Извозот на фудбалери во светот, ранг-листа: Македонија е некаде на средината во регионов и во светот

EPA-EFE/GABRIELE MENIS

Нашава земја, според бројот на фудбалери кои играат во странство а потекнуваат оттука, на ранг-листата на 100 најголеми земји „извозници“ во светот, е некаде во средината, според податоците за минатата сезона. Најголем извозник на фудбалери во светот е Бразил, а во регионов најмногу фудбалери извезува Хрватска

Глобалниот пазар на фудбалери е се поголем како што минуваат годините и како што овој спорт се повеќе се комерцијализира. Според Меѓународниот центар за спортски студии (ЦИЕС) базиран во Швајцарија, а кој се занимава со обработка на статистички податоци во глобалниот фудбал, бројот на „печалбари“ кои заминуваат од сопствените земји за да играат во странски клубови, од 2017 година заклучно со крајот на минатата сезона, се зголемил за 17 отсто. Се очекува овој раст да продолжи позабрзано поради растечкиот интерес за фудбалот во земји како Саудиска Арабија, САД, Кина…

Македонија како извозник на фудбалери има свое место во статистичките обработки на ЦИЕС, за минатата сезона. Според табелата на ЦИЕС на која се 100. наголеми земји-извозници на фудбалери, Македонија е на 42. место. Минатата сезона 88 фудбалери од Македонија играле во странски лиги. Ако се споредиме со земјите од нашето регионално опкружување, некаде сме на средината како извозници, ако како критериум се земе исклучително бројот на фудбалери, а не квалитет на клубови и на првенства во кои тие настапуваат.

Што се однесува до другите земји од Балканот, Хрватска најдобро се котира на оваа ранг-листа на фудбалски извозници. Таа е на високото осмо место во светот со 407 фудбалери кои минатата сезона и играле во странство. Србија е две места под Хрватска со 380 извезени фудбалери.

На 21. место во светот е Босна и Херцеговина со 171 фудбалер „странец“, Грција е 34. со 127 извезени фудбалери. Словенија е на 38. место со 108 фудбалери од оваа земја што минатата сезона играле во странски средини. Едно место под Словенија е Црна Гора со 97 фудбалери „странци“. Овие наши соседи се пред Македонија како извозници на фудбалери.

Од регионов, Романија е на 44. место (две места под Македонија) со 82 извезени фудбалери. На 54. место е Унгарија со 61 „странец“ од оваа земја, а Албанија е веднаш под неа со 57 „странци“. Бугарија е на 61. место со 45 играчи кои минатата сезона играле во странски лиги, а Косово е на 64. место со 41 „странец“. Турција е дури на 73. место со извоз од 28 фудбалери за минатото првенство.

На врвот на листата на извозници на фудбалери како и многу години наназад е Бразил, кој имал 1.289 свои претставници кои играле во клубовите ширум светот. На второто место е Франција со 1.033 фудбалери што играат во странство. Трета е Аргентина (905), а во топ-тен се Англија (535), Шпанија (458), Колумбија (448), Германија (446), Хрватска (406), Нигерија (385), Србија (380).

Според швајцарскиот институт, земени се податоци од 135 лиги ширум светот, односно 2.200 клубови. Анализирано е потеклото на 62.610 играчи, а од нив 14.405 биле „странци“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот