истовремено, оттаму ги осудуваат сите обиди за јавна лична дискредитација на обвинителот кој „максимално посветено и професионално постапува во предметот“.

Истрагата за случајот „Феникс“ се однесува на 11 споменици од проектот „Скопје 2014“:„Воинот на коњ“, лавовите – архаични и класични, спомениците на Даме Груев, Гоце Делчев, Никола Карев, Методија Андонов – Ченто, Цар Самоил, Гемиџиите, Јустинијан, „Прво заседание на АСНОМ“ и „Основачи на ТМРО“. Осмничени во овој случај се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески, поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, двајца поранешни градоначалници на Општина Центар – Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова и поранешниот претседател на Советот на Општина Центар, Владимир Здравев. Меѓу осомничените има и италијански државјанин и три италијански фирми.

Случај „Феникс”: Тодоровиќ заврши во домашен притвор, четворица добија притвор

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот