Интервју Даниела Колева, кандидатка на СДСМ за пратеник од Кавадарци: Кандидатурата е одраз на мојата општествена одговорност

Даниела Колева е млада, амбициозна и успешна жена, професорка и кандидатка за пратеник од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на претстојните предвремени парламентарни избори. Со Колева зборуваме за нејзините надежи и предизвици, за тоа зошто ја прифатила пратеничката кандидатура, за пандемијата, за жената и нејзината општествена улога во заедницата, зборуваме за нејзиниот град Кавадарци…

Професорке Колева, имате пристојна и угледна професија, работите долги години во образованието во вашето Кавадарци. Зошто ја прифативте пратеничката кандидатура на СДСМ на претстојните предвремени парламентарни избори?

– Вистина е дека доаѓам од професијата која е многу почитувана кај граѓаните, бидејќи ние професорите учествуваме во голем дел во градењето кадри кои во иднина ќе бидат предводници на ова општество. Кога ќе видам мои поранешни ученици кои денес се веќе возрасни и успешни луѓе, кои водат институции, имаат свои бизниси, учествуваат во политичкиот и во општествениот живот, тоа ме прави навистина горда. Што се однесува до прифаќањето на кандидатурата за пратеник, прво морам да кажам дека тоа е мојот личен предизвик, второ, затоа што СДСМ е демократска, инклузивна политичка партија, која се грижи за сите граѓани, и поради тоа што моите вредности се исти со вредностите на СДСМ. Во животот учев, се осознавав, се реализирав на професионален и семеен план, и во одреден период дојдов до точка во која општествената одговорност почна да доминира. Одговорноста што ја носи самата политичка активност и влијанието што таа го има врз животот на граѓаните на нашата држава е огромна, а воедно е и предизвик со кој треба човек да има способност да се носи.

Како пандемијата влијаеше на вашиот живот и дали техничката влада добро се справува со корона-кризата?

– Пандемијата направи пресврт во сечиј живот. Направи да се свртиме кон себеси и кон сопствените мисли. Прво беше стравот од непознатото. Гледавме слики и видеа од други земји, а немавме познавање за начинот на пренесување и за заштитата од вирусот. Имавме невидлив противник без преседан. Техничката влада навремено и целосно ги презеде потребните мерки за заштита. Бевме меѓу првите држави што воведоа карантин и полициски час, сè со цел да се заштитат граѓаните. Министерот Филипче беше неуморен, стабилен, ја смируваше и транспарентно ја информираше јавноста, а капацитетот на здравствениот систем одговори во целост. Од друга страна, пандемијата не е само здравствена криза, туку е и економска. Првиот сет мерки на Владата ги опфати најзагрозените сектори: туризмот, угостителството и транспортот со бескаматни кредити, плати и субвенции. Вториот донесе поддршка на приватниот сектор во износ од 14.500 денари месечно по работник, помош за спортистите, уметниците и половина просечна плата за граѓаните што останале без работа. Третиот сет мерки опфаќа платежна картичка во вредност од девет илјади денари за македонски производи и услуги, ваучер од шест илјади денари за домашен туризам и шест илјади денари поддршка за млади. Економската поддршка нема да запре со овие мерки.

Како се третира денес жената во македонската политика?

– Денес, за првпат, на една кандидатска листа може да видиме еднаква застапеност на мажите и на жените во секоја изборна единица. Тоа е голем напредок на СДСМ за вклучување на жените во политичкиот живот. Јас сметам дека е потребно многу труд и ангажман на самите жени за рамноправност во секој сегмент на животот. А рамноправност ќе се постигне само со иницијативи и заедничко делување на жените за подобрување на нивниот статус во општеството. Во некои сфери жените се, а во некои воопшто не се рамноправни со мажите. Еве, денес СДСМ им дава поддршка на жените претприемачи и на жените земјоделци, дури има и исплатени грантови за самовработување. Исто така, важна е еманципацијата на жената и добрата информираност. Да го цитирам Лисјен Февр: „Ништо не се случило важно во светот, додека најпрво не се случило во главите на луѓето“.

Во вашата биографија пишува дека сакате да ги менувате работите во општеството. Сте работеле со ранливи групи граѓани – самохрани мајки, лица со попреченост. Кажете ни нешто повеќе за вашиот општествен активизам.

– Ранливите групи граѓани се тема што заслужува внимание од целата јавност, особено од клучните фактори. Начинот на живот и неверојатната брзина со која се одвива ги остави овие луѓе на половина пат. Тие продолжуваат, не застануваат, но најпрво им е потребна поддршка за да се почувствуваат безбедни и сигурни, а потоа им требаат и повеќе средства  за да можат нормално да функционираат. Моите досегашни заложби се често вклучување во хуманитарни акции за помош на ранливите групи граѓани и покренување прашања за движењето на лица со инвалидитет. Моите заложби во парламентот ќе бидат сите овие прашања да се решат за да можат овие граѓани достоинствено да го живеат својот живот.

Имате ли поддршка, правите ли средби со граѓани? Ако бидете избрана за пратеник, како мислите да му помогнете на вашето Кавадарци?

– Да бидам искрена, премногу сум задоволна од поддршката што ми ја даваат граѓаните на Кавадарци, без разлика на нивната политичка припадност. Секој ден сум во комуникација со нив, ги слушам нивните сугестии, идеи и проблеми. Зашто, тие ќе бидат мој приоритет во парламентот, ако бидам избрана. Специфика на Кавадарци и на Тиквешкиот регион е одгледувањето грозје. Мојата работа како пратеник ќе биде насочена кон што поголемо финансирање и субвенционирање на лозарството, овоштарството, кон помагање на постојните винарници и отворање нови, бидејќи тоа е од суштинско значење за овој регион. Ќе се залагам за поголема поддршка на малите бизниси, кои се многу важни за отворање нови работни места, за промоција на туризмот, зашто Кавадарци и Тиквешијата изобилуваат со природни убавини. Ќе соработувам со сите невладини организации и граѓани кои се занимаваат со еколошките проблеми. Нивните сугестии и предлози мора да бидат претставени и реализирани со конкретни мерки и преточени во законски одредби. Накратко – ќе дадам сè од себе за да ги претставам моите сограѓани на репрезентативен и достоинствен начин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот