
Италијанците не само што имаат даноци за туристи, туку и за нивните кучиња!
Во ек на дискусиите за прекумерен туризам, италијанскиот град Болцано (Бозен) воведува нова, контроверзна мерка: дневна такса за кучињата на туристите. Почнувајќи од 2026 година, сопствениците на кучиња што ја посетуваат оваа популарна дестинација, позната како порта кон Доломитите, ќе мора да плаќаат 1,50 евра по домашно милениче дневно.
Препорачано
Оваа одлука е дел од поширока кампања насочена кон ограничување на присуството на кучиња и не ги ослободува локалните сопственици, кои се должни да плаќаат годишна такса од 100 евра по куче- пишува Каматица.рс.
Целта на иницијативата е да се покријат трошоците за чистење на улиците и да се финансира изградбата на нови паркови наменети исклучиво за кучиња и нивните сопственици. Сепак, постојат и шпекулации за можна забрана за пристап на кучињата до заедничките градски паркови. Новата такса беше воведена кратко време по уште една контроверзна мерка, со која им се наложуваше на сопствениците да платат за регистрација на ДНК-та на нивното куче. Овој потег им овозможува на градските службеници да ги идентификуваат и казнат оние кои не го отстрануваат изметот од своето милениче. Во моментов, сопствениците кои не чистат по своите кучиња можат да бидат казнети до 600 евра по прекршок.
Провинцискиот советник Луис Валчер, кој ја предложи мерката, нагласи дека сопствениците на кучиња кои веќе се регистрирани во базата на податоци за ДНК ќе бидат ослободени од новиот данок во првите две години.
– Ова е фер мерка бидејќи се однесува исклучиво на сопствениците на кучиња. Инаку, трошоците за чистење на тротоарите би ги сноси целата заедница, иако е јасно дека само кучешкиот измет ги загадува нашите улици – рече Валчер.
Ова мислење не го делат сите. Карла Роки од ENPA (национално здружение за заштита на животните) смета дека оваа одлука му штети на регионот.
– Покраината Болцано си пука во нога со воведување данок на кучиња, па дури и на четириножни туристи. По неуспехот на апсурдниот проект за регистрација на кучиња со ДНК, наместо да се фокусираме на граѓанско образование, насочени контроли и подигање на свеста, повторно го избираме најлесниот начин за оданочување на животните и нивните сопственици – рече Роки.
Таа додава дека мерката не само што ги казнува семејствата и туристите, туку и испраќа погрешна порака: ги претвора животните во даночни обврзници.
– Парадоксално е што во област која живее од туризам и угостителство, оние кои избираат одговорно и инклузивно патување, земајќи го својот четириножен придружник со себе, сега се казнуваат. Животните не се луксуз, туку дел од семејството. Воведувањето нови даноци за нив не го решава проблемот со неодговорните сопственици, туку ризикува да ги обесхрабри одговорните патувања, или, уште полошо, да го поттикне напуштањето на животните – заклучи Роки.