Изложбата „Алиса во Апсурдистан“ е покана за преиспитување на секојдневието кое нѐ уморува

Фотографија од процесот на создавање на изложбата

Во рамките на програмата на „Скопско лето“ на 29 јули (сабота), во 20 часот, во објектот Сули-ан ќе биде отворена изложбата „Алиса во Апсурдистан“ од Јулија Петровска. На отворањето, со специјално подготвен соло сет на клавијатура и теремин ќе настапи Ива Дамјановски, пијанистка, тереминистка и поетеса.

Станува збор за трета самостојна изложба на Јулија Петровска по „Антропоморфна боженственост“ (19-21.06.2023, во Мобилна монтажна галерија на ЦСУ) и „Курбан-даршан“ (28.06.2023, во „Буква“).

– Со „Алиса во Апсурдистан“ ќе изложам околу 15-ина дела. Половина од делата се акрил на платно (некои со колаж), а другата половина (формат метар на метар) е комбинација од „pouring“ (техника на излевање) на боја за традиционално ебру на специјално подготвено платно, со линопринт и колаж – објаснува авторката.

Не можејќи „функционално“ да се вклопи во системот, Алиса бидува алката што чкрипи, што го заглавува механизмот добро подмачкан со двојни стандарди и опортунизам – слонот во продавница за кристал. Не знаејќи како да најде разврска за клопчето во кое сѐ повеќе се заплеткува, Алиса, се смалува себе си и тргнува во потрага по дупката на зајакот, надевајќи се дека таму ќе најде одговори за сопствената „очуденост“.

– Изложбата „Алиса во Апсурдистан“ е покана за преиспитување на секојдневието кое нѐ уморува, кое неповратно ни ја цица животната енергија оставајќи нѐ со празни раце и мамурна главоболка. Алиса е мој обид ведро и со духовито шаренило да канализирам дел од чемерот што ми се има напластено низ четири декади битисување во нашава чудесна Македонија – посочува Јулија Петровска.

Jyлијa Пeтpовска дипломира нa Филолошкиот факултет „Блажe Koнecки“, отсeк преведувањe на Катедрата по италијански јазик и книжевност и британски културолошки студии. Од 2012 до 2016 rодина живее и работи во Иcтaнбул, кaдe го изучува турскиот јазик. Преведува, толкува и предава јазици повеќе од 15 години.

Покрај преведувањето литература, нејзини пасии се и музиката и визуелните уметности. Нејзините ликовни дела, навидум нежни и аморфни, се критика на современото општество и улогата на жената во него.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот