Интервју со Даница Стојанова: Јубилејното издание на фестивалот „Охридско лето“ е на самиот крај и сѐ тече по планот

Програмата на фестивалот „Охридско лето“ е при крај, а покрај неизвесноста со ситуацијата создадена со пандемијата на коронавирусот, најзначајниот фестивал во државата успеа да ги задржи квалитетот и високото реноме.

Селекторката на музичката програма на „Охридско лето“, Даница Стојанова, е презадоволна од успешната реализација на 26 концерти на јубилејното издание на фестивалот. Додека на почетокот имаше доза на неизвесност во кој правец ќе се развива ситуацијата со пандемијата на коронавирусот, на самиот крај на фестивалот присутни се радост и оптимизам за подготовка на следното издание.

Јубилејното фестивалско издание на „Охридско лето“ за првпат од 1961 година се одржува надвор од вообичаениот термин и трае од 4 до 30 август. Фестивалот се реализира со строго придржување кон протоколите за заштита од ширење на ковид-19. Фестивалот беше отворен со концертот насловен „Вокални бисери – по стапките на Ана Липша“, посветен на оперската примадона Ана Липша Тофовиќ, во изведба на солистите Марија Јелиќ – сопран, Дарио Ди Виетри – тенор, Иван Томашев – бас и Аманда Стојовиќ – мецосопран во пијано придружба на Миливое Велиќ во Античкиот театар во Охрид.

Во текот на фестивалските денови на отворените сцени на Античкиот театар, Долни Сарај, Предворјето на „Света Софија“, настапија приближно 300 уметници од 19 земји, како и голем број домашни уметници. Драмскиот дел од програмата понуди театарски креации од шест домашни театарски куќи. Фестивалот ќе заврши на 30 август со претставата „Бог на масакрот“ од Јасмина Реза во режија на Билге Емин на НУ Турски театар од Скопје, кој годинава слави 70-годишен јубилеј.

Шестдецениското опстојување и успешниот пат од едновечерен концерт до манифестација со врвен светски уметнички дострел фестивалот „Охридско лето“ го одбележа и со монографијата „Фестивалска приказна“, која ја подготвија Снежана Анастасова-Чадиковска и Роза Нолчева-Ангеловска.

Даница Стојанова со авторките на монографијата „Фестивалска приказна“ – Снежана Анастасова-Чадиковска и Роза Нолчева-Ангеловска

Во рамките на музичката програма беа изведени дела од најраниот барок, преку класиката, романтизмот, импресионизмот, до современите светски автори, како и дела од македонското класично творештво. На сцената настапија најквалитетните и најхрабрите изведувачи што во овој период можеа да дојдат од странство, а селекцијата на домашните изведувачи беше на високо ниво.

Покрај сложената ситуација создадена со пандемијата на ковид-19, фестивалот „Охридско лето“ се приближува кон својата завршница. Како гледате од овој момент кон почетокот на годинашното издание. Се оствари ли нешто што се чинеше невозможно?

– Пред крајот на годинашното издание на врвниот фестивал „Охридско лето“ динамиката, сѐ уште, е со исто темпо, истата енергија, истата посветеност на сите нас како тим, како да сме на самиот почеток. Просто е неверојатно како минуваат деновите брзо. Толку многу уметност, музика, танц, игра, среќавања, дружења, разговори, смеење, критики, анегдоти, мислиш никогаш нема да заврши, а ете, всушност, вашето прашање како да ме освести и веќе ме фаќа една сета, блага тага дека, всушност, ова јубилејно издание е на самиот крај и сѐ тече по планот.

Со гордост можам да кажам дека досега, а сигурна сум дека така ќе биде и до самиот крај на фестивалот, се оствари и повеќе од очекуваното, така што ми се чини невозможно во организацијата на „Охридско лето“, не постои.

Кога човек има изградено свој интегритет, своја биографија напишана и постигната исклучиво со работа, тогаш функцијата е минорна (Фотографија: Охридско лето)

Фокусот беше ставен кон домашната продукција, но колку гости од странство дојдоа да настапат на фестивалот?

– Кога ја правев музичката програма, мислата ми беше посветена да дојдат и настапат најдобрите од сите страни на светот, како и од домашната сцена, и во тоа успеав.

„Охридско лето“ е меѓународен фестивал, членка на Европската асоцијација на фестивали каде што постојат исклучително високи критериуми и тоа е тој фокус што си го поставив. Настапија најдобрите од Германија, Франција, Шпанија, Италија, САД, Русија, Украина, Полска, Турција, Албанија, Хрватска, Србија, Словенија, Чешка, Белгија, Грција. Како што можете да прочитате, светот оваа година во најспецифичниот период беше и живееше, макар за кратко, во Охрид на фестивалот.

Какви беа нивните искуства и расположение по настапите. Практично што ги привлече да дојдат во Охрид, покрај комплицираните ситуации со меѓународните патувања?

– Во едно вакво комплицирано време, да прифатиш да дојдеш без страв, туку со љубов и радост во меката на уметноста, градот Охрид, и да настапиш на врвниот фестивал „Охридско лето“, го можат само големите уметници. Можам да кажам дека се откажуваа летови, дојдоа со комбиња и автомобили, летаа преку повеќе дестинации, седеа на аеродроми, чекаа по осум часа за да го фатат летот до Охрид, да влезат во храмот на љубовта „Св. Софија“ и да се поклонат, да ја раскажат својата музичка приказна и следниот ден да заминат пак назад, кон своите домови со пораки кои и покрај големата светска декаденца на човештвото, има луѓе што знаат да бидат благодарни. Тоа се тие луѓе, скромни а големи. Сѐ уште добиваме пораки што се навистина многу емотивни и со голема благодарност. Им благодарам што ме испочитуваа и веруваа во „Охридско лето“, во дирекцијата и тимот.

Имајќи го предвид значењето на фестивалот, какви беа реакциите на домашните уметници што добија можност да настапат на „Охридско лето“?

– Ова прашање, можеби, е најдобро да им се постави ним, но според она што го прочитав на социјалните мрежи и во нивните лични пораки, беа среќни со настапите.

Фестивалот ја има привилегијата да се одржува на отворено, а тоа е клучниот критериум на протоколот за одржување јавни настани. Како публиката ги прифати и протоколот и настапите на уметниците?

– Лично сум воодушевена од публиката, сите ги следеа протоколите без никакви непријатности, просто како цел живот да носеле маски. Браво, навистина една елита (по духовност) од публика. Настаните беа на отворено, но имаше и внатре во црквата со ограничен број на публика, за жал. Во ниеден момент не потклекнавме и не отстапивме од протоколот, ниту ние како организатори ниту публиката како гости на настаните. Сѐ одеше како подмачкано, како што се вели народски.

За првпат во историјата на македонската културна сцена се донесени и поставени четири пијана (Фотографија: Охридско лето)

Фестивалот почна со посвета на оперската примадона Ана Липша Тофовиќ, која настапи на неговите почетоци пред 60 години. По кој настап ќе се памети 60. издание на „Охридско лето“?

– Сите 26 музички настани ми се 26 бисери. Секој настап беше оригинален и единствен сам по себе. Сите ќе се паметат! Но, морам да го издвојам концертот со четирите клавири на сцена, кои ни дојдоа од компанијата „Петроф“ од Чешка и преку „Пиано центре“ на браќата Ристески беа поставени на сцената во предворјето на црквата „Св. Софија“. Настапот на четирите клавиристи со камерниот оркестар „Чешки виртуози“ беше на 25 август во два дела. На паузата заврна дожд. Веднаш се покрија инструментите со соодветен материјал за заштита. Додека чекаше публиката, екипата од „Охридско лето“ со штимерите ги префрлија клавирите под сводот на црквата. Дождот престана, публиката седна на своите места, концертот продолжи и заврши спектакуларно.

За првпат во историјата на македонската културна сцена се донесени и поставени четири пијана. Благодарам на нашата пијанистка Ема Јадличка Гогова, една од солистките на концертот, која живее во Брно, за целиот ангажман и посветеност да успее овој проект.

Настап на професионалниот хор „Про Арс“(Фотографија: Охридско лето)

Прифаќајќи ја функцијата селектор на музичката програма, со каков предизвик се соочивте и какви перспективи си поставивте пред себе за да се задржи високиот рејтинг на фестивалот?

– Воопшто не ми беше тешко. Кога човек има изградено свој интегритет, своја биографија напишана и постигната исклучиво со работа, тогаш функцијата е минорна. Кога ќе помножите и поделите на крајот, секоја работа која е изработена со знаење и со чесност, самата по себе држи висок рејтинг.

Фестивалот „Охридско лето“ полека но сигурно го враќа својот сјај. Се надевам дека така и ќе продолжи, пред сѐ, заради сите наши претходници, ентузијасти и визионери, кои ни оставија културно наследство со кое не можеме да си играме во ниеден момент. Уметноста враќа со аплауз и награда ако си квалитетен, и обратно, заборавен си ако си неквалитетен. Исклучиво со високиот рејтинг фестивалот „Охридско лето“ може да опстане. Тоа мора да го знаат и почитуваат сите кои сакаат да бидат дел од него. Јас ги почитувам тие правила и тие ми се предизвик, да се изработи и да се даде најдоброто.

На фестивалот се одржа концерт со кој му беше одадена почит на македонскиот композитор Томе Манчев (Фотографија: Охридско лето)

Подготовките на фестивал со реноме на „Охридско лето“ траат во текот на целата година. Има ли подготвеност и планови, покрај ситуацијата со коронавирусот, следното издание да почне да се подготвува по завршувањето на ова, јубилејно издание?

– Музичката програма за 2021 година веќе ја предадов во дирекцијата на „Охридско лето“ и таа веќе е проследена во Министерството за култура. Верувам дека уметноста е најприродниот извор на земјата и може да го направи светот подобро место за живеење. Оттука, мојата прогноза за следната година е дека оваа пандемија ќе заврши, односно ќе биде со слаб интензитет и фестивалот „Охридско лето“ ќе блесне во својот сјај уште во јули. Секако, програмата ќе трпи промени, тука нема сомневања, но истовремено 70 проценти од уметниците со кои разговарав овие три месеци се расположени да дојдат и да настапат во градот на светлината – Охрид. Да се надеваме дека ќе успееме во нашите намери, светот да чуе за нас преку културните вредности, преку фестивалот „Охридско лето“.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 46, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 28-30 август 2020)

Видео на денот