Интервју со Кристина Арнаудова: Девојче што ја загубило мајката низ солзи ми рече: „Може ли ти да ми бидеш мајка?“

Кристина Арнаудова / Фото: Мартин Шишковски/Стефан Соколовски

Во време кога многу деца се соочуваат со врсничко насилство, Кристина Арнаудова и нејзиното здружение „Проект среќа“ работат на детска претстава токму на оваа тематика, со детското драмско студио „Неверленд“.

Токму сега, оваа исклучително хумана и неуморна жена реши да ѝ се врати на музиката, и заедно со нејзината нова песна „Засекогаш“, подарува и летување за двајца нејзини фанови. Со Кристина секогаш има многу теми за разговор, а во интервјуто за „Слободен печат“ таа го отвори срцето.

За музиката, за семејството и за тажните приказни со кои се соочила низ животот помагајќи им на децата, таа раскажува искрено и на автентичен начин.

Мајка си, посветено работиш за доброто на децата со здружението „Проект среќа“. Насекаде околу нас се случува врсничко насилство, а трагедијата во Белград ни разбуди многу прашања на сите. Што се запраша ти кога слушна за масакрот во белградското училиште, според тебе има ли главни виновници за тоа што се случи?

– „Проект среќа“ како здружение што работи со деца во социјален ризик, секојдневно се сретнува со деца што се жртви на врсничко насилство, булинг и, за жал, семејно насилство. Токму затоа сите проекти што ги работиме се за да им подадеме рака, да се социјализираат, да излезат од таа средина, барем за момент да се почувствуваат вредни и сакани, талентирани и да им се даде можност да се развиваат во средина што ќе ги третира без предрасуди.

Веќе две години работам лично на цела национална стратегија за справување и заштита од врсничко насилство, препознавање, третирање на децата жртви и третирање на децата насилници. Стратегијата ја аплициравме како цел проект со многу активности и точки на неколку места, организации, институции, кои имаат можност да делат грантови, но верувале или не, од секаде бевме одбиени. Причините за тоа за мене се мистерија, бидејќи ако тоа не е приоритет, ако нашите деца и нивното ментално и физичко здравје не се приоритет, тогаш на
каква иднина се надева оваа земја?

Решивме и без никаква помош самостојно да делуваме, па така, на 8 јуни во МНТ, нашето детско драмско студио за деца со помалку можности „Неверленд“ ќе има премиера на детска претстава за врсничко насилство „Ех да можев…“ која автентично ќе ја играат деца кои и самите се жртви на булинг и ќе ги раскажуваат своите приказни. Тоа ќе биде само почеток бидејќи лично ќе се ангажирам таа претстава да ја видат што повеќе деца и родители и активно да почнат да размислуваат за таа тема, какви се последиците од булингот и какви деца воспитуваат во своите домови.

Последиците од врснички булинг се, за жал, многу лоши, во што последниве години се уверивме и сами, а вината можеме да ја најдеме само во себе самите, во системот, во недејствувањето и во игнорирањето на проблемот, и како институции и како семејства.

Какви деца се Максим и Матео? Постои ли страв или прашања кај тебе и кај сопругот дали ќе успеете да ги изведете на вистинскиот пат?

– Тие се прекрасни деца, како што би рекла секоја мајка за своите деца. Се трудиме секојдневно да ги учиме да бидат луѓе во вистинска смисла на зборот, со сите да се однесуваат еднакво, да бидат љубезни и културни, и да бидат свои. Не ги тераме ништо да прават со сила, но ако имаат желба, ние им помагаме и ги поттикнуваме. Страв од тоа какви се надвор, какви ќе бидат, како ќе се снајдат во ова општество кое од ден на ден станува сѐ потешко да воспитуваш деца и да бидеш родител, но и да бидеш дете во развој, постои секојдневно. Затоа многу разговараме со нив, особено со Максим, кој има 12 години, и за сите теми разговараме отворено. Се трудиме да создадеме психолошки здрави деца најпрво, а дали ќе бидат најдобри во училиште или во спорт или во што и да е, тоа оставаме на нив. Се трудиме како родители да не им поставуваме високи очекувања, затоа што тоа создава голема траума и фрустрација кај децата, за која, за жал, голем број родители, кои се болно амбициозни и својата амбиција сакаат да ја реализираат преку своите деца, не се свесни. И тука е уште едниот проблем во денешното воспитување.

Кристина Арнаудова / Фото: Стефан Соколовски

Има ли емотивна случка со некое дете/семејство на кое сте им помогнале со „Проект среќа“, а која никогаш нема да ја заборавиш и постојано ти се врти низ сеќавањата?

– Уф, има многу такви моменти. Години работа, со стотици, ако не и илјадници деца, носи многу сеќавања и среќни, но и болни моменти. Се трудам нивните болни моменти додека се со нас, да ги заборават… Еден од моментите што нема да ги заборавам е едно девојче, која неколку години пред да ја запознаам, ја загубила својата мајка, а живееше со проблематичен татко. По некое време, со солзи во очите ми пристапи и, неочекувано за мене, ми рече: „Те молам, можеш ли ти да ми бидеш мајка, многу те сакам“. За мене тоа беше и шок, но и штама, бидејќи не бев подготвена за такво прашање. Ѝ објаснив дека секогаш ќе бидам тука за неа кога ќе ѝ требам, но никој нема да може да ја замени нејзината мајка. Втор момент што ќе го паметам секогаш е кога едно девојче дојде на нашиот летен камп, а на нозете имаше само стари папучки. На вечера ја прашав дали е подготвена за утрешниот ден, да се качуваме по планина, и таа срамежливо рече дека не може, бидејќи нема обувки. Тогаш ја прашав кој број носи, и кога сфатив дека носиме ист број, ги соблеков од нозе моите патики и ѝ ги дадов. Има вакви безброј моменти, особено е голема радоста кај деца кои, на пример, никогаш не славеле роденден и ние ќе им организираме. Тие деца се радуваат на мали нешта, на нормален ручек, на внимание, на третирање со почит. Затоа не треба да се правиме слепи, како да не постојат. Секој од нас може со мал гест да усреќи едно дете, кое потоа цел живот ќе го памти тој момент. Тие се насекаде околу нас. Огромен број деца во нашата земја живеат во сиромаштија и затоа поддршката што компаниите и физичките лица ни ја даваат во сите наши проекти е од неизмерно големо значење. Со оглед на тоа што на речиси сите повици на кои аплицираме со проекти сме одбиени. А, зошто е тоа така, ете, нека се запрашаат тие „стручни“ комисии. Секако треба да знаат дека нивното „НЕ“ нема да ме спречи да создавам проекти и да наоѓам начини за реализација и дека „Проект среќа“ ќе продолжи да постои и покрај тоа што најчесто големите средства одат кај организации за чии проекти никој не слушнал.

Во една пригода ми спомна дека твоите деца како помали воопшто не знаеле дека си музичарка/пејачка. Те доживуваат ли сега како јавна личност?

– Не, јас за нив сум само мајка, мама, и тоа сакам така да остане. Дома не зборуваме за мојата работа, кариера и слично. Тие не ги знаат сите мои песни и не ми се фанови. И сосема сум ОК со тоа. Повеќе знаат дека мама им помага на сиромашните деца отколку дека мама е пејачка. И тоа е можеби поважно за нивниот развој и за развој на нивните вредности и какви ќе бидат во иднина, како луѓе.

Кристина Арнаудова / Фото: Стефан Соколовски

Имаш прекрасна песна „Засекогаш“. Кој е тој клучен момент што те натера дека ќе ја пееш токму сега и ќе биде токму оваа песна?

– Тоа беше песната што ми го допре срцето, на начин да посакам пак да пеам. Тоа е единствениот одговор што го имам на ова прашање. Ја снимив, без никакви очекувања, едноставно само сакав да ја слушнат сите, бидејќи таква песна заслужува да биде слушната. Весна Малинова е клучниот човек, кој не се откажа од мене и кога ѝ кажував дека никогаш повеќе не сакам да пеам, таа сè уште ми правеше песни и ми пушташе. Со неа имаме еден специјален однос, и кариерно сме поврзани на уникатен начин, таа за мене и јас за неа. Разговараме и без зборови, се разбираме и со поглед.

Ако би почнала од почеток со музика, но во ова денешно време, би го одела ли повторно истиот пат: фестивали, промоции, настапи, сето она што денес сè поретко го има?

– Би го одела, да, но би била поактивна, повеќе би настапувала, би свирела и не би правела толкави паузи. Јас помеѓу секој албум имам голема пауза. Многу сакав да се повлекувам. Уште сум таква. Но, тоа за јавен живот не е добро. Во моментот кога ќе забележев дека ме има премногу, се повлекував. Потоа почнав да правам паузи затоа што морав, станав мајка, која сама си ги гледаше децата, без помош од роднини, пријатели, комшии. Само јас и маж ми. А маж ми беше во РК „Металург“, кој во тоа време постојано беа на пат, играа лига шампиони, плус СЕХА лига, па од 7 дена неделно тој едвај три беше дома, а кога беше дома постојано беше во сала… Така што, моите паузи беа некако принудни, но и моја одлука, бидејќи сакав да сум присутна во секој момент во детството на моите деца, да не почувствуваат недостаток од мајка. Музиката бара отсуство, проби, настапи, свирење до доцна, па спиење до доцна. Тоа едноставно за мене не беше прифатливо во ниеден момент, па така сосема свесно ја ставив музиката во втор план. И не се каам во ниеден момент за тоа. Затоа денес за нив сум мама, а не мама-пејачка.

Кристина Арнаудова / Фото: Мартин Шишковски

Позната си како личност што сака да дава, а твојот нов проект е наградна игра – патување во Охрид за двајца. Објасни ни повеќе за оваа игра…

– Ах, тоа е во склоп на промоцијата на мојата нова ФБ-страница (нели старата е хакирана па морав да направам нова) и во склоп на промоција на „Засекогаш“. Многу познат концепт, во маркетингот. А и сакав да израдувам двајца со летен одмор. Се надевам дека ќе бидат двајца што не биле одамна на одмор и на кои навистина им е потребен. Значи, посетете ја мојата нова ФБ-страница Кристина Арнаудова и приклучете се.

Ќе се одржи ли годинава кампот „Шарено лето“ на „Проект среќа“ и како постпандемиски се снаоѓате со поддршка од волонтери и поголеми компании и во другите хуманитарни акции?

– Летниот камп за деца со помалку можности се одржува седум години по ред, па дури и кога престана делумната поддршка од Град Скопје, компаниите и физичките лица дадоа толкава поддршка што за 70 часа ги собравме сите средства потребни за кампот. Годинава имаме еден камп што ќе се одржи во Словенија, со поддршка на клубот „Ротари клуб Север Скопје“, но во план е и еден нов концепт на камп, односно камп екскурзија низ Македонија, бидејќи најголемиот број деца со кои работиме не биле речиси никаде низ Македонија. Наскоро ќе објавиме и официјално, а се надеваме и овој пат на голема поддршка од јавноста и од компаниите. Во меѓувреме, на 8 јуни, ве чекаме на премиера на „Ех да можев…“ на ДДС Неверленд, претстава за врсничко насилство.

Значи, многу работиме, не сме застанале во ниеден момент, и ќе продолжам со тоа темпо. Затоа што им требаме на илјадници деца!

Кристина Арнаудова / Фото: Мартин Шишковски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот