Израдувајте ги дечињата со овие колаченца

Фото: Инстаграм

Предноста не им е само во забавните фигури, најчесто човечиња, туку и во тоа што имаат примамлива миризба, а и долго траат.

Децата особено им се радуваат на овие слатки колаченца кои според верувањето носат среќа во куќата, а мирисаат на најубавите зимски зачини – цимет, мускатно оревче и ѓумбир. Историјата на овие кекси потекнува од 16-от век, на дворот на Елизабета Прва која на угледните гости им давала кекси во различни фигури.

Фигурите се прават со помош на калапи кои лесно се наоѓаат и во нашите поголеми продавници за домаќинство.

Па, доколку сакате да ги приготвите, еве го рецептот.

Намирници – 150 грама путер, 180 грама кафеав шеќер, 400 грама брашно, 1 јајце, пола лажичка екстракт од ванила, пола лажичка прашок за пециво, пола лажичка сода бикарбона, 1 лажичка мелен ѓумбир, 1 лажичка цимет, пола лажичка мускатно оревче, пола лажичка црн пипер, прстофат сол.

Во еден сад помешајтеги сите состојки – брашното, прашокот за пециво, содата и зачините. Во друг сад добро измиксајте го шеќерот со путерот, додадете го јајцето и екстрактот од ванила. Полека додадете ги сувите состојки и месете додека се направи тесто. Тестото поделете го на три дела, завиткајте го во фолија и оставете го во фрижидер околу еден час.

По еден час, извадете го тестото малку да отстои на собна температура и загрејте ја рерната на 180 степени. Развлекувајте дел по дел од тестата на посакувана дебелина (се препорачува околу 5-6 сантиметри), но внимавајте да не биде претенко за да не пукне. Со калапи направете ги облиците, па префрлете ги кексите во тава за печење претходно премачкана и покриена со хартија за печење. Печете околу 10 минути додека не потемнат, но внимавајте да не изгорат. Оставете сосема да се изладат и потоа украсете ги по желба со помош на боја за готвење или пак со бомбончиња за вистински новогодишен ефект.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот