Интервју со проф. д-р Викторија Вујовиќ, психијатар: Човечката природа во вакви моменти е садомазохистичка, слуша содржини што вознемируваат како кога се гледа хорор филм

Луѓето значајно не се менуваат ни во лошите ни во добрите животни ситуации. Навидум првично доживеавме една сплотеност на овие наши балкански простори. Се радувавме на деполитизацијата, но само накратко, смета д-р Вујовиќ.

За актуелната состојба со коронакризата и менталното здравје, разговараме со проф. д-р Викторија Вујовиќ, психијатар во ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија – Скопје при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Тешко е да се сфати каков е новиот нормален живот, од една страна бројот на новите случаи со коронавирус секојдневно расте, од друга страна, колку и да не е безбедно надвор, луѓето очигледно имаат потреба од дружење и од стариот модел на живеење. Како психолошки треба да ѝ пристапиме, да ја разбереме и да ја живееме новата нормалност, и што всушност е нова нормалност?  

– Сè ова што се случува на планетата Земја е далеку од нов нормален живот. Човекот е социјално битие и осамувањето не го радува. Дополнителните психолошки напори со кои се труди да се снајде во ова време-невреме го прави несигурен, раздразлив. Самата конфузна ситуација носи несигурност. Неизвесноста плаши. Уплашени се сите генерации, секоја на свој начин. Медиумските информации притискаат, екранизацијата води кон виртуелно лудило.

Како психолошки го објаснувате фактот дека добар дел од луѓето ги потценуваат предупредувањата за заштита?

– Максимално е присутно чувството на страв. Конструктивниот страв го чува човекот, додека деструктивниот води до негација на постоечкиот вирус и до потценувачки став кон медицинските препораки за заштита. Кај поединците кои не ги почитуваат препораките препознаваме контрафобично однесување.

Конструктивниот страв го чува човекот, додека деструктивниот води до негација на постоечкиот вирус.

На почетокот на коронакризата се надевавме дека ваква тешка ситуација кај луѓето ќе разбуди добри карактеристики и чувства, кои во реалноста баш и не се рефлектираа, барем не очигледно. Што вусшност разбуди во нас, како нација, оваа криза?

Луѓето значајно не се менуваат ни во лошите ни во добрите животни ситуации. Навидум првично доживеавме една сплотеност на овие наши балкански простори. Се радувавме на деполитизацијата, но само накратко. Политичарите влегуваат во елемент и повторно се истите, човечкиот живот како да не е битен, поважно е побрзо да се стигне на власт, и за едните и за другите.

Некои луѓе на прашањето за ковид-19 почнаа да веруваат во теорија на заговор. Дали делумна причина за тоа е што е изгубена довербата во институциите и политичарите?

Довербата е изгубена одамна. Теориите за заговор се муабети за дефокусирање од реалните проблеми на човештвото и сè повеќе се продлабочуваат стравовите и конфузното однесување.

Меѓу препораките има и такви помалку да гледаме вести, зошто ни се дава таква препорака?

Медиумите делуваат вознемирувачки, особено информативните програми преку кои се презентираат застрашувачки информации. Не ја доловуваат реалната состојба и критикуваат, само критикуваат. Убаво е кога се слушаат добронамерни професионалци кои популистички се обраќаат на граѓаните со една цел, да се демистифицираат стравовите. Медиумското влијание делува застрашувачки за сите генерации, а човековата природа во вакви моменти е садомазохистичка, слуша содржини што вознемируваат како кога се гледа хорор филм.

Човекот е социјално битие и осамувањето не го радува. Дополнителните психолошки напори со кои се труди да се снајде во ова време-невреме го прави несигурен и раздразлив.

Ако на државата погледнете како на ваш пациент, каква клиничка слика моментно ќе запишете?

 Македонија е уплашена, несигурна, впечатливо вознемирена, со висок степен на недоверливост, сомничава, тажна, со страв што ќе донесе новото утре. Финансиски е во криза, а без пари не се може, нели. Многу нешта во државава ми наликуваат на кула од карти која секој момент може да се сруши.

Од што боледува денешната македонска жена?  

 Македонската жена е силна, полна со љубов за своето семејство, за пријателите. А не ѝ е лесно, децата не смеат да го видат стравот во нејзините очи. Секако, полесно се справува со секојдневието и одгледувањето на децата ако е во квалитетен брак, но за жал, такви бракови има сè помалку.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот