ИНТЕРВЈУ Бујар Османи: Барањето на Софија за внесување на Бугарите во Уставот е рамка за решение

Бујар Османи, министер за надворешни работи/Фото: Слободен печат

Јас се обидувам ова да го читам како саморефлектирање и обид на Бугарија процесот да се внесе во порационални рамки за да се дојде до решение. Претходниот пристап не беше прифатлив ниту за државата и граѓаните, ниту за меѓународната заедница, вели министерот Османи.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи во новиот наратив на Бугарија и барањето Бугарите да се внесат во Преамбулата македонскиот Устав гледа обид на Софија процесот на барање на решение да се внесе во нови рамки, за да се најде решение. Следната билатерална средба на тимовите на македонското и бугарското МНР е договорена за втората половина на ноември, по изборите во Бугарија. Министерот смета дека по предизборната жешка реторика комуникацијата меѓу двете земји ќе се нормализира, а предупредува и дека ако во декември не ги почнеме преговорите со ЕУ, постои реална можност Албанија да се одвои во процесот, а Македонија да остане во изолација.

* Кој е одговорот на македонското МНР на соопштението на бугарското МНР дека во вториот круг од локалните избори се вршела антибугарска кампања, која пак, поттикнува на дискриминација на граѓаните со бугарска самосвест?

– Се обидовме максимално како МНР и јас лично да ја заштитам оваа тема од дневните предизборни препукувања. Имавме лошо искуство со изборите во Бугарија, каде ова тема беше киднапирана во дневно-политичката битка и тоа наштети многу на самото прашање, на односите, на довербата, а добрососедските односи се клучни и во тоа инвестиравме многу. Генерално сум задоволен од тоа колку политичките партии не го инволвираа ова прашање во дневно-политичките препукувања, за на крај во последните денови да стане повеќе мета на партиите, што ја предизвика и оваа реакција, но, се обидуваме сето тоа да го ставиме во контекст на предизборната атмосфера.

* Зошто дозволивте во кампањата да се користи бугарското државјанство како аргумент за политичка компромитација на кандидат за градоначалник со зборови како бугарска кметица, кога е лесно предвидливо дека тоа ќе предизвика реакција од Софија дека кај нас се негува говор на омраза кон Бугарија и дополнително дека тоа е спротвно на член 11, став 6 од Договорот за добрососедство?

– Во двете држави, посебно во Бугарија, ова прашање беше искористено во предизборната атмосфера. Ако правиме анализа, сите ќе се согласиме дека оваа тема беше повеќе експлоатирана во Бугарија, отколку кај нас. Затоа и реков дека сум задоволен колку партиите се воздржаа освен овој излет на крајот, каде наместо темата да биде транспарентноста, се сведе на тоа дали има државјанство од една или друга држава. Се обидуваме тоа да го ставиме во контекст на предизборието, каде се дозволува и повеќе, па затоа сакаме да ставиме црта и да продолжиме со нормалната комуникација и обидите за надминување на разликите.

* Сметате ли дека новиот наратив на Софија дека Скопје загрозува права на бугарски државјани кои се и државјани и на ЕУ сега повеќе поминува во ЕУ отколку претходниот, во кој клучни беа историските и идентитетските барања кон нас?

– Тоа објаснување дека наративот ќе го адаптираме за да биде поприемчив кон меѓународните партнери не мислам дека е чесен пристап кон прашањето. Јас се обидов тие ставови за дискриминација на граѓани врз етничка основа да ги аргументирам, да соберам информации. Анализиравме дали во Комисијата против дискриминација има поплаки дека некому му се ускратуваат права врз основа на етничка припадност и немаше ниту една. Повикав јавно ако некому му се ускратува правото да ми се јави мене или во МНР. Многу е важно пред нашите партнери да имаме аргументи дали ова нивно обвинување има основа или не. Досега немаме потврда од ниедна институција за такви поплаки. Тоа не исклучува дека нема во праксата, но јас немам добиено аргументи за тоа.

Но, јас во оваа промена на ставот на Република Бугарија, која може да биде од различни намери, гледам решение кое е различно од првичниот пристап, кој претпоставуваше сите граѓани на РСМ да прифатат една апсолутна историска вистина и една форма на идентитетско изразување во минатото. Затоа реков решението на овој проблем има три збора – право на самоопределување. Наместо да се наметне на сите граѓани, да се овозможи секој да има право да се организира во етничка група и да ги манифестира своите етнички и културни атрибути. РС Македонија е препознаена можностите на граѓаните да ги заштитат и промовираат индивидуалните и колективините права, за разлика од Бугарија, каде односно организирањето во етнички групи е забрането. Затоа ова поместување на ставот може да биде излезно решение – граѓаните кои го прифаќаат тој историски наратив и ги чувствуваат како свои тие атрибути, да имаат право да ги манифестираат, а државата да ги гарантира и никој да не биде дискриминиран. Во тој правец да се движи решението, оти другото е надвор од европските стандарди и од можноста да се најде решение.

* Зошто најновото барање за вметнување на Бугарите како малцинство во македонскиот Устав од нашиот државен врв се толкува како можност за решение на проблемот, кога Софија истакнува дека нема да отстапат од Декларацијата на нивниот Парламент усвоена со општ консензус според која, меѓудругото, Македонците се вештачка нација измислена од Тито, а македонскиот јазик е бугарски дијалект? Отстапија ли Бугарите од тие позиции?

– Ова поместување во нивнатата првичка позиција и декларација е логичен чекор по билатераните разговори и вклучувањето на меѓународната заедница на кои се покажаа како нерационален пристап. Јас се обидувам ова да го читам како саморефлектирање и обид на Бугарија процесот да се внесе во порационални рамки за да се дојде до решение. Претходниот пристап не беше прифатлив ниту за државата и граѓаните, ниту за меѓународната заедница. На масата имаме две траектории. Едната е европскиот процес со предлогот на португалското претседателство, каде се третира прашањето, пред се, на јазикот и позицијата на патоказот во преговарачката рамка. Другата траекторија билатералниот процес, а тоа е е дефинирање на патоказот во кој имаме пет точки. Шестата точка не е формално во разговорите, повеќе е дел од процесот на саморефлексија во бугарското општество дека треба да се најде едно излезно решение од ова заглавување на односите меѓу двете држави. Во целиот пакет има и трета точка, зеленото светло за првата меѓувладина конференција. Разговараме за сите нив.

* Условот од наша страна, кој го истакна и премиерот Зоран Заев е да биде тргнато ветото за ние да го прифатиме патоказот…

– Тоа треба да биде дел од пакетот. Имаше предлози ние да почнеме со имплементирање на евентуално договорените прашања, а потоа да се процени дали да се даде зелено светло, но тоа нема да влијае на довербата и нема да биде позитивно за намалување на разликите. Оти, целта не е само почеток на преговорите со ЕУ, туку подобрување на односите. Може ние на кратко да имаме проблеми со едно или друго прашање, но мора да сфатиме дека целта е пријателство меѓу двете држави и важно е довербата да се гради врз основа на тој пакет во кој ќе го има и нашиот фокус.

* Што конкретно тие бараат сега и што подразбираат под цврсти правни гаранции кои ќе обезбедат трајност на договореното? Дали бараат нов договор или измени на постоечкиот?

– Таа правна гаранција е позицијата на патоказот во рамката, а тоа го утврдува ЕУ. За ЕУ е важно дали билатералните прашања ќе го ориентираат пристапниот проце или не. ЕУ ја засега заштитата на самиот процесот, оти ако ги внесеме сега билатералните прашња ќе стане преседан и секоја држава утре ќе бара билатералните прашања со своите соседи да ги става во преговарачките процеси. Така нема да имаме европеизација на кандидатите, туку билатерализација на кандидатите, односно надминување на билатерални разлики, со што се губи атрактивноста на европската идеја. Кандидатите нема да сакаат да влезат во тој процес каде на крај нема да станат европејци, туку ќе станат нешто што некоја членка го има како визија. Во тој дел ЕУ го штити процесот, а за нас е важно на билатерална основа да ги дефинираме тие пет точки. Мислам дека со овој сменет пристап, независно од намерите, гледам излезно решение и треба да го насолиме натаму, односно граѓаните да можат да ги манифестираат своите атрибути, а со вклучивање на бугарската заедница во Уставот ќе ги тргнеме сите аргументи.

* Ако во декември не биде усвоена преговарачката рамка, за очекување е дека Албанија ќе побара да се одвои, но колкава е можноста ЕУ да отстапи од позиција дека двете земји ќе се интегрираат во пакет, за да создаде амбиент дека евроинтеграцијата на Западен Балкан продолжила? И што тоа ќе значи за нас, за довербата во ЕУ-процесот и за стабилноста во регионот?

– Процесот се заснова на индивидуални заслуги. Во овој контекст одвојувањето би било лошо сценарио за нас. Би се создала перцепција дека процесот се движи, а ние би останале изолирани. Важно е и за Албанија и за нас да се движиме заедно, затоа што се поттикнуваме, се создава синергија, разменуваме искуства итн. Тој ризик реално постои, има земји кои мислат дека тоа не е добро за регионот, но ако во декември не успееме, ќе има обид да се одвојат двете земји од пакетот.

* Законот за локална самоуправа не е изменет и не е усогласен со новото уставно име на државата заради што има ситуација во одредени општини членовите на Советите да ја потпишуваат заклетвата со старото уставно име. За измени е потребно двотретинско мнозинство, што најверојатно е причината што не е усогласен. Како ќе се реши оваа ситуација?

– Ја следам дебатата во која се тврди дека Преспанскиот договор предвидува постепено имплеменрирање на новото име според отварањето на поглавјата од преговорите со ЕУ. Забораваме дека тоа важи додека немаме ново име. Во моментот кога единственото име на државата е Република Северна Македонија, сите ние сме должни да го почитуваме Уставот. Независно што кажува Законот за локалната самоупава или Преспанскиот договор, сите сме должни да го почитуваме највисокиот правен акт и да го имплементираме во сите нивоа на државната и локалната власт. И тука нема дилема и нема потреба од дебата. Да, во меѓувреме треба да се адаптира Законот за локална самоуправа, но тоа не значи дека треба да се дерогира Уставот заради недоследности во одредени правни акти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот