ИНТЕРВЈУ со Ирена Крстеска од Виена: Од средина на април мерките ќе се олеснуваат во правец на нормалниот живот

Поради големата дисциплина, ситуацијата во Австрија не е многу симптоматична и полека но сигурно од половината на април мерките ќе се менуваат и олеснуваат во правец на нормалниот живот, вели нашата оперска певица Ирена Крстеска.

Разговараме со нашата оперска певица Ирена Крстеска, која веќе подолго време живее и работи во Виена, градот каде уметниците особено се почитуваат, град каде што (како што еднаш ни рече Ирена), за да успееш врски не можат да помогнат, туку само талентот и знаењето.

Како си Ирена, како се живее деновиве во Виена?

– Се чуствувам добро, но и многу смирено. Морам да признам дека првите две недели од изолацијата ми овозможија запоставените работи да ги средам, а и добро да се одморам од пренатрупаната агенда која ја имав последниве години. Не памтам кога последен пат толку долго не присуствував на некој концерт или настап, но самата ситуација налага да не го уживам тој магичен сјај најмалку до крајот на јуни, откако деновиве во Австрија се забранија сите уметнички случувања за оваа сезона. Многу откажани проекти, концерти, прекрасни претстави во Државната Опера во Виена кадешто требаше да настапам во две улоги во претавите „Волшебниот стрелец“ и „Кавалер со роза“. Тажна е сликата кога ќе погледнеш наназад и ќе сфатиш дека целата макотрпна работа паднала во вода. Но позитивната мисла не ме напушта, знам дека после овој период ќе излеземе посилни, а сè она што остана незавршено ќе се одржи со уште поголем елан и љубов. Не е крај на светот, ова е една мала пауза за душата да ја исполни својата задача – а тоа е да се одмори и да погледне дека има толку многу убави нешта што може животот да го направи едноставен, а толку убав.

Во Виена дисциплината е на највисоко ниво, нема полициски час. Дозволено е да се оди само до продавница на растојание од два метра со други луѓе, доколку треба да се излезе да се помогне на постарите, неодложна работа и што најмногу се препорачува – спортска активност или пешачење во преубавите паркови или на кејот на Дунав, но секако на дозволеното растојание и само со личноста, односно личностите, со кои живееме под ист покрив. Сè друго е казниво и недозволено. Поради големата дисциплина, ситуацијата во Австрија не е многу симптоматична и полека но сигурно од половината на април мерките ќе се менуваат и олеснуваат во правец на нормалниот живот. Прво ќе се отворат помалите продавници, потоа стоковните куќи, па локалите и хотелите… Се разгледува можноста од средината на мај да се отворат и училиштата, но забраната за поголеми случувања од областа на уметноста и спортот останува до крајот на јуни.

Како го поминуваш своето време во изолација? Како ја поднесуваш изолацијата?

– Никогаш не помислував дека толку добро ќе се пронајдам во кујната и дека животот дома и не е толку здодевен. Учам нови улоги за следните проекти кои се закажани за од септември и за следната година, не со забрзано темпо, но темелно и концентрирано, слушам неизмерно многу музика и читам и истражувам во многу подрачја за кои никогаш сум имала време затоа што мислев дека времето чини пари и живеев забрзано, дури пребрзо за моите можности.

Како го одржуваш во добра состојба гласот?

-Повеќето концерти ги припремам со колегите преку музички апликации на Интернет. Среќна околност е што можам да вежбам дома, па одржувањето на гласот не е никаков проблем. Имам консултации и со моите професори.

Што прави австриската Влада за поддршка на уметниците сега кога се без ангажмани?

-Секако, имам и безброј колеги кои се многу погодени од ова ситуација, но државата е тука да помогне од економски аспект на сите уметници.

На кој начин те промени ова ново време?

– После оваа криза поднаучив дека треба да оставам повеќе време за себе, за моите хоби занимливости, за спорт и други активности кои не само што го хранат духот, туку даваат и неизмерна сила.

Се чувствуваш ли ностагично кон Македонија? Осамено?

– Во Македонија можев да се вратам. Секако ми недостасува мојата фамилија но сметам дека во овој тежок период треба секој да остане таму каде што претходно живеел и да се придржуваме сите до пропишаните мерки, затоа што само така ќе излеземе што побрзо од оваа ситуација, ќе им помогнеме на постарите и послабите да не се разболат и најпосле ќе уживаме во својата слобода.

Што ќе направиш прво кога сè ова најпосле ќе заврши?  

– Следен проект кој сè уште не е откажан е серијата Гала концерти во Јужна Кореја во месец јули, па се надевам, а истовремено се радувам, ете од таму да ја продолжам мојата оперска активност.
Во август се планирани неколку концерти во Австрија и Германија, а од септември започнува новата сезона на Државната Виенска Опера, нови премиери, нови улоги и предизвици, нова енергија и сигурна сум дека ќе биде многу поисполнета од оваа. Потоа, следуваат гостувањата во Тајван, Германија, Словачка , Романија и Унгарија. Со надеж дека набрзо ќе се видиме и во Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот