Интервју со Адем Карага: Енергијата на добро воспитани и начитани луѓе треба да се има предвид

Одличен домаќин беше Албанскиот театар во Скопје на 12 претстави што беа изведени во програмата на фестивалот „Мојсиу“, а многу причини за радост имаше и актерот Адем Карага, директор на театарот.

Актерот Адем Карага во последниве, речиси, дваесет години, со извесни кратки паузи, е директор на НУ Албански театар во Скопје. Во негов мандат се одвиваше повеќегодишното реновирање на театарскиот објект, а потоа се надоврза и ковид-пандемијата. Иако театарот својата програма ја реализираше на други театарски сцени, секако со радост го дочекаа отворањето на реновираниот објект.

Резултатот од враќањето дома се неколку одлични современи претстави, а пред крајот на годинава организираа и фестивал на кој како гости им дојдоа 11 театри од Албанија, Косово и од Македонија.

Во изминатиов период имаше повеќе поводи за средба со Адем Карага, особено поврзани со неговите актерски креации, но сепак разговорот го направивме по повод успешната реализација на регионалниот театарски фестивал.

Албанскиот театар во Скопје од 16 до 27 ноември беше домаќин на театарскиот фестивал „Мојсиу“, кој е основан во Тирана, Албанија. Како се случи фестивалот оваа година да се одржи во Скопје?

– Фестивалот почнал да се одржува во раните деведесетти години во Тирана и идејата била да настапуваат театри и претстави од целото говорно подрачје на албански јазик. На почетокот фестивалот се одржувал со повеќе прекини поради различни финансиски и други причини, но се обидувал да одржи некаков континуитет. На последното издание пред ковид-пандемијата, во 2018 година, тројцата директори на националните театарски установи во Албанија, Косово и кај нас, решивме фестивалот да го вклучиме во програмите за поддршка на Министерствата за култура во сите три држави и да почне да патува, односно една година да се одржи во Тирана, потоа во Скопје, па во Приштина, и така во круг. Во текот на пандемијата фестивалот имаше едно онлајн-издание, кога нашите снимени претстави беа прикажани на театарските Фејсбук-профили.

Годинава првпат се случи фестивалот да патува и се одржа во Албанскиот театар во Скопје. За тоа имаше повеќе причини. Пред сѐ, театарот во Тирана е срушен со цел да се изгради нов објект. Во Приштина е слична состојбата, бидејќи Националниот театар очекува да добие нова зграда. За мене беше битно во реновираната зграда на Албанскиот театар во Скопје, која сега ги исполнува сите технички и просторни услови, да се покажеме како добри домаќини, а со тоа на сите да им покажеме дека имаме услови за развивање на нашата театарска дејност. Навистина сум горд што фестивалот се одржа тука, бидејќи сите театри што гостуваа на нашата сцена беа воодушевени од приемот. Ме радува и фактот што изведбите на претставите на нашата сцена, веројатно, изгледаа подобро отколку на нивните матични сцени.

Навистина сум горд што фестивалот се одржа тука, бидејќи сите театри што гостуваа на нашата сцена беа воодушевени од приемот

Колку вкупно претстави беа изведени на фестивалот?

– Одлучивме да направиме избор на четири претстави од секоја држава, што значи дека беа вклучени 12 претстави. Од кај нас беа вклучени Тетовскиот, Гостиварскиот, Албанскиот и место театарот од Куманово, кој не можеше да настапи, поканивме како гостин да учествува театарот од Прешево. Од Албанија дојдоа Националниот театар, Експерименталниот театар „Кујтим Спајвогли“ од Тирана, Театарот „Миѓени“ од Скадар и Театарот „Андон Зако Чајупи“ од Корча. Од Косово дојдоа Националниот театар, театарот „Адријана“ од Урошевац, театарот „Беким Фехмиу“ од Призрен и театарот „Интегра“ од Приштина. Тоа што најмногу ме радува е што за време на изведбата на сите претстави салонот беше полн со публика, а често моравме да ставаме и помошни столчиња за да го задоволиме интересот на сите гледачи. Имавме прекрасна и млада публика. Некои од нив првпат ги гледам во театар и тоа беше најубавата работа што се случи на фестивалот.

Фестивалот имаше натпреварувачки карактер и Албанскиот театар во Скопје, како добар домаќин, ја доби и наградата за најдобра претстава. Кој одлучуваше за наградите?

– Комисијата која одлучуваше за наградите имаше пет членови, по двајца од Албанија и од Косово, а од кај нас имаше само еден член. Тоа беше почитуваниот доајен и актер Бајруш Мјаку. Од Албанија дојдоа врвни уметници, како Лујза Џовани, една прекрасна филмска и театарска актерка, како и познатиот режисер Спиро Дуни. Од Косово во жирито беа врвниот млад актер Адријан Морина и доајенот на косовскиот театар Мелиате Ќена.

Мислам дека не им беше лесно да одлучат, бидејќи имаше извонредни претстави на фестивалот. На фестивалот настапивме со претставата „Три сестри“ според Чехов во режија на Ќендрим Ријани и ги добивме наградите за најдобра претстава, најдобра режија и најдобра компонирана музика на Тримор Доми.

Претставата „Три сестри“ според Чехов во режија на Ќендрим Ријани доби три награди на фестивалот „Мојсиу“, вклучително и наградата за најдобра претстава

Фестивалот помина во најдобар ред, а гостите биле воодушевени од условите. Од претходно знаеме дека реновирањето на театарот траеше повеќе години. Дали тоа значи дека во реновираниот објект Албанскиот театар во Скопје сега работи со полн капацитет?

– Ако се навратиме наназад, идејата за целосната реконструкција на Албанскиот театар датира од 2012 година, кога подготвивме идејно решение, ги поминавме сите постапки и стигнавме до главниот проект. Фирмата која беше задолжена за реконструкцијата почна со изведбата во 2014 година и тоа траеше, речиси, пет години, до 2018 година.

Во тој период нашите премиери ги поставувавме во Театар Комедија, во МНТ, во Детскиот театар во Старата чаршија. Горд сум и на тие години, иако беше тешко да се реализира програмата, а особено беше тешко да се реализира репертоар. Во тој период во Театар Комедија (стариот објект „Центар“ на МНТ) работевме три национални установи – Театар Комедија, Турскиот театар и Албанскиот театар. Дури и во таква ситуација ние успевавме да ја реализираме целата годишна програма. Тогаш работевме како „номадски театар“, а често патувавме на многу фестивали и освоивме многу награди. Тоа беа тешки, но успешни години.

Откако се вративме во својот објект, веднаш почнавме со подготовка на претставата „Брегот на тагата“, со која мислевме дека ќе го отвориме реновираниот објект. Во текот на подготовките чекавме да се случи и техничкото примо-предавање на објектот. Паралелно работевме и на претставата „Мурлин Мунро“, со која имавме затворена премиера. Работевме и на претставата „Балкон“ од Жан Жене, која моравме да ја прекинеме при крајот на подготовките поради пандемијата.

Во 2022 година направивте театарски исчекор со поставување на габаритни и комплексни претстави во кои се вклучени голем број актери и целокупната техника во театарот. Дали тоа е резултат на обновениот објект?

– Дефинитивно. Мислам дека како национална установа, како простор, но и како години на искуство што театарот ги има зад себе, мораме посериозно да се замислиме што, всушност, работиме. Сето тоа зависи и од буџетот што ќе ни се одобри со Годишната програма на Министерството за култура. За жал, последниве години не можеме да кажеме дека сме задоволни од одобрените средства. Можеби во таква ситуација не сме само ние, а сигурно поради средствата некогаш сме условени да не можеме да направиме голем проект со кој ќе го преминеме прагот на нашите уметнички творби. Но, во било какви услови театарот знаел да преживее и ќе преживее.

Во последниве дваесетина години, со извесни прекини, си на раководната позиција во Албанскиот театар. Истовремено учествуваш и во дел од претставите на театарот. Како го чувствуваш растот и зреењето на неколку генерации од театарскиот ансамбл?

– Многу сум среќен што имавме можност да примаме нови генерации актерки и актери. Од 2003 година наваму примивме голем број млади актери, а во последно време примивме осум млади актери кои само што дипломираа на Факултетот за драмски уметности. Драго ми е што тие луѓе своите сништа веќе ги реализираат на театарската сцена, не само со тоа што се вработени во театарот, туку и со одговорноста што ја имаат во претставите што се дел од нашиот репертоар. Сите тие дојдоа со нова и голема енергија, а мислам дека е многу важно таа енергија да ја насочиме во вистинскиот правец.

Во големите претстави што ги поставивте годинава, како „Јазли“ и веќе спомнатата „Три сестри“, веќе е направен спој на повеќе актерски генерации. Претставите се во режија на веќе докажани млади и талентирани луѓе, како Куштрим Бектеши и Ќендрим Ријани. Дали и програмската политика на театарот ја водите во тој правец?

– Отсекогаш сум мислел дека на младите генерации треба да им се даде можност. Куштрим Бектеши веќе е еден од најистакнатите режисери. Ќендрим Ријани првпат има работено со нас во 2014 година, а во последниве години постави претстави и кај нас и во Театар Комедија и во Битолскиот театар, но и во Албанија. Мислам дека таа млада енергија, особено на добро воспитани и начитани луѓе треба да се има предвид. Нивната голема амбиција ќе мора некаде да ја вметнеме. Би било подло да ги скратиме во нивните соништа и да го прекршиме нивниот елан за работа. Многу сум среќен што им дадовме можност да го покажат својот талент и да направат прекрасни претстави на нашата театарска сцена. Притоа следејќи ги тековите на светската драматургија, но не запоставувајќи ја и домашната драмска продукција. Ја поставивме претставата „Јазли“ по текст на Рефет Абази, со која сум многу горд. Режисерот Куштрим Бектеши го постави текстот во најдоброто можно светло. Текстот ја доби и наградата на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Публиката, исто така, многу добро ја доживува претставата. Апсолутно мислам дека е во ред да бидеме дел од тековите на европскиот, па и светскиот театар.

И во двете претстави што ги спомнавме ги носиш некои од главните улоги. Како успеваш да се трансформираш од функцијата директор во актер на сцената?

– Тоа е еден од најголемите проблеми со кои се соочувам, затоа што секогаш се обидувам работите и потребите на сцената да ги гледам како уметничко доживување, а не како продуцент на истите. Не би сакал на ниту една од претставите што ги поставуваме нешто да недостасува, или пак, да дојдеме до крајот на подготовката и за малку да недостигаат финансиски средства за да се реши нешто, а тоа да може многу да значи за претставата. Како и да е, многу им благодарам на режисерите и на нивната упорност да бидам дел од претставите.

Дефинитивно е многу напорно, но за сите овие години во кои управувам со установата сум, речиси, 24 часа во театарот. Може да кажам дека ми стана прв дом, а дома кај моите сум како во втор дом. Не знам колку се задоволни режисерите, но јас секогаш сум се обидувал да го дадам најдоброто од себе на сцена и како продуцент да го дадам најдоброто за претставите. Годините минуваат и можеби доаѓа време кога треба да се откажам од директорот и максимално да се фатам за работата како актер на сцената.

Претстава „Јазли“ по текст на Рефет Абази во режија на Куштрим Бектеши, каде Адем Карага го игра ликот на Мајсторот

Бев сведок на емоциите на публиката на твојата улога на Мајсторот во претставата „Јазли“. На одредени сцени се појавуваа и солзи. Самата улога, исто така, бара голем емотивен влог од страна на актерот. Како лично го доживуваш сопственото актерско зреење?

– Тоа не знам како да го објаснам. Може тој лик беше некаде внатре во мене. Може целиот живот така сум ги гледал работите. Мислам дека ако само малку подлабоко чепнеш во душата, тогаш таков лик може да се појави секаде. Одејќи по патот по кој ме водеа и текстот и режисерот на крајот излезе навистина убаво патешествие. Во целиот процес имаше многу емоции и многу убави приказни, прекрасни анализи на дожувување на работите што се изнесоа на сцената. Не ми е згодно да зборувам за својата работа и оставам за неа да зборува публиката, режисерите и сите оние кои ја гледаат нашата форма како таква.

Покрај трансформациите на театарската сцена, убедлив е твојот актерски израз и на филмското платно. Играше во „Врба“ на Милчо Манчевски, во „Три дена во септември“ на Даријан Пејовски, во „До балчак“ на Столе Попов. Сигурно има уште многу други. Се чини дека подеднакво си присутен и на филмското платно?

– Оваа година имав многу ангажмани и на театарската сцена и на филмското платно. Неодамна се одржа премиерата на „Софија“ во режија на Едуарт Гришај, филм на кој работев во Албанија. Прекрасен филм кој имаше светска премиера во Њујорк, а веќе се прикажа и кај нас и во Косово и во Албанија. Работев и на два други филма, кои се во подготовка. Тие се „Кома“ на Агим Сулејмани и „Сите ме викаат Реџо“ на Ибер Деари.

Во театар, покрај улогите во „Јазли“ и „Три сестри“, играв и во „Венецијанскиот трговец“ во режија на Ќендрим Ријани во театарот во Корча, во Албанија. И таа претстава беше дел од фестивалот во Скопје, а учествуваше и на „Шекспир фест“ во Битола. Оваа година планираме да ја реализираме и претставата „Балкон“ од Жан Жене, која ја почнавме уште пред пандемијата. Значи имав ангажирана и напорна година.

Со Албанскиот театар веќе аплициравме на Годишниот конкурс на Министерството за култура за следната година и се надевам дека, исто така, ќе имаме амбициозна програма, доколку го добиеме неопходниот буџет за нејзината реализација.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 157, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 3-4 декември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот