Интервју со Александар Ношпал за балетскиот триптих „Молитви на моето тело“: Создадовме безвременско дело кое долго ќе се памети

Александар Ношпал - Секој танц на свој начин е молитва на телото / Фотографија: Дејан Џолев

Идеен творец на современиот балет „Молитви на моето тело“, во чија основа е поезијата на Ацо Шопов, е модниот дизајнер, костимограф, магистер по моден дизајн и маркетинг, како и професор по моден дизајн и костимографија, Александар Ношпал.

Јубилејот 100 години од раѓањето на поетот Ацо Шопов во текот на целата 2023 година беше одбележан со низа настани. Грандиозно финале на јубилејната програма беше премиерната изведба на балетскиот триптих „Молитви на моето тело“ на 20 декември на големата сцена на Националната опера и балет.

Поетското дело на Шопов во текот на јубилејната година беше чествувано со различни уметнички форми (книги, анимирани филмови, поетски читања), додека со балетот доби нова и многу специфична форма на презентација.

Како иницијатор и автор на проектот, кога, како и со која цел се појави идејата за балетот?

– Идејата за балетот „Молитви на моето тело“ се појави за време на ковид-пандемијата, во време на повлекување, изолација и соочување со самите себеси. Време на интроспекција, преиспитување, размислување, но и на раѓање на нови идеи. Имено, проектот беше наменет и пријавен на конкурсот што го објави Владата на Република Северна Македонија по повод прославата на 30-годишнината на независноста на нашата земја, но од технички (и ирелевантно-смешни) причини беше одбиен, што воопшто не ме разочара, знаејќи го фактот дека само за неколку години ќе се одбележуваат 100 години од раѓањето на поетот Ацо Шопов.

Минатата година проектот го понудив на Националната опера и балет, каде воодушевено го прифатија и го пријавија како проект од национален интерес во рамките на нивната програма за 2023 година. Упатувам голема благодарност до дирекцијата и раководството на оваа реномирана установа, со која веќе 25 години соработувам како костимограф, а посебно до Јасмина Шопова, ќерката на поетот, која со големо воодушевување го прифати овој проект, ги даде авторските права за името на проектот, а воедно и го вклучи како дел од програмата за одбележување на 100-годишнината на раѓањето на Ацо Шопов, прогласена од УНЕСКО во март оваа година.

Колку големината на името Ацо Шопов и длабочината на неговата поезија беа предизвик да се воспостави високо естетско и уметничко ниво на целиот проект?

– Ацо Шопов е еден од нашите најреномирани поети и автори, преведуван на многу светски јазици и познат и признат во многу земји во светот. Посебно преводите на неговата поезија на француски јазик (кој мене ми е како втор мајчин јазик, бидејќи едно време живеев и студирав во Париз) се извонредни, а неговиот опус е навистина познат и присутен, посебно во француските литературни кругови. Кај нас поетот е познат најмногу по поемата „Очи“, која се изучува и анализира во основното и средното образование, и се смета за ода на љубовта, револуцијата и на пожртвуваноста кон револуцијата и татковината.

„Молитви на моето тело“ е циклус од единаесет молитви, кои заедно со поемата „Раѓањето на зборот“ формираат една целина, и го карактеризираат постреволуционерниот период, односно фаза на творештвото на поетот. Тие се дел од збирката поезија „Небиднина“, која се појавува првпат во 1963 година. Самиот автор за овој наслов ќе рече: „Во превод тоа отприлика би можело да значи нешто што е невозможно, нешто што нема да се оствари“. Имено, во оваа збирка авторот истакнува еден парадокс: дека поезијата, како највозвишено и најдлабоко остварување на човекот, дури и во нејзината најсовршена форма, „не е во состојба да го опфати сето богатство и сета сложеност на тој поим“.

Имено, авторот, како и многу други македонски автори, се соочува со реалноста на живеењето: новата држава е воспоставена, револуцијата е минато, а животот носи нови предизвици, кои се лични, интимни и многу потешки од оние колективните. Авторот се соочува со своите лични, субјективни, интимни предизвици во животот, во современото, ново, штотуку изградено општество: познатата Хамлетовска реплика „да се биде или не“ е фокусот на размислувањето на многу креативци, уметници и литерати во тој период. Оваа збирка претставува развој и надраснување, а заблудите и наивностите исчезнуваат. Токму и затоа овој период може слободно да се нарече период на самооткривање, на интимна интроспекција и на лирска рефлексија.

Сцена од балетот „Молитви на моето тело“ / Фотографија: Александар Томовски

Зошто беше одбран поетскиот циклус „Молитви на моето тело“ и колку зборот „тело“ во насловот ве повлече кон реализација на балетска претстава?

– „Молитви на моето тело“ го одбрав бидејќи за мене лично претставува едно од најубавите, најпоетичните и најинтимните дела во македонската литература. Како што вели авторот во едно свое интервју во 1968 година: „Молитвите на моето тело ја содржат идејата на долго и неизводливо патување до љубовта и барање нова смисла на зборот со која тоа патување нема да ни се стори бесцелно и неостварливо, па макар барањето да не упатува кон зборот што личи на ’обично дрво‘ или на ’дланки јагленосани и прародителски голи‘, како што е речено во првата молитва.“ Токму и затоа е одбрана оваа поезија: со нејзината светлина, мрачност, сензуалност, еротика и лирика, таа отвора нови хоризонти на изразување на зборот – зборот да прерасне во тело, телото во движење, движењето во нов вид на говор или збор.

Две работи го карактеризираат и одвојуваат човекот на оваа планета: тоа е зборот или говорот и, секако, артикулираното движење кое без размислување би го нарекол танц или игра. Е, токму тука и беше главниот повод да се одбере ова дело за подлога на балет. Да се спои зборот, стихот со телото и движењето. Секако дека секој танц на свој начин е молитва на телото: молитва за љубов, тага, бес, надеж, односно за секое едно чувство кое во одреден момент го обзема човекот. Самите ги напомнавте во прашањето двата клучни поими: збор и тело. И секако дека тие беа главниот мотив да се преточат во едно сензационално балетско остварување.

Во проектот се вклучени професионалци од музичката фела, како авторката на драматургијата Соња Здравкова-Џепароска, кореографите Ивана Коцевска, Адријана Данчевска и Саша Евтимова, како и композиторите Дарија Андовска, Александар Гроздановски и Александар Пејовски. Проектот е реализиран како три независни кореографии што се изведуваат во рамки на една претстава. Што ве наведе на ваква поделба?

– Идејата се роди токму од потребата да се видат и презентираат различни пристапи и читања на делото на Шопов. Воедно целта беше да се создаде едно современо дело кое ќе го ревитализира делото на еден иновативен и актуелен начин. Кај нас имаме тенденција да го забораваме културното, литературното и уметничкото богатство.

Во ова време на погрешни општествени вредности и приоритети, заборавивме на фактот дека покрај големата и разновидна ризница што ни е оставена како наследство, кое го заборавивме, има една плејада на млади нови талентирани луѓе, една нова алтернативна, креативна сила која треба да биде главниот двигател и промотор на нашата култура и на нашето постоење. Не политиката, не богатството, не криминалот и простотилукот… туку уметноста, творештвото, културата и образованието.

Токму и затоа изборот падна на три кореографи кои многу ретко имаат шанса да се презентираат пред нашата јавност. Имено, сакав да покажеме дека и ние тука имаме автори кои создаваат извонредни дела и можат да бидат достојни амбасадори на нашата држава. Воедно, идејата да се создаде балет со македонски авторски тим, кој и те како ги следи и се вклопува во современите трендови и тенденции на музиката, балетот и дизајнот во секоја смисла.

И тоа се потврди: Извонредните и автентични кореографски и музички ракописи на Ивана Коцевска / Дарија Андовска, Адријана Данчевска / Александар Гроздановски и Саша Евтимова / Александар Пејовски под палката на Соња Здравкова-Џепароска како драматург и со визуелното оформување од страна на Михајло Стојановски, Лазе Трипков, Флоријан Чанга, Јакуп Јакуп, Нино Митевски, Перо Марачков и Доријан Миловановиќ, како и учеството на специјалниот гостин, реномираниот актер Никола Ристановски создадоа едно безвременско дело кое долго ќе се памети.

Сцена од балетот „Молитви на моето тело“ / Фотографија: Александар Томовски

Од кого и каква поддршка добивте во процесот на реализацијата на проектот на сцената во Националната опера и балет?

– Проектот во најголем дел финансиски беше поддржан од Министерството за култура и, секако, пред сѐ, од Националната опера и балет, како проект кој беше вклучен во националната програма на оваа установа за 2023 година. Дополнителна финансиска поддршка овој проект доби и од Европската Унија (Europe House), а покровители во одредени сегменти беа и „Тиквеш“ и „Скопска Пивара“.

Покрај сите други обврски со проектот, како успеа да се фокусираш на твојата примарна дејност во однос на креацијата на костимите?

– Кога се сака ништо не е тешко. Секако дека костимографијата е моја примарна дејност, и мора да признаам дека е наједноставниот дел од мојата работа на овој проект. Едноставна не значи дека не е возбудлива и напорна. Но секако, на проектот се работеше сукцесивно и долго, така што имаше доволно време да се обработи и потврди секој сегмент од работата навремено за да можам целосно да се фокусирам во одреден момент на мојата примарна дејност како автор во овој проект, а тоа е костимографијата.

Процесот беше прекрасен и едноставно инволвираноста во секој сегмент од проектот како идеен творец ми овозможи многу точно и прецизно да ги запознаам своите соработници и во соработка со нив да ги пронајдам точните идејни решенија за костимите. Цело е кога има сѐ: и со голема гордост ќе кажам дека дополнителните обврски на овој проект само додадоа поголема вредност на костимографијата. Тука не смеам да заборавам да ги спомнам и извонредните ателјеа на НОБ, односно тимот од врвни професионалци кои работат во работилниците за изработка на костими, а кои бескомпромисно се дадоа и со голема посветеност ја изведоа секоја моја идеја.

Голема улога во овој процес имаше и мојата асистентка Ангела Богеска, која беше одговорна, во мое повремено отсуство заради другите обврски во проектот, да го води процесот, а тоа го стори со голема посветеност и професионалност.

Каков креативен и физички подвиг претставува креацијата на 60-ина различни костими за една претстава?

– Секогаш големата бројка е и голем предизвик. Не ми е првпат да работам балетски триптих, а притоа да соработувам со три или повеќе кореографи со различни естетики, потреби и идеи. Овде тоа беше уште поизразено бидејќи се работеше воедно и за три различни техники на танцување, а секоја од нив има свои потреби и свои одредени барања и стандарди на форма и изработка на костим.

Секако, театарското искуство од 25 години, посебно во балетската костимографија, многу помага во ваквите предизвици. Тоа овозможува да се развие еден систем на поедноставна и побрза реализација на костимите. Секако, секој процес има своја тежина и убавина. Секој процес е своевидно учење, надоградување и усовршување. И токму тоа е причината зашто сѐ уште ја работам оваа професија со истата страст како и на почетокот.

Сцена од балетот „Молитви на моето тело“ / Фотографија: Александар Томовски

Трите дела на балетот носат различни кореографски, музички и амбиентални карактеристики. Како кај тебе течеше мислата за креацијата на костимите за трите дела поединечно?

– Во договор со драматургот Соња Здравкова-Џепароска, трите дела ги одвоивме, пред сѐ, колористички. Секој од деловите имаше свој назив, а во согласност со истиот беше одредена и бојата.

Првиот дел, наречен „Раѓање“, го карактеризираше беж-бојата, бојата на човечката кожа, која прерасна во градација кон сина боја, која е одраз на созревањето на човекот преку три фази: на девојка, жена и мајка. Тука формите беа едноставни, го оцртуваат човечкото тело, а дополнителните апликации и патинирање ја даваат онаа праисториска поврзаност со природата и космосот, со дрвото и каменот.

Вториот дел, наречен „Преплетување“, беше изработен во тоновите на црвената боја, која ја карактеризира интимноста, сензуалноста и љубовта како чувство. Формите беа доста современи, предимензионирани во крој, ја симболизираат човечката сила и снага, доминацијата на оваа планета, а суптилните апликации и везови ја симболизираат поетиката употребена во поезијата на Шопов.

Третиот дел, наречен „Вознес“, ја карактеризираат чисти јасни линеарни форми на неокласични балетски костими, во величествено виолетова боја, кои ја симболизираат силата, слободата и космичката интеракција. Чисти форми и длабоки бои кои го означуваат небесното синило, космосот, ѕвездите и универзумот.

Во годината кога се одбележаа 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, на личен план го прослави својот 50-ти роденден. Какво чувство имаш за својата досегашна работа како моден дизајнер и костимограф? Во кој правец понатаму би ја развивал својата дејност?

– Оваа година е првата од мојата петта деценија на животот. Беше активна година која ја означија дури седум премиери од кои три во државава, а четири низ Европа. Многу е тешко да се направи ревизија и пресек на досегашната работа: мора да признаам дека мојата биографија, а секако и живот е доста бурен, исполнет со многу искуства, случки, со многу приватни и професионални предизвици и неверојатно многу спомени на кои не ретко и со задоволство се потсетувам. Искрено, дури и моментите кои изгледале како безизлезни и трагични во одреден период, денес имаат свое значење и своја причина, односно оправдување. А сето тоа го создава она непроценливо богатство што го нарекуваме искуство. Тоа нѐ прави посилни, посигурни и помудри во животот.

Како човек и професионалец сум и те како задоволен од својот живот, го живеам со истата енергија и пасија како и пред 30 години, кога ја почнував својата кариера. Среќен сум што никогаш немам направено компромис и што можам да се пофалам со живот исполнет со движење, со акција, со предизвици и со постојано развивање на секое поле. Имам најави за проекти во Кина, во Виена, во исчекување на реализација на проектот „Скопје, Европска престолнина на културата 2028“, и уште многу други работи… А иднината носи нови нешта… Секако дека имам свои желби и сѐ уште сонувам за одредени нешта: човекот сонува, а кога сонот е толку силен и моќен, тој станува и јаве. Што ме очекува во иднина не знам, но токму тоа е највозбудливото чувство: исчекувањето на непознатото.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 211, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30.12.2023 – 02.01.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот