Интервју со режисерот Мирослав Илиќ: Ликови во спрега помеѓу идеалот и реалноста

„Прашливи цвеќиња“ е краток игран филм на режисерот Мирослав Илиќ, кој имаше премиера во киното „Фросина“ на 14 мај годинава, разработувајќи постојна проблематика кај младите брачни парови, кои се наоѓаат на крстопат помеѓу тоа што се и тоа што сакаат да бидат.

Еден од малкуте филмови што имаа премиера во периодот на ковид-пандемијата е краткиот игран филм „Прашливи цвеќиња“ на Мирослав Илиќ, кој поради стапувањето на сила на полицискиот час во ноќта, беше една од многуте жртви што требаше да се направат, односно да се презакажат за подобри времиња. Филм за младиот брачен пар, кој е ставен во незавидна позиција, поради тоа што Леа сака да забремени по цена да мора да се откаже од антидепресивната терапија за да го достигне нејзиниот идеал да има биолошко бебе. Нејзиниот сопруг Јосиф пасивно реагира на случувањата и на работа и во домот. Во филмот сме сведоци на нивниот раздор во врската и распад како индивидуи. Станува збор за самофинансиран филм, во кој глумат: Сара Анастасовска, Стефан Вујисиќ, Арна Шијак, Христина Цветаноска. Филмот досега освои две награди на филмски фестивали во Словачка и во Турција. Режисерот Мирослав Илиќ е автор на рекламни и музички видеоспотови, како и на кратките експериментални: „Заматена тишина“ и „Хетеротопија“. Со него имав можност да поразговарам за снимањето на „Прашливи цвеќиња“ и за проблематиките што ги разработува.

Кој беше работниот наслов на филмот и кога согледа дека соодветен наслов е постојниот?

Се сменија неколку наслови. Претходниот беше „Можеби те сакам црвено“. Неколку денови пред промоцијата беше сменет. Сум налетал на приказната во книга на Донато Каризи, за случување во Босна, пред крајот на војната. Жртвите биле барани со хеликоптер таму каде што била најзелена ливадата. Идејата ја поврзав со „Прашливи цвеќиња“ со тоа што кога ни се разградува телото, тоа е многу хранливо за почвата. Тоа сакав да биде аналогија, односно цвеќињата да ги поврзам, да имаат некаква конекција со двата главни ликови, да асоцираат на живот, а правот на меланхолијата што ги притиснува двајцата.

Колку ти се важни пробите со актери пред снимање, ги практикуваш?

Ова сценарио бараше многу проби. Имавме од десет до петнаесет проби. Да, тоа се доста проби за краткометражен филм, но сметам дека е подобро да си подготвен за снимање.

Колку долго го снимаше филмот?

Филмот се снимаше седум дена, при крајот на август 2019 година.

Имаше ли проблематични сцени за снимање? На која потрошивте најмногу дублови, а што се снимаше најглатко?

Проблематични беа сцените во апартманот. Таму се случуваше и климаксот. Тоа бараше од актерите да бидат во конкретна емоционална состојба, во која треба да се подолго време. Тука излегоа уште некои технички проблеми. Имавме една специфична, уникатна чаша, која ни се скрши. Мал технички проблем, кој не можеше да се избегне за да се задржи континуитетот.

Зошто се одлучи да ја тематизираш проблематиката на неплодност помеѓу млад брачен пар?

Првично сакав да прикажам некој вид метафора, преку огромната желба за биолошко дете на протагонистката. Нешто постојано бркаш за да те направи покомплетен. Се гледаш себеси како најидеалниот што можеш да бидеш.

На што се должи пасивноста на Јосиф?

Нема конкретна причина зошто е тој таков. Можеби неговите околности, конкретно тоа што се случува во домот, на работа, притисокот. Од таа причина реагира на толку пасивен начин. Таквата состојба ја намалува способноста за добри когнитивни решенија.

Површна смиреност, наспроти иманентна емоционална бура. Зошто се одлучи за овој резигниран начин на доловување на заемниот сооднос?

Најверојатно затоа што јас се држам до тој стоички начин на функционирање. Можеби кај нас, Македонците, има нешто низ историјата. Можеби така сме учени да постапуваме. Да трпиме. Не знам колку е тоа добро или лошо.

Отсекогаш знаеше дека таму ќе заврши и дали сметаш дека има простор за дополнително развивање на друг крај?

Не. Мислам дека има поголем простор, со оглед на темата што се разработува. Не ми беше секогаш во памет дека така ќе заврши. Ако би можел нешто да променам, би сакал да има видно посреќен крај. Мислам дека тоа фали на крајот за поголемо сочувствување со гледачот.

Фото: Режисерот Мирослав Илиќ на сетот на филмот

Би ставил поголем акцент на Јосиф?

Во долгометражен филм, дефинитивно. Првично, филмот и беше снимен така, но во монтажа мораше конкретно да се исфрлат делови на Јосиф, за да дојде повеќе до израз Леа, како главен лик. Тука не можеше да се остави простор на двајцата затоа што го одвлекуваше вниманието и не се знаеше кој е главен лик.

Работа со искусни актери знае да биде олеснување или дополнителен предизвик за млад режисер?

Дефинитивно олеснување. Нивното искуство многу ми помогна во градењето на ликовите. Тие ми помогнаа во одредени моменти што јас ги имав замислено на еден начин, а нивниот одговор беше: „не ми иде“, „не ми излегува од мене“, што беше добро. Во моментот не сакав да го сменам напишаното, но потоа, кога ќе размислев подобро, добро е што се сменија тие реплики.

На визуелен план можеме да забележиме една стерилност на изразот, што дополнително го акцентира отуѓувањето на ликовите. Со директорката на фотографија Дона Дамеска дозволувате ликовите да останат подолго отколку што треба во кадар, во искажување на нивна реакција, која ја придушуваат. На што целевте со фотографијата?

Беше целта сето тоа да изгледа стерилно, на некој начин, за да функционира со сценариото. Тој заклучок претпоставувам дека го имала и Дона за боите. Мислам дека и тоа доста придонесува. За кадрирањето, Дона ја имаше целата слобода, а јас верував во нејзините одлуки. Размислувавме за форматот на филмот. Се одлучивме да биде 2:35:1 од причина што придонесува на таа осаменост во кадарот. Филмот беше снимен за 4:3, но се одлучивме во монтажа да биде 2:35:1, што многу пофилмски изгледаше.

Каква визуелна дигресија е шумливата таблета во овој филм. Каква алегорија целеше да доловиш со неа?

Таблетата што се распаѓа е метафора за тоа што им се случува на главните ликови. Не конкретно на врската, но можеби на душевното распаѓање на нив двајцата, како индивидуи, засебно. Не можеме да видиме многу од врската, од причина што нема комуникација.

Фото: Игра со силно црвено светло во филмот

Во поглед на музиката можеме да забележиме елегично пијано, во јукстапозиција со звуци на бебе. Имаше намера музиката да биде шепот на премолчената душевна болка?

Првично, не сакав филмот воопшто да има музика, од причина што сакав самата атмосфера и тишина да притискаат. Но откако добив совет од луѓето што ја работеа музиката, конкретно Драги и Дарко, се премислив. Поради потребата за подобрување на гледливоста, одлучив да има на крајот и на почетокот, односно да се нагласат важните моменти со музика.

Каде ќе го бара својот фестивалски живот филмот?

На првиот фестивал на кој се прикажа во Кошице, Словачка, беше награден. Селектиран е на Филозофскиот филмски фестивал. Ќе се прикажува на повеќето филмски фестивали кај нас и на Балканот.

Идни проекти?

Со Стефан Вујисиќ почнавме еден брејнсторминг за сценарио, така што работиме на тоа моментално. Краток филм ќе биде тоа. Продолжувам да работам музички видеоспотови. Би сакал да направам запис за една песна на „Буч Кесиди“. Претпоставувам дека тоа ќе биде некаков понатамошен начин на соработка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот