Интервју со Јана Лозаноска, жена која со сите титули не пати од титули: Сега сме во ерата на жената, ама што значи ова во нашиот контекст? 

Прашање е колку од оние жени кои се веќе присутни во јавната сфера впрочем застапуваат женски агенди и нивните дела се еманципаторски.

Јана Лозаноска е асистент професор, со докторат од областа на човекови права од Универзитетот на ООН во Костарика. Магистерските студии ги има завршено на Женевскиот универзитет. Пасија ѝ е океанот и сурфањето на бранови, но во урбана средина најмногу сака да вози велосипед и лонгборд или скејтборд. Јана има објавено еден краток роман и две поетски книги. Јана е од оние жени, или – ако баш сакате – од оние луѓе, која би требала да се најави со сите големи букви од тастатурата. ЖЕНА. ЧОВЕК. Ех, да, и ПРИЈАТЕЛ. Баш таа Јана е наша соговорничка.


Во Македонија постојат некои групи кои се нарекуваат феминистички, но освен преку одредени повремени елитистички собирања и активности, и спроведувања на онлјан кампањи, не постои реален активизам.

Со „Женски печат“, неделниот прилог во дневниот весник „Слободен печат“, сакаме да ја зголемиме видливоста на жените со знаење, сметате ли дека нашите жени интелектуалки немаат место за промоција и зошто е тоа така?

– Ова е долга и обемна тема, која е резултат на нееднаквата застапеност на жената во јавниот живот, вклучувајќи го и прашањето која е жената интелектуалка, и дали таа воопшто постои во ова општество кое што е целосно еродирано, и понтаму, ако воопшто постои, колку таа е видлива. Со порастот на социјалните медуми и со различните модели на инстант „успешност“, креирани токму од македонски медиуми, жената интелектуалка, и ако постои, во овој општествен модел и матрица таа е целосно невидлива. Еве земете го МАНУ за пример, колку од академиците таму се жени? Или пак, Друштвото на писатели? Понатаму, прашањето е колку од оние жени кои се веќе присутни во јавната сфера, впрочем застапуваат женски агенди и нивните дела се еманципаторски.

Колку нашето општество е подготвено за поддршка на жените на институционалните и политички позиции?

– На хартија постои, но во пракса и во реалноста тоа е сосема поинаку. Ова зависи од подготвеноста и отвореноста на оние кои се на власт да спроведат квалитетни политики и решенија. Дополнително – на незастапеноста во политиката, прашањето е колку и зошто тие жени кои што се веќе во политиката, работат за агендите на патријахалниот систем кој се базира и ја промовира моќта и доминацијата на мажите?

Како гледате на родовата еднаквост кај нас и во што ја гледате  нееднаквоста?

– Има некои формални механизми кои проформа, но вистинска волја за промоција и воведување на родова еднаквост не постои. Напротив, сметам дека дискриминацијата на жената постои во сите сегменти на општеството од приватната, до јавната и политичката сфера, работните односи, па и законската сфера – колку сè уште стереотипите на наследување се застапени, иако можеби законите се неутрални по тоа прашање.

Во однос на пошироките процеси, неедкаквоста извира од патријахалниот систем кој е резултат на културнитe практики, а пресликани во општествените сфери погоре споменати, и резултирајќи во предрасуди и стереотипи за она што ѝ е дозволено или прифатливо на жената да прави.

Политичката фела, за жал, е многу актуелна кај нас. Но, зошто немаме нови жени во политиката?

– Не. Да беше политичката фела актуелна работите ќе стоеа поинаку. Кај нас е актуелна партиската фела, надвор од партијата не постои политика и тоа е голема опасност, зошто политиката пред сè треба да претставува јавен интерес, а не партиски. Значењето на политиката насекаде е сосема изгубено токму поради ваквиот пристап.

Во однос на прашањето зошто нема доволно жени во политика, иако има закон за родова еднаквост и квота за учество на жените во политичките процеси – не само остварување на право на глас, но и да биде изгласана и присутна во политиката, тоа се должи на фактот дека македонското општеството е длабоко конзервативно и патријахално, односно мажите доминираат во сите сегменти и таа доминација се базира врз основа на моќта која се црпи од патријахалниот модел. Така, наместо да разговараме за жена премиерка, претставничка на сите граѓани во државата, политичарите овде разговараат за етничката припадност на евентуалниот премиер.

Со оглед на тоа дека сте го пропатувале „светот“ и сте била сведок на различни искуства на оваа тема – родова еднаквост, што би можеле да преземеме корисно од странство?

– Па, не само што сум го пропатувала, туку и сум живеела во неколку земји, на неколку континенти. За да се разбере одредено општество потребно е да се живее таа реалност. За жал, можам да заклучам дека насекаде владеат доминантните патријахални и конзервативни матрици, затоа што тие се на ниво на систем, и не само на систем, но се и толку длабоко вградени во секојдневните културни практики олицетворени во предрасуди и стереотипи за улогата на жената во општеството. Феминистичките движења кои историски започнале на почетокот на деветнаести век за борбата за правото на глас на жената и аболиција на ропството, до сексуални и репродуктивни права, денес се насочени кон сузбивање на родово базираното насилство и еднаква платеност со мажите. Но, треба уште многу да се направи насекаде. Работите не се ни на почеток. Она што претставува движење за правда и против опресираност на жените на Запад, не е исто со она во Латинска Америка или пак Азија.

Mоделот на интерсекционалност, кој е развен од професорката Креншау, мора да се земе во предвид. Тоа подразбира анализа која навлага не само во нееднаквост или дискриминацијата која е базирана на род, но и врз основа на етничка, расна и класна основа. Тогаш анализата во однос на еднаквост може да биде целосна, а посебно кога разговараме за нееднаковста во различни контексти.

Да се биде овде феминистка не само што треба да се кондензираат сите бранови на феминизам во еден краток временски период и простор, туку треба да се работи на разбивање на доминантните стереотипи и предрасуди во општеството.

Што значи да се биде феминист денес, овде?

– Според Симон де Бовоар „Никој не се раѓа како жена, туку постанува жена”.

Согласно дефиниција пак на некои сколари феминистите веруваат дека мажите и жените имаат еднаква вредност, но поради тоа што постои нееднаквост потребни се општествени движења за да се адресира таа нееднаквост (Фридман, н.з). Во кратки црти, феминизмот е движење за еднаквост на жените, кое историски имал различни текови и фокус. Прашањето што значи да се биде феминистка овде, треба да се стави во контекст на она што значи да се биде активистка за правда и против опресираност, без разлика дали се однесува на род или друга категорија, некои од нив ги споменав во претходиот одговор кога зборував за интерсекционалност. Да се биде овде феминистка не само што треба да се кондензираат сите бранови на феминизам во еден краток временски период и простор, туку треба да се работи на разбивање на доминантните стереотипи и предрасуди во општеството. Во Македонија постојат некои групи кои се нарекуваат феминистички, но освен преку одредени повремени елитистички собирања и активности, и спроведувања на онлјан кампањи, не постои реален активизам. Историски и квалитативно за жал сме многу далеку во потресот на патријахалниот систем вграден во сите општествени пори. Во овој контекст, да ја споменам познатата активстика и професорка Енџела Дејвис која во едно скорешно предавање рече „сега сме во ерата на жената” – Да ви оставам на размислување, што би значело ова во нашиот контекст.

Она што претставува движење за правда и против опресираност на жените на Запад, не е исто со она во Латинска Америка или пак Азија.

Уште пишувате поезија? Ајде да не почестите со една песна. Ама баш женска песна.  

– Повеќе сум насочена на пишување на стручна литература, или ако пишувам поезија тоа е многу ретко и инцидентно. Во моментов концепирам нов роман за кој веројатно ќе ми треба многу време да го напишам, со оглед на комплексноста со која ќе се занимава. Еве да откријам за „Женски печат“, ќе ја обработува темата на „Софија„ („Sophia“) персонификацијата на мудроста, но и многу повеќе, но да не откривам премногу детали во оваа почетна фаза.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот