Интервју со Оливер Белопета: Во Скопје никој ме нема видено со фотоапарат

Фотографија: Жига Коритник

Со уметничкиот директор на Скопје џез фестивал, Оливер Белопета, речиси, секоја година сме правеле интервјуа за програмата на џез-фестивалот или на „Оф-фест“, а сега првпат разговаравме за неговата страст кон фотографијата.

Изложба на црно-бели фотографии од богатата ризница на Оливер Белопета, со наслов „Поради џезот“, од 10 до 23 декември ќе биде поставена во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Куратор на изложбата е познатиот словенечки професионален фотограф Жига Коритник.

Изложбата е реализирана во чест на 50-годишнот јубилеј на МКЦ и во соработка со Скопскиот џез фестивал. Со Оливер Белопета разговаравме за неговата емотивна поврзаност со МКЦ, но и за неговата страст кон фотографијата.

Како воопшто се случи изложбата на фотографии во Младинскиот културен центар во Скопје, имајќи предвид дека пред пет години била поставена и во „Цанкарјев дом“ во Љубљана? Дали станува збор за истата изложба?

– Практично се работи за истата изложба, каде што има плус две фотографии. Таму беа 30, а на изложбата во Скопје има 32 фотографии. Тоа, во суштина, не менува ништо. Изложбата во Љубљана беше на покана на тогашниот директор на „Цанкарјев дом“, Богдан Бенигар, со кого заедно сме патувале на многу фестивали, сме биле во Африка, во Бразил неколку пати, на Далечниот Исток. Од тие патувања тој многу добро ги знаеше моите фотографии.

Можеби некои ќе се зачудат од каде јас да се занимавам со фотографија. На Скопскиот џез фестивал, поради сите други организаторски обврски, не можам да се занимавам и со фотографирање, но на сите други фестивали што ги посетувам постојано сум со фотоапарат во раката. Дури и моите колеги – организатори и промотори на фестивали, знаат дека секогаш доаѓам со фотоапарат и на концертите сум во првите редови за да можам да направам добри фотографии од изведувачите.

Оливер Белопета во галеријата на МКЦ во текот на подготовката на изложбата / Фотографија: Жига Коритник

Значи, на изложбата нема фотографии од Скопскиот џез фестивал, но има фотографии од многу други фестивали кои си ги посетил?

– Во Скопје никој ме нема видено со фотоапарат. На изложбата има една фотографија од Скопје на која се гледа Пети Смит со „Полароид“. Таа фотографија ми е многу драга, бидејќи ја направив при прошетка со Пети Смит во Старата скопска чаршија за време на нејзиниот престој во Скопје, кога настапи на „Оф-фест“. Инаку, Пети Смит е позната по тоа што секогаш патува со нејзиниот фотоапарат „Полароид“, со кој прави фотографии кои веднаш излегуваат од апаратот. Мислам дека до ден-денес го прави тоа.

Што се однесува до фестивалите надвор од Скопје, сите знаат дека се занимавам со фотографија, се разбира, на аматерски начин. Тоа го забележува и Жига Коритник во својот текст по повод мојата изложба. И со него сме биле на многу фестивали. Со тоа што фотографирањето на фестивалите низ Европа не е како во Скопје. Тука сме прилично толерантни. Таму им дозволуваат само на тројца фотографи да пристапат поблиску до сцената, да сликаат десетина минути и потоа мораат да се тргнат.

Во однос на мојата изложба во Љубљана, во 2017 година Богдан Бенигар ми понуди да бидат изложени моите фотографии. Потврда на поканата даде и Жига Коритник, кој е професионален фотограф, и така ја прифатив поканата мои фотографии да бидат изложени на годишната изложба за време на Љубљанскиот џез фестивал. Галеријата е прекрасна, фотографиите се отпечатени на најдобрата хартија, а изложбата многу убаво помина и во медиумите во Љубљана, со прилози во ударните вести и со интервјуа во весниците. Тогаш добив понуди изложбата да биде претставена и на други фестивали.

Во тој период не размислував за изложба во Скопје. Во меѓувреме се случи ковид-пандемијата и ниту еден план не се реализира. Но, минатата година Русе Арсов, кој тогаш беше директор на МКЦ, и кој ја знаеше изложбата, ми спомна дека оваа 2022 година МКЦ слави јубилеј 50 години и дека ќе биде добро изложбата да се донесе во Скопје. Искрено, ме фати на емоција. Во МКЦ сум израснал со МОТ, со „Зелената гуска“, тука е почнат Скопскиот џез фестивал, сум присуствувал, но и сум организирал многу концерти. Сето тоа беше причина изложбата да ја поставам во галеријата на МКЦ.

Пети Смит со нејзиниот „Полароид“ фатена со објективот на Оливер Белопета

Куратор на изложбата во Љубљана, но и на оваа во Скопје е Жига Коритник. Како течеше курирањето, односно селекцијата на фотографиите што се претставени на изложбата?

– Како професионален фотограф, Жига Коритник однапред ми понуди да биде куратор на мојата изложба во Љубљана. Тоа тогаш го сфатив како голема чест, а отпосле видов дека е и голема придобивка. Врвните фотографи, а мислам дека Жига во моментов е еден од најдобрите во Европа, се одлични фотографи и одлични куратори. Однапред се знаеше дека во галеријата во „Цанкарјев дом“ има простор за изложување на триесетина фотографии, но јас направив селекција од сто фотографии кои му ги предадов на Жига да ја направи финалната селекција. Тој ми постави само еден услов – да не смеам да се мешам за ниту една фотографија од тие триесет што тој ќе ги селектира за изложбата.

Кога тој го направи изборот бев многу изненаден. Очекував поинаков избор, очекував дека ќе ги избере фотографиите во кои има акција на сцената. Но, тој направи нешто друго. Избра фотографии од што е можно повеќе различни земји каде што сум бил, објаснувајќи ми дека мојата изложба, практично, е слика за мене. Така, преку изложбата ќе се види каде сум патувал, кои биле моите музички интереси и на тој начин ќе се создаде поцелосна слика за мојата личност. Жига е куратор и на скопската изложба и овие денови е во Скопје за да ја постави изложбата според конфигурацијата на галеријата во МКЦ.

Во суштина, какви фотографии содржи изложбата?

– Фотографиите што се претставени на изложбата се направени во периодот од 2009 до 2017 година. Направени се со професионална дигитална фотоопрема, апарат и објективи на „Никон“. Во мојата фотографска историја преминот од аналогна на дигитална опрема дојде прилично доцна. Изборот за изложбата во Љубљана беше релативно лесен, бидејќи сите фотографии во дигитална форма ги имав на мојот компјутер.

Но, имам идеја за уште една изложба во Скопје, која ќе биде штета ако не успеам да ја направам. Насловот на изложбата ќе биде „Мама Африка“ и би го опфатила периодот кога фотографирав на филм. Материјалот е во огромна количина, а и филмовите не ми се средени, но важно е дека ги има.

Загатнуваме еден период кога си работел и како новинар и како фотограф од музичките концерти и фестивали. Кога почна целата работа?

– Одговор на ова прашање има во насловот на изложбата, но како анегдота го пренесува и Ичо Видмар, кој го напиша текстот за каталогот за љубљанската изложба, а го има и во каталогот за скопската изложба. Анегдотата на Видмар е вистинска. Тој вели дека првиот фотоапарат сум го купил при посета на џез-фестивалот во Љубљана во седумдесетите години на минатиот век, а тогаш тоа беше навистина голем фестивал, и потоа на сите други фестивали сум одел и како новинар и како фотограф.

Фотографиите што се претставени на изложбата се направени во периодот од 2009 до 2017 година – Ди Ди Бриџвотер, Конгсберг џез фестивал, Норвешка, 2012 / Фотографија: Оливер Белопета

Каков беше пристапот до музичките ѕвезди во тоа време и каков беше односот на фестивалите кон акредитираните новинари?

– Не се разликуваше многу од тоа што се случува денес. Со тоа што работевме на сосема друга техника. Имав еден легендарен, релативно мал фотоапарат „Практика“. Работев со филм и потоа сам ги развивав и негативите и фотографиите. Што се однесува до пристапот на фестивалите, можеби беше полесно отколку денес, бидејќи тогаш имав акредитација од „Нова Македонија“ со која можев секаде да влезам.

Во принцип, на секој фестивал се прават редукции на списоците за акредитација, но кога ќе видеа дека има само еден новинар од Македонија ми ја одобруваа акредитацијата и во Англија и во Австрија и на други фестивали низ Европа. Во тоа време имав и радиоемисија „Џез панорама“ на Втората програма на Радио Скопје за која правев интервјуа со музичарите, така што лесно добивав акредитации за следење на фестивалите.

Во целата моја историја имаше повеќе ликови кои ми помогнаа да се развие мојата љубов кон фотографијата со пренесено знаење, а тоа, пред сѐ, беше фоторепортерот Живко Јаневски, а подоцна и Жига Коритник, кој ми стана и многу добар пријател. Секако, тука се и уште неколку извонредни словенечки фотографи.

Каде биле објавувани фотографиите што си ги правел во тој период?

– Главно беа објавувани во „Екран“ и во „Нова Македонија“ во периодот кога работев таму, значи некаде до деведесетите години на минатиот век. А фотографиите од изложбата не се објавувани и првпат ќе бидат видени во Скопје.

Но, има и еден интересен податок. Ова не е мојата прва изложба на фотографии во Скопје! Некаде во средината на 80-тите години во холот на МКЦ, тогашен Дом на млади „25 Мај“, имаше една моја изложба на која беа претставени 20-ина фотографии. Тоа беа првите години на Скопскиот џез фестивал. Интересно е што тие фотографии, кои беа поставена на таа, ќе ја наречам „изложбичка“, бидејќи немаше ниту каталог, беа црно-бели и беа снимени во почетокот на седумдесетите години на Љубљанскиот џез фестивал, на Белградскиот џез фестивал и на џез-фестивалот во Ница, Франција.

Имајќи ги предвид сите искуства со фотографирањето, каков е твојот личен однос кон фотографијата како уметност?

– Низ историјата на Скопскиот џез фестивал се разви нешто што односот кон фотографијата го изразува преку дизајнот, а таквиот однос е производ на мојата љубов кон фотографијата. Паралелно со развојот на фестивалот се развивала и културата на фотографирањето. Само како пример ќе набројам дека фестивалот има две монографии во кои се употребени и доминираат голем број фотографии, а од кои најголем дел се на Жига Коритник.

Понатаму, во светот веќе сме познати по годишните календари, преку кои практично правиме промоција на фотографиите направени на сцената на Скопскиот џез фестивал. Плус, до сега имавме две изложби на фотографии на Жига Коритник, како и една изложба на Петра Цвелбар, која, исто така, е позната словенечка фотографка. Сето ова го покажува нашиот однос кон фотографијата како уметност.

Тука ќе спомнам дека исклучително се ретки фестивалите кои имаат таков однос кон фотографијата. Најчесто нивната работа се сведува на правење на музичка програма и на одржување на традицијата, а фотографијата, речиси, и да не ги интересира.

Со појавата на социјалните медиуми, се чини дека се промени и односот кон фотографијата, во смисла на нејзина поголема присутност. Дали навистина е така?

– На социјалните медиуми се појавија повеќе фотографии, но се гледа дека сите тие постови повеќе се информативни. Ако ги погледнете постовите на Скопскиот џез фестивал за време на одржувањето на фестивалот, ќе забележите дека објавуваме цели галерии со фотографии од Жига Коритник, потоа од Петра Цвелбар, а има и една цела плејада македонски фотографи, како Мите Кузевски, Зденко Петровски, Сашо Димоски, а благодарение на нејзината љубов кон концертната фотографија присутна е и Татјана Ранташа. Сето тоа го покажува односот на џез-фестивалот кон фотографијата.

Ако би бил ставен во некаква хипотетичка ситуација да мора да пресечеш помеѓу страста кон фотографијата и страста кон музиката, каков би бил твојот одговор?

– Тоа е прашање на кое не може да се има таков дециден одговор, затоа што љубовта кон музиката подеднакво е проширена на многу други сфери во културата. На пример, тоа се сферите на сликарството, на историјата на културите, на филмот, на дизајнот. Жига Коритник обично кажува дека за еден промотор да може добро да си ја врши работата, мора да има широки афинитети и познавања и за фотографијата и за дизајнот и генерално за уметноста. Таквите афинитети сигурно ќе му бидат од пресудно значење и да стане добар промотор и добро да ги реализира концертите.

На фестивалите надвор од Скопје сите знаат дека се занимавам со фотографија, се разбира, на аматерски начин / Фотографија: Жига Коритник

Анегдота на Ичо Видмар – Поради џезот

Анегдотата според која изложбата на фотографии на Оливер Белопета е со наслов „Поради џезот“ оди отприлика вака: во 1970-тите, младиот џез ентузијаст и музички новинар од Скопје редовно го посетуваше Љубљанскиот џез фестивал. Поради џезот, Белопета во Љубљана го купи првиот фотоапарат и почна да слика, самиот развивајќи ги негативите, што своевремено беше редовна пракса на повеќето музички новинари кои внимателно ги документираа музичките настани за кои известуваа. Така, тие навлегуваа во мистериите на фотографијата воопшто, а особено во музичката фотографија. Токму џезот беше најсилната и најстрасната музичка врска на Белопета. Неговата посветеност на џезот му ги отвори вратите кон меѓународната сцена, овозможувајќи му да стекне трајни пријателства слушајќи џез во живо, напиша Ичо Видмар во текстот што е објавен во каталогот за изложбата.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 158, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11 декември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот