Разговор со Милиќ Лила, активистка за правата на трансродовите лица и сексуалните работници (ВИДЕО)

Додека ние се адаптираме на новиот животен стил во изолација поради глобалната пандемија со коронавирусот, многу лица припадници на ЛГБТИ заедницата во Македонија и ширум светот многу добро знаат што значи да се живее во изолација. Но, клучната разлика е во тоа што ние мораме да останеме дома, како превентирна мерка која ќе спречи ширење на новиот коронавирус, а припадници на ЛГБТИ заедницата ја практикуваат изолацијата како штит од општеството, кое се’ уште ги стигматизира поради нивната сексуална ориентација или трансродовоста.

ЛГБТ- младите се соочуваат со единствена и сложена ситуација, во која се принудени да се конфронтираат со културните очекувања на сексуалното и родовото изразување, зависно од тоа колку тие (не)соодветствуваат на она што им е веќе „природно“ дадено, или пропишано, со биолошкиот пол и улога.

За трансродовите млади тоа е уште посложен процес што се одвива во повеќе фази и е голем предизвик, како за младите, така и за нивните родители и семејства. Борејќи се со изгубената рамнотежа помеѓу чувствата, доживувањето и мислите, каде припаѓаат; учејќи да се справуваат во од, спротивставувајќи им се на другите, додека постојано се прашуваат кој/а сум и што сум јас всушност, тие никако да го пронајдат својот мир. Просторот на себеприфаќање и помирување, на откривање на складот и комфорот со сопствените очекувања, е основното упориште за нивното здраво растење и развој. Неуспешното менаџирање на овие постојани и силни предизвици, со текот на времето, и без соодветна социјална поддршка, ги остава трансродовите млади пред континуиран ризик од нездрави избори и однесувања, со лоши исходи по нивното физичко (ХИВ/сида1), ментално и емоционално здравје.

Досегашните истражувања покажуваат дека хомосексуалните и бисексуалните (ЛГБ) млади, почесто страдаат од ментално здравствени проблеми, повеќекратни психосоматски тегоби и ризични однесувања, како резултат на својата сексуална ориентација или родова различност, поради што се и многу почесто изложени на разни форми на вербално, физичко и сексуално насилство, во споредба со хетеросексуалните млади. Тие почесто злоупотребуваат психотропни супстанции, повеќе се опиваат, се однесуваат промискуитетно, и имаат долги периоди на депресивни расположенија, со суицидни идеи10. Често се склони кон екстремни однесувања, во обидите да ја намалат напнатоста што никогаш не ги напушта.

Трансродовите млади се соочуваат со уште посложени предизвици. Квалитативна студија која истражува три главни теми од нивниот живот, како: родовиот идентитет и изразување, сексуалноста и сексуалната ориентација, и ранливоста односно здравствените теми, ни открива дека кај повеќето трансродови млади чувството дека не му припаѓаат на биолошкиот пол се јавува од најрани години, кај некои и пред пубертетот; дека живеат изложени на постојани негативни реакции на нивното нетипично родово однесување; како и дека чувствуваат конфузија помеѓу својот родов идентитет и сексуалната ориентација. Во врска со ранливоста, и здравствените проблеми, овие млади издвоиле четири најголеми тешкотии: отсуство на безбедна средина, лош пристап до здравствените услуги, несоодветна професионална поддршка во адресирање на нивните ментално здравствени проблеми и недостиг од континуитет во грижата од страна на нивните семејства и заедницата“, објави Коалиција „Маргини“ во неодамнешната публикација Нееднаковсти на здравјето и правата на ЛГБТИ младите на 13 и 15 години во Северна Македонија.

Денеска е 31 март, најпознат како Меѓународниот ден на видливост на трансродовите лица. Светската здравствена организација во 2018 година усвои легислатива со која трансродовоста повеќе не се вбројува во категоријата „ментални нарушувања“, а се карактеризира како „постојана некомпатибилност помеѓу полот којшто го добива и го искусува еден поединец“. Лале Сај, координатор на Одделот за репродуктивно здравје и истражување на СЗО тогаш истакна дека надежта во овие промени е дека ќе ја намалат стигмата и ќе помогнат за подобро прифаќање на овие лица во општеството.

Но, како изгледа животот на една трансродова личност во Македонија?

Во потрага по одговор на ова прашање во ноември минатата година разговаравме со Милиќ Лила, трансродова личност и активистка за еднакви права и правата на трансродовите лица и сексуалните работници.

Погледнете го целото интервју:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот