Интервју со актерката Слаѓана Вујошевиќ: Сакам да верувам дека со секој нов лик растам и созревам

Актерката Слаѓана Вујошевиќ во улогата на истражувачката новинарка Елени / Фотографија: Маја Аргакијева

Впечатлива актерска креација оствари Слаѓана Вујошевиќ со ликот на истражувачката новинарка Елени во македонскиот филм „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски.

Актерката Слаѓана Вујошевиќ ја игра главната женска улога во филмот „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски, чија македонска премиера се случи на фестивалот на европски филм „Синедејс“. Иако тоа не беше нејзино прво појавување на филм, сепак беше прва главна улога во долгометражно филмско остварување. Филмот, исто така, својата светска промоција ја почна со награда за најдобар филм на фестивалот „In the palace“ во Софија, Бугарија, а веќе е селектиран и во официјалната селекција на фестивалот „Сим фест“ во Романија.

Станува збор за трилер-драма во која опседната со исчезнувањето на најдобрата пријателка, жртва на трговијата со жени, една новинарка подготвува тајна операција, со цел да ја разоткрие криминалната мрежа. Со Слаѓана Вујошевиќ разговаравме за нејзината актерска креација, но и за другите проекти со кои се профилира како една од најангажираните актерки кај нас.

Во играниот филм „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски ја играш главната женска улога Елени, која е новинарка што го истражува убиството на својата најдобра другарка. Какви подготовки беа потребни за успешно претставување на ликот?

– За секој лик што го играм, било да е филмски или театарски, секогаш прво создавам биографија. Биографијата ги состои сите информации за ликот доделени од авторот, од име до професија, возраст, фамилија… Потоа продолжувам со информации кои ликот ги говори за себе и сѐ што другите ликови велат за него. Надополнувам со одговори на прашањата што сака, што мрази, а од што се плаши… Секогаш се трудам да откријам кои се сличностите помеѓу мене и ликот, а кои се разликите… Сличностите ми се важни, затоа што ми нудат можност за полесно оживување на ликот, но разликите ми се попривлечни, бидејќи ме тераат да будам нови состојби во себе. Сакам да откривам делови на ликот, преку кои можам да ги надминувам своите стравови и фрустрации. Сакам да верувам дека со секој нов лик јас растам и созревам. И така, истражувачката новинарка Елени за мене е една кревка и ранлива девојка, која успешно се крие зад маската на храбра и упорна, на моменти бескомпромисна трагачка по вистината. За разлика од мене, често е сама на бојното поле, без многу пријатели, без приватен живот, без партнер со кој може да ја сподели болката… Најголема разлика ни е насмевката, кај неа комплетно изоставена од секојдневието, а кај мене дел од речиси секоја пригода. Во секој случај, начинот на кој ја води борбата, ми е многу близок, би рекла дека и кај мене како и кај Елени, недостасува разум кога преовладуваат емоциите, а тогаш се јавува некоја чудна храброст што нѐ втурнува во ризични ситуации.

Отсекогаш ме фасцинирале луѓе што се храбри и упорни во желбата да помогнат, да ја разоткријат неправдата и да ја обелоденат вистината / Фотографија: Еџе Али

Приказната што се одвива во филмот не е далеку од реалноста што се случува во општеството. Комплексни релации помеѓу политиката и криминалот, трговија со жени, немоќ на институциите, отсуство на правда се дел од темите што ги има во филмот. Какви ликови повеќе би сакала да добиваш – реални или фиктивни?

– Сакам да креирам и реални и фиктивни ликови, она што ми е важно е да нудат можност да нурнам длабоко во себеси и да откривам нови емотивни состојби и експресии. Истовремено, сакам да создавам ликови што ќе влијаат позитивно врз секојдневието на моите сограѓани, ќе придонесат до социјални промени, ќе ги освестат предрасудите и ќе понудат начин како да се надраснат. Сакам ликови кои будат емпатија, разбирање и грижа за другиот и ја развиваат општествената и/или еколошката свест!

Со каков мотив влезе во креацијата на ликот и која е пораката што сакаш да биде пренесена преку ликот на Елени?

– Отсекогаш ме фасцинирале луѓе што се храбри и упорни во желбата да помогнат, да ја разоткријат неправдата и да ја обелоденат вистината. Истражувачките новинари се посебна категорија луѓе, тие често по цена на својот живот, спасуваат туѓи… Филмовите со ваква тематика често знаат да разбудат емпатија кај гледачот, умеат да предупредат, да вперат прст таму каде што другите се плашат да погледнат. Ова е наш дебитантски филм, не знам колку ние успеавме во горенаведеново, но желбата да пробаме да го постигнеме тоа, ме привлече да бидам дел од проектов.

Филмот „Бизнисот на задоволството“ се труди да ги руши стереотипите кои се длабоко вкоренети во нашево општество, ми се чини одамна водиме борба едни против други, наместо да си ги здружиме силите и да ја водиме борбата против проблемите кои сите нѐ засегаат. И со тоа да ги разбудиме и оние на кои тоа им е должност и обврска!

Слаѓана Вујошевиќ во сцена од филмот „Бизнисот на задоволството“

Во твоето портфолио веќе имаш повеќе епизодни улоги во играни филмови и улоги во неколку телевизиски серии. Како лично ја чувствуваш магијата на филмското платно, односно на телевизискиот екран?

– Магијата ја има во секој проект, било да е театарски, филмски, телевизиски, анимиран… бидејќи магијата се состои во можноста да се работи, да се добие довербата да се биде дел од тим, кој заедно ќе креира уметност. Магијата е во тоа да се соработува со вредни и посветени луѓе, кои сакаат да направат некаква промена преку своето дело. Магијата е да се допре до гледачот, да се замисли, да се поттикне, да се разбуди… магична ни е професијава, па и во која форма да е спакувана, и низ кој медиум и да делува!

Во актерските кругови си позната и по одбраната на докторатот на тема „Филмскиот актер во дигиталната епоха“ на Универзитетот во Истанбул. Кои се твоите главни тези во докторатот?

– Во периодот кога одлучував за што сакам да биде мојата докторска дисертација (некаде во 2017 година), бев опкружена со есеите што тврдат дека: „Поради напредокот на технологијата, во блиска иднина ќе се изгуби потребата од актерот…“, „Значењето и важноста на актерот драстично ќе се намалат…“, „Технологијата ќе го замени актерот“… и тој страв од потенцијалната вистина во секој од овие трудови, ме втурна да го истражувам статусот на филмскиот актер во дигиталната епоха.

Дигитализацијата секојдневно придонесува до нови можности и начини на изразување во филмската област, а со тоа отвора пат за многу промени и на самата актерска уметност. Во дигиталната епоха, филмскиот актер креира користејќи ги сите свои инструменти (гласот, телото и лицето), но поради технолошките изуми какви што се „motion“ и „performance capture“, неговата креација е целосно зависна од креацијата на други уметници и како резултат на тоа, некои делови од актерската креација се присутни во дигиталниот перформанс, додека некои, пак, се целосно исклучени од него. За тие што не се запознаени, „motion“ и „performance capture“ технологијата успешно ги „краде“ фацијалните експресии и физичките гестови на актерот и инстантно ги аплицира на дигитален лик.

Поради природата на оваа технологија, актерската креација се двои од филмскиот актер, и како резултат на тоа, сè почесто гледачот во оваа креација не може да го види или чуе самиот актер. Од една страна, на актерот му се овозможува да креира ликови постари или помлади од него, да креира животни или суштества непостоечки во секојдневниот живот без употреба на простетичка шминка или без драстични трансформации на своето тело, но притоа „плаќајќи ја цената“ да биде невидлив на филмското платно. Како резултат на ова, се смета дека актерската игра на дигиталните ликови не е дело исклучиво на актерот, туку актерот е принуден своето авторство да го дели со сите останати уметници вклучени во процесот на таа креација. Било да станува збор за визуелни уметници, аниматори или вештачка интелигенција.

Земајќи ги како основа на своето истражување видовите актерска игра во театар, филм и анимација, поточно истражувајќи го патувањето на актерот од првиот Теспијан, до овој новиов Синетеспијан (Синтетички Теспијан), наместо намалено значење и вредност на актерот, ја согледав неговата неопходност во процесот на креација на дигиталните ликови.

Актерот е неопходен за визуелниот артист или аниматорот да може да ги изработат своите дигитални ликови. А, неопходен е и како инспирација за Вештачката интелигенција, која секојдневно зазема значајно место во филмската индустрија. Спонтаноста на актерската креација, природноста на актерот во креативниот процес кој се случува овде и сега, како резултат на моменталната емотивна состојба на актерот, е нешто што сега-засега не може да биде постигнато, а уште помалку комплетно заменето од ниедна технологија. Технологијата сѐ уште нема капацитет да го замени талентот на актерот. А и да се развие до степен да може да му парира на талентот, јас не гледам зошто некој актер би се откажал од поривот да креира… Така што, на прашањето: „Дали ќе нè замени технологијата како уметници“, одговорот е: „Зависи од нас уметниците!“

Магијата е во тоа да се соработува со вредни и посветени луѓе, кои сакаат да направат некаква промена преку своето дело / Фотографија: Стефан Рајхл

Како, од друга страна, го доживуваш ангажманот во „Светот на Биби“, каде што им се обраќаш на најмладите генерации гледачи и читатели, а гледаноста на серијалот на Јутјуб достигнува и до 80 милиони прегледи?

– „Светот на Биби“ е сублимат на сето она што, како уметник, сакам да го постигнувам како ефект кај публиката. Тоа е проект што забавува, едуцира, нуди алатки за домашно воспитување, зад себе остава трага, позитивен печат… ми дава моќ поради препознатливоста, истовремено наметнувајќи огромна одговорност, ме тера да се преиспитувам, да не престанам да работам на себе.

Иако главно зборуваме за филмската уметност, сепак како актерка си вработена во Турскиот театар во Скопје. Каква трансформација е потребна за премин од фикцијата на платното во реалноста на театарската сцена?

– Трансформацијата е неопходна од лик до лик, а медиумот налага различна експресија на емоциите. Она со кое јас се соочувам изминативе години е токму тоа, како својата експресија, поточно емотивна креација да ја спакувам во различни форми за различен медиум. Имав можност паралелно да креирам театарски, филмски, телевизиски и анимирани ликови и да согледам дека секој од нив бара поинаква експресија на истата емоција, бара поинаков гест на внатрешниот порив… затоа е круцијален режисерот во секој проект, тој е тој што му помага на актерот да го најде вистинскиот канал низ кој ќе ја пренесе емоцијата.

Одлично го владееш турскиот јазик. Како се случи тоа искуство?

– Со силна желба, навистина многу вложен труд, но и огромна поддршка од сите околу мене. Јас, пред сѐ, имав голема среќа да учам од извонредните професорки Фејхан и Мелахат од Турскиот културен центар „Јунус Емре“. Потоа, по заминувањето во Истанбул, бев опкружена со пријатели, кои не се откажуваа да ме коригираат кога грешам и не ми дозволуваа да се служам со англиски јазик.

Поддршката што доаѓаше од исклучително драгите колеги – актери, режисери, сценаристи, продуценти со кои имав можност да соработувам, ми беше силна мотивација да го усовршувам јазикот, изговорот и дикцијата. И денес, во Турски театар, добронамерните забелешки од моите колеги ми овозможуваат да продолжам да растам во говорењето на овој јазик.

Македонската премиера на филмот „Бизнисот на задоволството“ се одржа на „Синедејс“ во Парк МКЦ

Пред осум години на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп ја доби наградата за Најдобра млада актерка за ликот на Елена во „Сон во летната ноќ“ од Шекспир во режија на Александар Поповски. Во филмот на Гоце Цветановски имаш улога на младата жена Елени. Како лично го чувствуваш растежот од млада во зрела актерка?

– Прилично сум задоволна од тоа како се одвива досегашното патување „од Елена до Елени“. Без нагли отскоци, но и без падови, поставувајќи цврсти темели во секој медиум, на повеќе јазици. Секој еден предизвик што се појави на патот ме радува и ми овозможи да ги пробивам сопствените граници, кои секојдневно согледувам дека сама си ги поставувам. Се надевам ќе продолжи овој растеж.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 189, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30.7.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот